1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Мајка на загинат руски војник: „Тоа е крвопролевање“

Оксана Иванова
29 март 2022

Евгениј, 26-годишен руски војник, загинал во текот на првите денови од нападот врз Украина на аеродромот Хостомел кај Киев. Неговата мајка, без оглед на тоа, ги оправдува постапките на Русија во Украина.

Ukraine-Krieg | zerstörte russische Panzer
Фотографија: IRINA RYBAKOVA/UKRAINIAN GROUND FORCES/REUTERS

Руската агресорска војна против Украина почна на 24 февруари. Владимир Путин ја опишува како „специјална воена операција во Донбас“. Во војната гинат и руски војници. Тие, како и членовите на нивните семејства, очигледно најчесто до последен момент не знаеле каде ќе бидат испратени.

Рускиот војник на договор Евгениј, со чин постар водник, загинал близу  Киев  во првите денови од војната. Овој 26-годишник никогаш претходно не учествувал во борбени дејства. Пред војната служел во Националната гарда, која ги разбивала протестите во Москва. Подоцна работел како кинолог, експерт за кучиња.

До јануари оваа година, неговата мајка Наталија (вистинското име е променето), како што вели, воопшто не се интересирала за случувањата во Украина. Иако сега го изгубила синот, таа, како и руската власт и државните медиуми, ја оправдуваат руската инвазија врз Украина. Меѓутоа, Наталија смета дека ова е вистинска војна, а не „специјална операција“.

Дојче веле реши да го објави интервјуто со неа како сведоштво на мајка која го загубила синот во војната почната од Русија против Украина. 

Протагонистката на интервјуто дава изјави за  војната спротивни на моментната ситуација. Но, ДВ реши да ги остави во текстот. Нејзините изјави се јасен доказ за долгогодишната работа на руската државна пропаганда.

ДВ: Наталија, како се чувствувате?

Наталија: Многу ми е тешко и страшно боли. Но, што можам, никој нема да ми го врати синот.

Како Евгениј стана војник на договор?

Веднаш по завршувањето на училишните испити во 2014 отиде во војска. Беше припадник на специјалната единица на воената разузнавачка служба ГРУ. Подоцна беше префрлен во друга специјална единица во друг град. Уште тогаш му нудеа договор. Некако успеав да го разубедам, зашто тоа значеше заминување на задачи во кризни подрачја.

Тој потоа залудно се обидуваше да добие работа во истражен затвор, подоцна се пријави за работа во полиција и работеше во службата за обезбедување. Но, работата не му се допаѓаше, па реши да потпише договор за војник. Дозна дека „купувачите“ ќе дојдат од Москва и ќе вршат регрутација во блиско место. Веднаш беше примен, ни остана само една вечер да се збогуваме. Евгениј служеше во Националната гарда. Тоа многу му се допаѓаше и стана водник. Разбиваше демонстрации во Москва. Исто така беше распореден во Калининград на три месеци, зашто таму планираа протести.

А потоа рече дека е уморен од тоа и во 2017 година премина во Кинолошкиот центар на Националната гарда и доби син. Сопругата ја познава од времето кога работел во службата за обезедување. Таа се пресели кај него во Москва, се венчаа и живееја во една изнајмена соба. Подоцна Евгениј доби мал службен стан во новоизградена зграда во воена населба.

Како почна неговата приказна за Украина?

Беше на крајот на јануари, 25 или 26. Син ми ми се јави и ми рече дека ги праќаат во Смоленск ( град на запад на Русија, околу 79 километри од границата со Белорусија, р.з.), на воени маневри со Белорусија. Го прашав: Ме лажеш? Какви маневри?“. Истражував на интернет и навистина видов дека постојат тие маневри, но дека се завршени. Продолжив да пребарувам и сакав да знам каде имаме воена состојба. Мислев на Казахстан, не ни помислував за Украина. Дури утрото ми падна на ум дека во Украина има немири.

Тоа значи, Вие знаевте дека Вашиот син нема да биде распореден на маневри?

Да. Му кажав на Евгениј дека не сум глупава и мислам дека нема да оди во Смоленск. Барав да се фотографира на железничка станица во Смоленск. Тој се насмеа. Пребарував и натаму и ми стана јасно дека ќе оди во Украина, ми беше јасно дека таму нешто конкретно се случува.

Секако дека сакав да го разубедам. Му реков дека можеби нема да се врати. Ми одговори – Што зборуваш такви глупости? Воопшто не беше свесен каде го праќаат. Или толку им бил испран мозокот што мислеле дека одат на маневри, или пак знаел, но не можел да претпоставува дека ќе дојде до такво крвопролевање. Веројатно тоа никој не го помислил, па ни самиот  Путин.  Нешто тргнало на лошо.

Кога го вратија мртов, се прашав зошто не отидов во Москва да го разубедам. Можеби нему не му било јасно, но мене ми беше. Многу ме сакаше и можев да го одвратам со вистински аргументи. Но, кога нешто ќе наумеше, одеше до крај. Тој никогаш не би одбил наредба.

Крајно, отиде како дел од специјална единица. Евгениј беше единствениот кој бил распореден од неговата единица, зашто недостигал само еден кинолог.

Дали останавте во контакт со него?

Отиде на 13 февруари. На шега го прашував дали му се доаѓа Смоленск и што добиваат за јадење. Ми рече само дека сѐ е во ред. Оттогаш контактиравме само уште трипати, но пократко од една минута. Рече дека е жив и здрав. И секогаш велеше дека сака да ѝ се јави на сопругата.

Последен пат се јави на 24 февруари утрото, кога сѐ почна. Преку Ватсап на пријателот ми напиша: „Мамо, војната почна“. Му реков: „Сине, го гледам тоа на телевизија“. Ми одговори: „Замисли, цела чета наши момци е убиена на граница. „Прашав: „Каде?“, „На граница, мамо“, одговори. На прашањето каде е тој, неговиот одговор беше: „Во Смоленск, мамо“. 

Мислам дека и тој бил тука некаде во близина, зашто само од граница можело да се долета до тој аеродром (Хостомел кај Киев, р.з.) Таму наводно се спуштиле 200 „Спартанци“, како што ги нарекуваа. Тие биле топовско месо. Не знам зошто ова било толку лошо испланирано. Мислеле дека го зазеле аеродромот и тогаш пукале на нив.

Му реков, „Сине, издржи“. Одговори: „Чао мама. Немам веќе време. Кажи ѝ на жена ми дека сѐ е во ред“. Од тогаш, до 8 март од него не чувме веќе ништо.

Како ги поминавте тие две недели без контакт со него?

Постојано го носев мобилниот телефон со мене. Мислев дека кај некои цивили ќе дојде до некој телефон. Со денови гледав телевизија и пребарував по интернет. Се надевав дека некаде ќе го здогледам неговото лице. Секој ден одев во црква, палев свеќа и се молев за него. Но, тој веќе бил мртов. Не мислев дека е мртов.

Уште на 24 февруари Евгениј беше во Хостомел. Тој не загинал на 27 февруари, како што тврди умреницата, туку многу порано, веројатно на 24 или 25 февруари.

Зошто мислите дека е така?

Прочитав на интернет дека нашите војници на 24 февруари го зазеле Хостомел, по што сите наши момчиња биле испратени таму. Тогаш се нашле под стрелба од Киев. Нашите момчиња биле опколени и никој не им помогнал. Цел ден биле гранатирани и бомбардирани. Мора да се замисли дека аеродромот е отворено поле.

Веќе на 25 февруари нашите војници повторно го зазедоа Хостомел, а на 26 февруари е пронајден Евгениј. Добро е што бил означен. Беше во специјална единица и не беше првпат тие момци да бидат на специјална задача. Очигледно е дека нивна специфичност била тоа пред борба на стомак да го испишуваат бројот на единицата и своето име. Така и можел толку брзо да биде идентификуван.

Но, мене ме известија дури на 8 март. Околу 13,30 ми се јавија од неговата единица и ми рекоа дека син ми паднал во борба близу Ростов (Ростов на Дон, град на југ на Русија, околу 60 километри од украинската граница, р.з.). Тогаш скоро го загубив разумот.

Живот под земја во Украина

01:39

This browser does not support the video element.

Близу Ростов на Дон?

Да, ми рекоа: „Имаме лоши вести за Вас“. Вреснав, сфаќајќи што се случило. „Вашиот син загина во битка кај Ростов на 26 февруари.“ Не знам зошто е така пријавено. Можеби затоа што Евгениј бил во мртовечница во Ростов и таму немале точни информации.

Дали во текот на последните години разговаравте за Украина со Евгениј?

Да бидам искрена, не. Дури кога видов нешто на телевизија, ми беше жал што се случува во Донбас. Дури на крајот на јануари почнав да се занимавам со тоа и да откривам каде оди мојот син и што се случува таму. 

Знаете ли зошто почна оваа војна?

Мислам дека ние не ги бомбардиравме први Украинците, тие нѐ бомбардираа. Веројатно морало да дојде до бомбардирање, немало друг избор. Но, нешто тргнало на лошо, кое никој не го очекувал. Сега, кога веќе загинаа толку многу војници, не може да се запре. Мора да се продолжи до победа.

Знаете ли што прави Русија во Украина? За што се борел Евгениј?

Мојот син се бореше за нас, за Русија и Русите. За да можеме да телефонираме, да пиеме и да јадеме. Тој не загина таму залудно, туку за нас, да живееме долго и среќно, да нема војни, да не паѓаат бомби врз нас.

Во Русија е забрането овој судир да се  нарекува војна. Дали Вие го гледате како војна или како „специјална операција“?

Не, јас не го гледам како специјална операција. Ова е вистинска војна. Сфаќам дека не смее да се нарече така, но тоа е војна. Тоа е крвопролевање.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми