1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медиумите се потребни за остварувањето на милениумските цели на ОН

4 септември 2007

Во Бон се одржува Меѓународен медиумски конгрес посветен на милениумските цели на ОН

Интендантот на Дојче Веле Ерик БетерманФотографија: DW/J.Heupel

Со милениумските развојни цели на ОН треба до 2015-та година да се преполови екстремната сиромаштија во светот, да се намали стапката на смртност на мајки и деца, за сите деца да се обезбеди школување и да се поттикне рамноправноста на мажите и жените. Тие беа усвоени во 2000-та; сега е, така да се каже, полувреме – време да се праша до каде е стигнато со нивната реализација? Медиумите во тоа имаат важна улога, беше нагласено на Меѓународниот конгрес во Бон посветен на оваа тема.

На милениумските цели им е потребен поголем публицитет, оти тие се недоволно познати, како што произлегува од една анкета ширум светот, спроведена од студенти на Академијата на Дојче Веле спроти Меѓународниот медиумски конгрес. Интендантот на Дојче Веле Ерик Бетерман нагласи: “Развојот во многу држави на светот покажува: на демократијата и’ е потребен социјален фундамент, но и идеални добра како слобода на печатот и информирањето. Каде што ова недостасува, развојниот процес е дотолку потежок. Затоа, да го прифатиме предизвикот на цивилното општество и на медиумите”.

Како можат да помогнат медиумите за да се остварат развојните цели? Државниот министер за култура Бернд Нојман дебатата ја резимира во пет пунктови: “Прво, потребна ни е интензивна меѓународна соработка во политиката и медиумите, оти таа создава и сигурност во професионалната обука на новинарите. Со јасна правна основа се избегнува и цензура. Второ, медиумите треба да се поврзани со средината, да ја одразуват животната реалност на луѓето во нивното опкружување. Трето, политичкото туторство и репресијата не стабилизираат трајно ниедна држава, туку на долг рок водат кон спротивен резултат. Слободни медиуми стабилизираат и гарантираат слобода. Четврто, слободата на печатот бара јасен профил за новинарството, со тоа и за истражувачките репортери. Петто, плуралитетот на мислења не смее да биде државно насочуван – затоа е приватниот сектор битен за за квалитетното новинарство”, рече Бернд Нојман.

Медиумите се потребни за остварувањето на милениумските цели, но не е доволно тие да се обидат да побудат интересирање за тие цели во сопствените земји, оти и натаму недостасува политичка волја, укажа Евелин Херфкенс, во ОН координатор на кампањата за милениумските цели. “ОН не можат да ги постигнат тие цели – ние можеме само да понудиме платформа на која владите можат да држат убави говори, да искажуваат големи ветувања и сериозни декларации. Но, ние не можеме да ги принудиме владите во таа смисла и да дејствуваат".

Херфкенс смета дека е сега важно во соработка со медиумите јавно да бидат жигосани одговорните, за ветувањата да бидат исполнети не само во земјите-приматели, туку и во земјите-донатори. “Крајно време е сериозно да се зафатиме со ова и да ја пренесеме пораката: ние сме прва генерација во историјата, која има ресурси, знаење и политички предуслови за сузбивање на екстремната сиромаштија. Таа шанса не смеме да ја пропуштиме”, рече Евелин Херфкенс на отворањето на Меѓународниот медиумски конгрес посветен на милениумските цели на ОН.

Хеле Јепесен

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми