Мајка Тереза беше прогласена за светица од Папата Франциско на утринската миса на плоштадот Св. Петар во Рим на која присуствуваа повеќе од 100 илјади верници и гости од целиот свет.
Реклама
Папата Франциско претпладнево ја прогласи Мајка Тереза за светица, оддавајќи и почест на калуѓерката која се грижеше за болните и сиромашните во светот и израсна во симбол на Католичката црква.
Низ плоштадот Св. Петар во Рим се разнесе громогласен аплауз дури и пред Папата Франциско да ги каже последните зборови од канонизацијата на Мајка Тереза, наведувајќи ги чудата кои и се припишуваат на калуѓерката. Канонизирајќи ја за време на јубилејната Година на милоста, Папата на некој начин ја направи икона на својот понтификат.
Мајка Тереза- животот на една светица
02:17
Околу 100 илјади верници и гости од целиот свет ја следеа мисата. Посетата не успеа да ја достигне бројноста од 2003 година, кога Мајка Тереза беше прогласена за блажена, најмногу поради засилените безбедносни мерки во Ватикан каде се стравуваше од терористички напади.
Мајка Тереза: Граѓанката на светот од Балканот
Родена во Скопје како Агнес Гонџа Бојаџиу, Мајка Тереза целиот свој живот им го посвети на сиромашните. Во Македонија, Албанија и Косово многу објекти потсетуваат на нејзиниот живот и работа.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Adams
Спомен плоча
Мајка Тереза е родена во центарот на Скопје. Нејзината родна куќа е разурната во земјотресот во 1963 година. На ова место денес има спомен плоча. „Светот не е гладен само за леб, туку и за љубов.“
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Спомен куќа
Спомен куќата за Мајка Тереза се наоѓа на местото каде што пред земјотресот во Скопје стоела католичката црква, каде била крстена големата мисионерка. Во музејот има објекти од животот на Мајка Тереза во Скопје и реликвии од нејзиниот подоцнежен живот.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Споменик
Пред спомен куќата во центарот на Скопје, е поставен споменикот на Мајка Тереза. Таа е претставена со склопени раце и карактеристичната облека за нејзниот ред. Редот Сестри на Милосрдието е активен ширум светот, а неколку сестри има и во Скопје.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Автопат
Животниот пат на Мајка Тереза почна во Скопје, а заврши во Калкута. Патот кој денес го носи нејзиното име треба да биде поврзница на Македонија со Албанија на исток и Бугарија на запад. Коридорот осум, кој го носи името „Мајка Тереза“ е сѐ уште во изградба. До 2018 година, според најавите, треба да биде завршен делот Кичево-Охрид.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Аеродром во Тирана
Во 2003 година аеродромот во Тирана го доби името „Мајка Тереза“. Тоа е единствениот меѓународен аеродром во Албанија.
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Shkullaku
Катедрала во Приштина
Во 2010 година во Приштина беше осветена катедралата „Мајка Тереза“. Катедралата се градеше седум години. Католици на Косово има малку: само околу 5 проценти од населението е со католичка вера.
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/V. Xhemaj
Куќа на семејството
Во оваа куќа во Тирана, во периодот од 1930 до 1946 година, живееле мајката и сестрата на Мајка Тереза. Мисионерката за време на својата прва посета на Албанија, во 1989 година, ја посети и оваа куќа на улицата „Хајдар Хиди“.