МВР молчи, СДСМ бара одговори за настаните во Куманово!
9 мај 2015![](https://static.dw.com/image/17091624_800.webp)
МВР утринава спроведе акција против вооружена група која имала за цел да организира напад врз државни институции, изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски на денешната прес-конференција. Според МВР, станува збор за добро вооружена група која извршила напад од автоматско оружје и со бомби. Тој истакна дека специјалците наишле на силен и жесток вооружен отпор од страна на, како што рече, терористите. Котевски додаде дека поради специфичноста на теренот, кој е со тесни учички, е дополнителен ризик за полициските сили, заради што вршат тактичка операција и претрес на сите куќи.
Поради чувствителноста на состојбата, Котевски истакна дека нема да соопштува повеќе детали.
МВР апелира до граѓаните да останат во своите домови.
Во исто време со прес-конференцијата во МВР, изјава даде и лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги повика граѓаните на смиреност и присебност, да не подлегнуваат на мрачни сценарија за предизвикување конфликтнoст и дестабилизација на Македонија.
„Го повикувам Никола Груевски веднаш да излезе пред граѓаните на Македонија и да им објасни кој, зошто, со каква цел ја дестабилизира Македонија? Дали и зошто криминални групи од територијата на соседните држави влегуваат во Македонија? Кој ги организира и со каква цел? Истото треба да го направи и Али Ахмети. Жртви се граѓаните и Македонци и Албанци, и полицајци и цивилно население. Сега најважно е да му се помогне на цивилното население и да му се обезбеди и гарантира сигурност и безбедност. Црното сценарио нема да успее. Граѓаните препознаваат кој има интерес од вакво сценарио и нема да дозволат да бидат вмешани во ваквото сценарио. Македонците, Албанците и сите други граѓани се заедно како никогаш досега. Убеден сум дека тоа така и ќе остане“, потенцираше Заев.