1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Deutschland ist einer der größten Waffenexporteure der Welt.

8 октомври 2011

Германија е еден од најголемите извозници на оружје во светот. За таквите зделки меѓутоа парламентот дознава многу малку - и што е уште поважно - многу доцна. За споредба, во Велика Британија е поинаку.

Тенк од типот „Леопард 2“Фотографија: picture-alliance/dpa

Британскиот пратеник, сер Џон Стенли, добро знае какви зделки со оружје одобрила владата во Лондон во последно време. Тој е имено претседател на парламентарниот одбор за контрола на зделките со оружје и секои три месеца добива извештај. Пред колегите во германскиот парламент Стенли нагласи дека тој и другите членови на одборот поставуваат прашања за зделките што им се сомнителни од политички аспект. Така, британската влада само од почетокот на „арапската пролет“ повлекла над 150 веќе одобрени зделки со оружје и тоа, пред се’, поради сомнежите на пратениците дека тоа може да биде злоупотребено.

Германските пратеници немаат такви права

Неговите германски колеги од Бундестагот не можат да се пофалат со слични искуства. Тие во септември 2011 уште го немаа добиено извештајот на владата за извоз на оружје во 2010-та година. Некои од германските пратеници се жалат дека кога конечно извештајот стигнува, зделките содржани во него најчесто веќе не се политички актуелни, така што избраниците на народот не можат да сменат веќе речиси ништо. Најнов пример за таквата практика беше големата прашина што неодамна во Берлин се крена по објавувањето на информацијата во медиумите дека владата на Меркел одобрила продажба на 200 тенкови за Саудиска Арабија. Со оглед дека таму владее авторитарен режим и дека тој испрати токму тенкови против демонстрантите во соседен Бахреин, отпорот на германските пратеници е сосема оправдан.

Владата одби да даде информација: државниот секретар при Министерството за финансии, Ханс-Јоахим Ото во БундестаготФотографија: picture alliance / dpa

Владата незасегната

Но, владата во Берлин студено одреагира на јавните апели на пратениците. Таа имено, според законските одредби, има право да решава за зделките со оружје и не стои под обврска да мора веднаш да ги објави, туку дури во соодветниот годишен извештај. Владиниот портпарол ниту ја потврди, ни ја демантира информацијата во медиумите.

Правните експерти критикуваат дека ваквата практика го нарушува уставното право на претставниците на народот, кои седат во парламентот, да ја контролираат работата на владата. А пратеникот на Партијата на левицата, Јан ван Акен, оценува дека однесувањето на владата околу зделката со тенкови за Саудиска Арабија јасно покажува оти таа знае дека донесла погрешна одлука. Парламентот мора да биде информиран за така големи зделки, бара Ван Акен. Во тој случај пратениците би можеле да извршат јавен притисок врз владата да не дозволи испорака на германско оружје во кризни подрачја и земји, каде не се почитуваат човековите права.

Протест на невладините организации против зделката со Саудиска Арабија пред зданието на БундестаготФотографија: dapd

Обврзувачки принципи

Пратеничката од опозициската Партија на зелените, Катја Којл, пак, инсистира насоките за продажба на оружје да добијат законски карактер. Тие инаку, сега немаат обврзувачки карактер и владата може, но не мора, да се придржува до нив.

Во секој случај, на парламентот му требаат информации за да може да изврши соодветно влијание врз владината политика, тврди и Сибиле Бауер, експерт за контрола на трговијата со оружје при Институтот за истражување на мирот со седиште во Стокхолм. „Кога некоја земја знае дека треба да ги правда одлуките пред парламентот или воопшто во јавноста, тогаш ќе донесува повнимателни одлуки, а понекогаш сигурно ќе донесе и поинакви одлуки“, тврди експертката од Институтот СИПРИ.

Германија заостанува

Последните неколку години донесоа тренд на зголемена транспарентност на европските влади во поглед на извозот на оружје. Поголем број земји дури со закон ги обврзаа владите да подобрена информативна политика на овој план. На ова поле Германија видно заостанува. Пратениците на опозицијата сметаат дека со сегашната владина коалиција таква законска обврска не би ни имала шанси. За жал, искуствата од минатото покажуваат дека при промената на власта ставот на победничките партии кон тајноста на зделките со оружје многу брзо се менува.

Автор: Нина Веркхојзер / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми