Мексико: Правна држава во обид
15 јули 2015Три дена по спектакуларното бегство, не се знае каде е Хоакин Ел Чапо Гузман. Срамота е што криминалецот по кого постои меѓународна потерница вторпат успеа да побегне од затвор со највиски мерки на безбедност. Сега е познато - мексиканските служби очигледно знаеле за плановите за бегство.
Деталите на планот не биле познати, пишува шпанскиот дневен весник „Ел Паис“. Но, американската Агенција за борба против дрогата, ДЕА, знаела за плановите за бегство на Гузман и за тоа ги информирала мексиканските служби.
Во меѓувреме, отпуштени се повеќемина вработени во Министерството за внатрешни работи. Колку се тие виновни за бегството на наркобосот, ќе мора да се разјасни во судница. Поинтересно од поединечните злоупотреби на функциите е тоа што бегството на Гузман ќе покаже нешта за владината контрола врз државните институции.
Спектакуларни пропусти
Истрагата покажа дека Гузман побегнал низ осветлениот тунел за вентилација, кој од подрумот на една новоизградена куќичка водел директно до неговата келија. Изградбата на куќичката очигледно била само камуфлажа за градењето на тунелот. Тоа што на зелената површина на еденипол километар од затворот со највисоки мерки на безбедност е изградена една куќа, очигледно никого не го интересирало. Притоа, во затворот Алтиплано има цела низа големи наркобосови.
„Тоа бегство не ги открива само огромните безбедносни дупки и неверојатната неспособност на сите нивоа, туку и обемот на корупција во Мексико“, вели политичкиот аналитичар од Костарика, Хуан Карлос Хидалго. „Случајот целосно ја шокираше мексиканската влада“.
Митот Ел Чапо
Иако мексиканската влада на Енрико Пења Нието и‘ придава мало медиумско значење на својата борба против организираниот криминал, апсењето на Ел Чапо го славеше како огромен успех. Гузман долго важеше за мексикански наркобос број еден. Иако неговиот удел во моќниот картел Синалоа во меѓувреме е помал, тој и натаму важи за икона во својата „бранша“.
Уште по првото апсење во 1993 година, Ел Чапо во 2001 година успеа да побегне од еден мексикански затвор. Според официјалната верзија, побегнал така што се сокрил во една количка со валкани алишта. Според друга верзија, од затворот излегол на главниот влез, преоблечен во затворски стражар.
Бескрајна корупција
Во секој случај, неговото бегство минатиот викенд покажува високо ниво на организација. Тоа ги демонстрира и односите на моќта меѓу Ел Чапо и претседателот Пења Нието. „Владата одамна можеше да им го израчи Гусман на САД“, смета Хуан Карлос Хидалго, „но Пења не го сакаше тоа. Тој сакаше да му покаже на светот дека неговото Мексико е поинакво отколку во 2001 година, Мексико со силни институции.“
По преземањето на должноста во 2013 година, претседателот се трудеше да му покаже на светот дека неговата земја е правна држава. За кратко време тој спроведе важни економски реформи, кои му донесоа бес на синдикатите, но и пораст на странските инвестиции во Мексико.
Тоа што секогаш наново ја расипува ПР-стратегијата на Пења Нието е бескрајната корупција-почнувајќи од сообраќајните полицајци, кои за пари ги пуштаат возачите со пречекорена брзина, па се‘ до највисоките политички функции. И самиот Нието е обвинуван за нелегално богатење.
Војната продолжува
Многу полошо од непотизмот е насилството во земјата: исчезнувањето на 43 студенти есеноска го привлече вниманието на цел свет. Досега е идентификувано само едно тело. Останатите студенти официјално се водат за исчезнати. Масакрот наводно го извршиле убијци од еден картел, ангажирани од градоначалникот на Игуала.
Се‘уште е тешко да се каже кои кругови го толерирале или помагале бегството на Гузман. Но, едно изгледа сигурно: „Врските меѓу одделни картели и полицијата на локално, па дури и на државно ниво, одамна постојат и се добро документирани“, пишува во една анализа на Скот Стјуарт од Институтот за политика Стратфор од Тексас.
Аналитичарот Хидалго не верува во брзо апсење на Ел Чапо, со оглед што службите не го уапсија веднаш по бегството. „Тој има многу пари и многу свои луѓе. Во меѓувреме, речиси е невозможно да биде фатен.“
Тоа не би требало сериозно да влијае врз безбедносната ситуација во Мексико. Дури и Гузман да се обиде да ја засили својата позиција во картелот, аналитичарите од Стратфор оценуваат дека нема да има битни ескалации и судири. Војна против дрогата ќе има со или без Ел Чапо. И со или без претседателот Пења Нието.