1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медиумите „на преглед“ во Работната група

Катерина Блажевска9 ноември 2015

Елиминирање на политичките влијанија, но и почитување на професионалните стандарди, се предизвиците на медиумските реформи, за кои денеска ќе почнат разговори во Работната група

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во собраниска процедура денеска ќе влезат сите закони од Договорот во Пржино, за кои партиите постигнаа согласност минатата недела: законите за Влада, за заштита на приватноста, за заштита на дојавувачите, за измените на Изборниот законик, како и за Одлуката за формирање собраниска Анкетна комисија за прислушуваните разговори. Се очекува законските решенија да бидат донесени пред објавувањето на Извештајот на Европската Комисија. Паралелно со тоа, Работната група од денеска треба да започне разговори за реформи во медиумската сфера, пред се, за јавниот радиодифузен сервис МРТВ и за обезбедување целосна независност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Треба да се договорат конкретни решенија со кои ќе се елиминира политичкото влијание врз медиумите и ќе се обезбедат поголеми медиумски слободи.

Лош старт

Увертирата во стартот за преговорите може да се оцени како тензична, ако се суди според меѓупартиските обвинувања во изминатиот викенд, за прашањето - кој ја задушил слободата на медиумите? СДСМ за ниското ниво на медиумски слободи прстот го впери директно во премиерот Груевски.

„Во изминатите 10 години Груевски ја задуши слободата во медиумите. Парите на граѓаните најдрско ги злоупотреби за притисок врз медиумите и воспоставување контрола. По 24 април, во слободна Македонија предводена од СДСМ, слободата на медиумите ќе биде загарантирана. Правото медиумите слободно да работат и да известуваат во интерес на јавноста, ослободени од било каков притисок, ќе биде обезбедено“ соопшти СДСМ.

Фотографија: Petar Stojanovski

Одговорот од политичкиот опонент стигна експресно.

„Кога СДСМ зборува за медиумски слободи, е исто како Ал Капоне да зборува за редовно плаќање данок. СДСМ е единствената партија која организираше протест пред приватен медиум упатувајќи закани заради уредувачката политика. СДСМ е единствената партија која организираше протест пред националниот сервис, заканувајќи се со насилно преземање на уредништвото на МРТВ. За СДСМ добар медиум е само медиумот кој ги игнорира нивните погубни политики и се сложува со нивните лаги и манипулаци. Народот ќе ги казни ваквите бесмислици на 24-ти април. Часовникот им отчукува“, одговори ВМРО-ДПМНЕ.

Ал Капоне е литературата на ВМРО-ДПМНЕ, реплицираа социјалдемократите.

„Добро научиле од неа. Груевски и неговите соработници дури и го надминале Ал Капоне. Граѓаните лично се уверија во тоа преку проектот Вистинатa за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ повеќе не може против една работа - вистината. Македонија е најлошо рангирана по слобода на медиумите од сите земји во Европа и регионот на Западен Балкан, според 'Репортери без граници'. Состојбите со контролата на власта врз медиумите се најдоа и во меѓународните извештаи на ОБСЕ/ОДИХР, на ЕУ, во Извештајот на експертската група на Рајнхард Прибе“, посочи СДСМ во реакцијата.

Како до независност?

Зад ваквите јавни пресметки, ниту една од партиите учеснички во преговорите не открива со какви конкретни предлози ќе седне на преговарачката маса. СДСМ во неколку наврати најави дека ќе се залага за целосна финансиска независност на МРТВ, преку фиксна ставка од буџетот која нема да се менува без разлика која политичка гарнитура е на власт. Двете новинарски здруженија, ЗНМ и МАН, предлагаат 1 отсто од националниот буџет од претходната година да се одвојува како гарантирана годишна финансиска ставка за Јавниот сервис. Средствата да се делат на 12 еднакви рати и по автоматизам да се слеваат на сметка на МРТ најдоцна до 5-ти во месецот. Остатокот од средствата да се обезбедуваат од наплата на радиодуфузна такса, но и од приходи од реклами, закупнини, продажба на програма и други комерцијални услуги.

Околу обезбедувањето на заштита од политички влијанија, секое здружение предлага различни мерки. Но, бидејќи финансиската независност секогаш не гарантира и професионална, второто прашање е поголем предизвик. Како да се дојде до тоа? Промоцијата на етичките стандарди меѓу новинарите и уредниците е најдобриот пристап, смета Енес Османчевиќ, универзитетски професор и член на Советот за печат во БиХ.

„Промоцијата на професионалните и етичките стандарди и нивното доследно спроведување е континуирана задача, која од една страна претставува заложба за професионализација на медиумите и унапредување на новинарските стандарди, а од друга страна ја едуцира публиката и корисниците и ја унапредува медиумската писменост и култура. Тоа е постојана 'жива' тема за новинарската професија и нејзината важност и актуелност никогаш нема да престане“, вели Османчевиќ.

Ребека Хармс, европарламентарка од Партијата на зелените, смета дека постепено ќе се решат сите отворени прашања.

„Има прашања по кои Македонија моментално го поправа оштетениот углед по сите скандали кои ги дискутиравме - застојот во парламентот, 'бомбите'... Тука е и прашањето за нетранспарентниот медиумски систем. Владата го користи јавниот сервис како алатка во политичката дебата. Не е се добро, но тоа може да се поправи“, оценува Хармс.

Досега за медиумите беше посветен само еден консултативен состанок, на кој учествуваа домашни медиумски експерти, претставници на двете новинарски здруженија и експерт од британскиот јавен сервис, Би-Би-Си. Решенијата за медиумски реформи требаше да бидат договорени до крајот на октомври.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми