1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мекалистер: Западниот Балкан има европска перспектива

М.Максимовиќ/ А.Трајковска 16 октомври 2014

Новиот известувач на Европската парламент за Србија, европскиот пратеник од редовите на германските демохристијани Дејвид Мекалистер за ДВ зборува за обврските и можностите за членство на Србија во ЕУ.

Фотографија: DW

ДВ: Првото прашање самото се наметнува... ЕУ веќе со години ја апострофира важноста на соработката меѓу Белград и Приштина. Дали инцидентот на натпреварот Србија и Албанија доведува под прашање сѐ што е направено досега?

Дејвид Мекалистер: Зборуваме за инцидент кој е за жалење. Тоа јасно покажува дека помирувањето на Западниот Балкан не е само процес кој се одвива на ниво на претставници на власта, туку дека е тоа процес, кој мора да го вклучи цивилното општество и целиот народ. Се надевам дека нема да мораме повторно да гледаме такви слики.

ДВ: Бевте премиер на Долна Саксонија, сега во ЕУ-парламентот сте задолжени за Србија. Каде гледате простор досегашните искустава од германската политика да ги примените на новата позиција?

Дејвид Мекалистер: (...) За позицијата известувач за преговорите со Србија во наредните пет години се пријавив оти верувам дека ЕУ не ги затвори вратите. Независните европски земји, кои ги делат нашите вредности и уверувања, мораат да добијат шанса да станат членки на ЕУ. Мојата канцеларка Ангела Меркел секогаш нагласува дека Западниот Балкан има и му е потребна европска перспектива. Србија направи избор во правец на ЕУ, а ЕУ мора да остане предадена на политиката на проширување.

ДВ: Сепак претседателот на ЕК, кој како и Вие доаѓа од редовите на конзервативците, најавува пауза во ширењето на Унијата од најмалку пет години...

Дејвид Мекалистер: Жан Клод Јункер најави дека нема да има нови членови во наредните пет години, а јасно е дека до тоа нема да дојде оти ниту една земја не е подготвена. За Србија секогаш ќе речам дека може да се приклучи кон ЕУ кога за тоа ќе биде подготвена. Но, кога ќе биде тоа се одлучува во самата Србија. Земјата е на добар пат, но има уште многу да мине. Поради сопствени интереси до моментот на влез во ЕУ, Србија мора да биде подготвена, инаку нема да има корист од ЕУ.

ДВ: Минатата недела беше претставен извештајот за напредокот на Србија. Комесарот за проширување Штефан Филе даде и позитивна оценка при претставувањето на извештајот, а во Србија тој е оценет како најдобар од сите во регионот. Дали сметате дека некои киритики се премолчани?

Дејвид Мекалистер: (...) Српските власти се пофалени за воведување на законот за пазарни реформи како и за мерките со цел намалување на државниот долг и дефицитот. Истовремено, Србија мора да примени структурни реформи, првенствено во областа на јавните претпријатија. Тука се и нашите критики на сметка на медиумското опкружување, осносно слободата на изразување. Воочено е слабеење на слободата и независноста на медиумите. Сѐ се тоа факти кои јавноста во Србија мора сериозно да ги сфати (...)

ДВ: Меѓу последните забелешки на сметка на Србија во Брисел се поставува прашањето за усогласеност на надворешната политка на Белград и ЕУ, што конкретно се однесува на соработката со Руската Федерација. Се очекува Берлин да ја има во увид и посетата на Путин на Белград и дека тоа може да биде еден од факторите за успорување на европскиот пат на Србија.

Дејвид Мекалистер: Тука не гледам разлика меѓу позицијата на Германија и ЕУ. Во процесот на евроинтеграција се работи за напредок, а не за датуми. Поглавјата ќе бидат отворени кога ќе бидат подготвени за отворање. Долгорочно, Србија ќе мора да ја усогласи својата надворешна политика со политиката на ЕУ. Забележувам дека Белград ја успори хармонизацијата на својата надворешна политика и дека за сега нема укажувања дека Србија би можела да им се приклучи на мерките кои ЕУ ги воведе против Русија, а кои се однесуват на кризата во Украина. Сфаќам дека Србија со Русија има посебни не само политички туку и економски и особено енергетски односи.

И посетата на претседателот Путин на Белград од историско гледиште е разбирлива. Одбележување на Денот на ослободувањето на 20. октомври 1944 година, кога германските нацисти го напуштија Белград по напредувањето на југословенските партизани и Црвената армија. Тоа е важен датум за луѓето во Србија и тоа е целосно разбирливо. Меѓутоа официјалните лица, не само овде во Брисел туку и во Вашингтон, нагласуваат дека идејата претседателот Путин и неговиот воен заповедник да бидат поздравени од 4.500 српски војници не е нешто на што НАТО и ЕУ благонаклонето гледаат. И покрај сето тоа очекуваме Србија да ја сочува својата проевропска ориентација и по посетата на Путин, како и мирното решавање на украинската криза да остане приоритет за ЕУ.

Дејвид Џејмс Мекелистер е германски политчар од редовите на демохристијаните. Од 2010 до 2013 беше премиер на германската покраина Долна Саксонија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми