Медведев го повика „непослушниот“ министер на оставка
26 септември 2011
Шефот на Кремљ Дмитри Медведев смета дека изјавата на Алексеј Кудрин е неодмерена. Единствена исправна последица по вакво однесување, според Медведев, е поднесување оставка. Кудрин, пак, од своја страна, изјави дека сака да разговара со премиерот Владимир Путин.
Кудрин, кој се смета за еден од најлибералните членови на кабинетот на Путин и се придржува до строг курс на штедење, има поинакви ставови од ставовите на Медведев што се однесува до економската политика. Тој, на пример, го критикуваше зголемувањето на давачките за војската, што силно го оптовари рускиот буџет и стопанството, а земјата и натаму силно ќе зависи од извозот на нафта.
Медведев би требало наредната година, по истекот на претседателскоиот мандат, да стане премиер на Русија, додека Путин би требало да седне повторно на претседателската фотелја.
Според Уставот, претседателот на земјата не може директно да го отпушти министерот, но тоа може да го стори на барање на премиерот.
Автор: ЕМФ/дпа/дв
Редактор: Б. Георгиевски