1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медиумски реформи или надмудрувања без граници

Катерина Блажевска4 декември 2015

Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предлози од новинарски и граѓански асоцијации за медумската сфера, ги враќа преговорите на почеток. Опозицијата се сомнева дека тоа е обид за инсталирање статус кво

Фотографија: Fotolia/picsfive

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ од вчера повторно се врати во преговорите за медиумските реформи, кои претходно ги напушти поради незадоволство од понудените предлози. Европскиот посредник во преговорите, Питер Ванхауте, вчера не сакаше да ја коментира изјавата, со која премиерот Груевски причините за незадоволството ги лоцираше токму во неговата работа.

„ВМРО-ДПМНЕ сака да остане во партиските преговори за медиуми, тоа најдобро го знае преговарачот, и би апелирал до него да не ја влошува ситуацијата, туку да работи на подобрување на атмосферата во преговарачкиот процес, затоа што за тоа е платен“ рече Груевски, и нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо било какаво решение за медиумите кое го содржат европските закони.

Нови предлози

По враќањето на преговарачката маса, Илија Димовски, учесник во преговорите од ВМРО-ДПМНЕ, побара сет предлози за медиумските реформи.

„Мислиме дека политичките партии сами по себе заедно со претставниците на меѓународната заедница не се доволни во градење на еден здрав систем и концепт за развој на медиумскиот простор во Македонија. Ние мораме да имаме европски закон, закони кој што функционираат во ЕУ и закони кои што ќе гарантираат, стандардизација, професонализација и либерализација на медиумската сфера. Нема да прифатиме никакви закони кои што ќе значат зголемување на казните за медиумите или партизација на државните органи надлежни за оваа проблематика“.

Тој побара од МАН, ЗНМ, од асоцијацијата на локални и регионални медиуми, од сите здруженија на граѓани, синдикати, комори, верски заедници, спортски асоцијации и културни друштва, во следните два-три дена да достават до партиите и до претставниците на меѓународната заедница свои предлози за тоа што треба да биде променето или подобрено во законите во медиумската сфера.

Роберт Поповски, учесник во преговорите од СДСМ, оцени дека ВМРО-ДПМНЕ тоа требало да го направи пред три или четири недели, бидејќи роковите за договор веќе се пробиени неколку пати.

„На 20 ноември имаше првичен договор, па на 27 ноември и еве дури денеска ВМРО-ДПМНЕ покренува иницијатива за консултација со здруженијата, невладините организации, еснафот и така натаму. Само да ве потсетам овој процес почна со широки такви дебати. Преговарачкиот тим на СДСМ е во постојан контакт со невладините организации и со еснафот. Сега ова што се случува, од една страна можеби значи дека ВМРО-ДПМНЕ се свестиле дека треба да ги слушнат и оние коишто навистина работат во медиумската индустрија, а од друга страна, ми се чини дека ова е уште една тактика на одолговлекување за да нема решение за медиумите и што е можно подолго да остане оваа состојба на статус кво, а тоа значи целосна контрола на партијата на власт врз медиумите во Македонија“, рече Поповски.

Проблемот не е во законите

За застојот во реформите дебатираат и претставниците на новинарските здруженија. Слаѓана Димишкова од Македонската асоцијација на новинари (МАН) во дебатна емисија на МТВ, изјави дека „Ванхауте не може да носи предлог за кој вели дека го нема во ниту една земја, туку е некаков збир од повеќе држави“. Но, отиде и чекор понатму.

Питер ВанхаутеФотографија: DW/P. Stojanovski

„Мислам дека Ванхауте не е најсреќното решение што ни го испрати меѓународната заедница овде“, рече Димишкова.

Таа смета дека постојната законска регулатива не е извор на проблемите во медиумската сфера.

„Никој не бара промена на медиумската регулатива, ниту договорот од Пржино ниту Извештајот на Прибе. Евидентно е дека е потребно да се дотераат некои работи и тоа треба ние да го направиме заедно со ЗНМ. Нема потреба политичките партии да даваат предлози, ниту меѓународните посредници да даваат предлог кој го нема во ниту една земја во ЕУ. Ние сме дел од Европа и нам ни требаат европски закони. Мора последниот збор да го има новинарската фела“, рече Димишкова.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, изрази стравување дека може да се влезе „во спирала одолговлекување на преговорите“. Тој посочи дека во Извештајот на ЕК се нотирани забелешки за работата на Агенцијата за медиуми и за јавниот сервис МРТВ, според кои независноста не е на потребното ниво. Селмани не гледа никаква поврзаност меѓу предлозите на СДСМ и на Ванхауте, а смета дека предлогот на европскиот посредник води кон непоходната независност и департизација.

„Време за реформи има, прашање е дали има и волја“, рече Селмани.

Европски закон

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, е уверен дека нема никаква потреба од законски измени во однос на ова регулаторно тело, бидејќи законот е во сила една и пол година, изработен е со помош на Европската Комисија, усогласен со европската регулатива, а и подзаконските акти биле изработени од европски експерти избрани од ЕК.

Сите се согласни дека медиумите треба да се ослободат од политичко влијание- договоро нема.Фотографија: MIA

Тој тврди дека во работата на Агенцијата нема никакви притисоци од Владата, нејзини институции или економски центри на моќ, а „за единствени притисоци ги смета измените што ги предлага опозицијата“. Професорката Снежана Трпевска, медиумски експерт, укажува дека мора да се има предвид оти Агенцијата за медиуми не е тело во чиј состав треба да се вклучи цивилниот сектор, бидејќи тоа е стручно тело и во неговиот состав треба да бидат експерти. Во однос на медиумските реформи, потенцира дека решенијата мора да водат кон ослободеност на медиумите од секакви влијанија.

Вчерашниот состанок на работната група за медиумите, заврши без напредок.

Партиите на Албанците соопштија дека ќе застанат зад секој предлог од меѓународната заедница со кој се поддржуваат слободни и демократски медиуми. Дел од аналитичарите во повикот на ВМРО-ДПМНЕ за предлози пост-фестум, препознаваат обид за одолговлекување на процесот, со цел за натамошно одржување на контролата врз медиумите, а во настапите на новинарските здруженија - конфузија и влегување во замките на политиката - некои свесно, некои не.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми