1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медиуми: Дали заштитениот сведок се самоуби?

1 октомври 2011

Правното санкционирање на воените злосторства во косовската војна претрпе голем удар со смртта на еден важен заштитен сведок. Тој од безбедносни причини беше засолнет во Германија.

Еулекс е уверен во својата програма за заштита на сведоциФотографија: AP

Агим Зогај, важен сведок во постапката против осомничениот косовски воен злосторник Фатмир Лимај, беше пронајден деновиве мртов во еден парк во Дуизбург. ЕУ-полицијата и правната мисија на Косово, Еулекс, Зогај го водеа како „Сведок Икс“, кој требаше да сведочи во процесот против поранешниот член на ОВК. Борците на Ослободителната војска на Косово, меѓу нив и поранешниот косовски министер за сообраќај, Лимај, во 1999 година во затвореничкиот логор Клечка, 30 километри јужно од Приштина, извршиле воено злосторство против цивили и воени затвореници. Процесот против командантот од тоа време, Фатмир Лимај, треба да почне во октомври, Зогај беше ставен во програмата за заштита на сведоци и испратен во Германија.

Загриженост за заштитата на сведоците

Мисијата Еулекс на Косово не излегува со детали за смртта на Зогај, за која полицијата од Дуизбург смета дека е чисто самоубиство. Тој излегол од дома со најава дека ќе се самоубие, не се најдени траги кои укажуваат на насилна смрт од трето лице, изјави полициски портпарол за Дојче веле.

Но, медиумите во Косово ја пренесуваат искажаната загриженост од Советот на ОН за човекови права како реакција на смртта на Агим Зогај и заштитата на сведоците во Косово:

„Додека вистинските причини за неговото наводно самоубиство се‘ уште се нејасни, случајот ги засилува нашите грижи за заштита на сведоците на Косово“. Со овие зборови е цитиран Руперт Колвил, портпарол на Советот.

Фатмир Лимај во Ден ХагФотографија: dpa

„Бараме изградба на ефикасен и независен систем за заштита на сведоците и жртвите на Косово. Само на таков начин ќе се стигне до правда за жртвите и до казна за злосторниците“, укажува Колвил.

Сомнеж во самоубиството на Зогај

И Советот за заштита на човековите права на Косово вчера излезе со писмено соопштение, во кое ја истакнува одговорноста на мисијата на Еулекс за животот на „Сведокот Икс“, Агим Зогај.

Во соопштението се изразува сомнеж во самоубиството на Зогај. Во секој случај, по смртта на важниот сведок, не може да стане збор за фер и независен процес, се вели во реакцијата на Советот за заштита на човековите права на Косово.

Косовскиот парламент пред три месеци донесе закон за заштита на сведоците, кој ќе стапи во сила една година по изгласувањето. Независно од него, Еулекс мисијата изјави дека располага со програма за заштита на сведоци и специјална полициска единица за нејзино спроведување. Уште во април годинава портпаролот на Еулекс, Блерим Красниќи, за Дојче веле изјави дека мисијата има целосна доверба во својата програма за заштита на сведоците.

Автор: Беким Шеху/ афп/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми