Мајкрософт го купува Скајп
10 мај 2011Конкурентите Фејсбук и Гугл се исфрлени од трката за купување на Скајп. Тој ќе премине во рацете на Мајкрософт за речиси 6 милијарди евра, а парите треба да бидат исплатени во кеш. Ова е најголемото преземање во 36-годишната историја на Мајкрософт. Според аналитичарите, цената е превисока, дотолку повеќе што Скајп во 2010 година беше во минус. Но, Мајкрософт сака да се носи со Епл и неговиот Ајфон, како и со Гугл и неговиот систем на пребарување.
Скајп во 2010 година имаше повеќе од 500 милиони регистрирани корисници. Oд нив, секој месец понудата на Скајп ја користеа околу 145 милиони луѓе, а за услугите плаќаа само 8,1 милион корисници. Концернот минатата година забележа минус од седум милиони долари. Дали купувањето на Скајп ќе биде мајсторско дело или бездна за Мајкрософт - тоа е едно од највозбудливите прашања во светот на информатичката технологија. Софтверскиот гигант, во секој случај, настојува по секоја цена да стане противтежа на Епл и Гугл во интернет-ерата.
Автор: ЕМФ/ртр
Редактор: Трајче Тосев