1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Матијас Плацек нов претседател на СПД

Јудит Хартл16 ноември 2005

Пред Плацек стојат сериозни задачи за обединување на партијата по споровите од последните години

Матијас Плацек
Матијас ПлацекФотографија: AP

Редовниот избор на претседател отпорано беше на дневен ред на Конгресот на Социјалдемократската партија на Германија. СПД во Карлсруе, но до пред две недели беше незамисливо дека Плацек ќе биде кандидат за функцијата. Оставката на Франц Минтеферинг доведе до брз развој на настаните.

Самиот Плацек веројатно не сметал на таков резултат: 99,4 насто за, само 2 гласа против и еден воздржан – најдобар резултат на некој шеф на СПД за последните 50-ина години. Френетично славје, повеќеминутен аплауз. „Изборот го прифаќам многу радо. По малку сум трогнат. Еден од источногерманските другари ми рече: ’Не се секирај, резултатот потсетува на старите времиња, но овој резултат секако е регуларен‘. Оттука, можам по малку и да се радувам, секако знаејќи дека тој одвај да може да се подобри. Во секој случај ќе сторам се’ овој огромен кредит од доверба да го вратам преку, се надевам, добра работа. Сите ние и во часот на радост треба да останеме цврсто на земја“ – рече Плацек непосредно по изборот.

Тој сега мора да се докаже, оти малкумина навистина го познаваат . Во партијата е од пред само 10 години и досега малку падна в очи на сојузно ниво. Но, со начинот на кој зборува успева да ги привлече луѓето на своја страна – тоа стана јасно на партискиот конгрес. Се чини дека многумина веруваат оти ќе биде во состојба повторно да се погрижи за единство во партијата по споровите во последните години. „Мислам дека во моментов доживуваме пресврт и кај политичарите. Населението навистина се засити од популисти што се ставаат во преден план. Тоа се забележува и при изборите на покраински премиери последниве години. Луѓето сакаат политичари ориентирани на суштината, сакаат да разберат што им се намерите, каде се решенијата, а не само трчање по ефекти“ – вели еден од делегатите. Друг додава: „Тој јасно кажа дека во преден план стојат важните историски традиционални теми: образованието, социјалната праведност, еднаквоста на шансите и чувството дека размислуваме интернационално. Сето тоа многу уверливо го искажа“.

Плацек призна дека биле направени многу грешки во партискиот врв и вети дека ќе биде зачувана и натамошно развиена способноста за грешките отворено да се разговара и да се надминуваат во другарска атмосфера. Омилен збор во говорот му беше доверба: сака повторно да ја придобие довербата на граѓаните и да се врати самодовербата кај партиската база – оти само заеднички може да се излезе на крај со предизвиците на иднината.

Тој го доби и посакуваниот генерален секретар на партијата: Хубертус Хајл, 33-годишен, побргу спорен, зашто придонесе во сегашната криза која доведе до оставката на досегашниот претседател на СПД Франц Минтеферинг.

На Матијас Плацек му претстои многу работа: внатрешно да ја обедини партијата, да дејствува порамнувачки меѓу различните крила и да ја подготви партијата да проголта и по некој горчлив залак, оти СПД како партнер во големата коалиција ќе биде принудена и на тоа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми