1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медиумски слободи во Македонија: под дното- ерозија

26 април 2017

Според најновиот извештај на Репортери без граници за слободата на медиумите, Македонија останува длабоко закотвена на европското дно. Земјата е прогласена за „лошото момче на Балканот“. Експертите очекуваат влошување

Medienfreiheit
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Lopez

Во изминатата година медиумските слободи опаднаа насекаде низ регионот на Балканот, но ерозијата на владеењето на правото беше највидливо во Македонија, земја-кандидат за членство во ЕУ, се наведува во денеска објавениот извештај на организацијата Репортери без граници за слободата на медиумите во светот. Македонија, иако практично напредувала за седум места на листата и сега е на 111 место, останува закотвена на дното во европски рамки.

Познавачите на состојбите во Македонија резигнирано коментираат дека „ќе биде и полошо“.
„Македонија е уште еднаш лидер во регионот во намалување на основните слободи и права, а пред се во слободата на говорот и новинарската слобода. Веќе не е изненадувачки што медиумските слободи и права се ограничени, а земјата се наоѓа на црната листа заедно со држави од третиот свет, бидејќи и ние припаѓаме во него. За жал, ќе биде и полошо“, вели за ДВ, Жанета Трајкоска од Македонскиот институт за медиуми.

Зад Македонија годинава се само Русија, Белорусија и Турција. Истите земји и од Фридом Хаус беа оценети како „неслободни“ во ланскиот извештај. Друштво на Македонија на табелата и прават Парагвај, Уганда, Централноафриканската република, Замбија и Конго. Две места пред Македонија е Бугарија, која забележала пад од три места, а на 106. место е Црна Гора која има пад од десет места.

Извештајот за Македонија е со наслов „Лошото момче на Балканот“.

„Навредата беше извадена од кривичниот закон во 2012, но обвиненијата беа заменети со граѓански акции со можност за високи казни и затвор за репортерите и сопствениците на медиуми. Имаше многу извештаи за закани, насилство, напади и заплашување на новинарите за време на политичките демонстрации во 2016, но само малкумина од одговорните беа обвинети. Политичката нестабилност влијае врз работата на новинарите, а притисокот од владејачката партија наведе некои медиуми на самоцензура“, се наведува во кусиот коментар за состојбата во Македонија.

Најдобрите и најлошите од секој континент

Ќе биде и полошо

Трајкоска очекува состојбата во наредниот период дополнително да ескалира.

„Весниците кои беа финансиски и сопственички тесно врзани со политичари или бизнисмени на ВМРО-ДПМНЕ пропаѓаат, нивните телевизии се на раб на егзистенција, локалните медиуми што ги отворија ќе се затворат бидејќе нема пари од буџетот на РМ. Тоа ќе создаде уште полоша состојба во медиуската сфера. Но, без оглед на фактот дека овие медиуми се на ивица на преживување, тие и понатаму се прва тупаница на владејачката врхушка и шират лаги, манипулации и партиска пропаганда. Во целиот овој хаос имаме еднo константo медиумското злосторство кое со години континуирано се спроведува, и неинформирани и излажани граѓани кои слепо веруваат на вестите во 19 часот и на богатите уредници кои имаат задача, не да информираат, туку да манипулираат“.

Индексот на РБГ рангира 180 држави и територии во светот според степенот на слобода која ја уживаат новинарите. Се евалуираат плурализмот, независноста на медиумите, квалитетот на легислативната рамка и безбедноста на новинарите.

На врвот, традиционално, се скандинавски земји Норвешка (1.), Шведска (2.) и Финска. На дното се Еритреја и Северна Кореја.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми