1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ментално зачаурување во Западниот Балкан“

7 октомври 2009

Надминувањето на национализмот, како еден од поважните мотиви за европското обединување, треба да добие повторно поголема тежина со оглед на натамошното проширување кон Југоисточна Европа, оценува „Ноје цирихер цајтунг“.

Ова е основната теза од статијата „Ментално зачаурување во Западниот Балкан“, објавена во весникот „Ноје цирихер цајтунг“. Национализмот во регионот фактички ја дезавуира основната европска идеја, тврди авторот на обемниот прилог, историчарот Екехард Крафт.

„Европското обединување, кое почна со спогодбата за производството на челик и со Римските договори во 50-тите години, за тогашните државници и не беше исклучително економски, туку во прв ред политички проект. Тоа беше своевидно извлекување консеквенции од историјата на Европа во првата половина на 20 век. Важен мотив, покрај интегрирањето на Германија, беше надминувањето на национализмот со цел за приближување на претходно меѓусебе непријателски настроените држави.

Овој мотив, во меѓувреме, падна некако во заборав, бидејќи се сметаше дека тогашните проблеми се надминати. Тоа во голема мера и е така, ако се исклучи комплицираниот однос меѓу Унгарија и Словачка“, се вели во написот, во кој потоа погледот се врти кон процесот на евроинтеграција на земјите од Југоисточна Европа.

Политика на дистанцирање

„Пристапувањето кон ЕУ се сфаќа како ексклузивен процес меѓу Брисел и соодветната земја. И комуникацијата се одвива во најголема мера со Брисел. Во однос на соседите, исто така кандидати за членство во ЕУ, владее во најдобар случај игноранција од незаинтересираност, а не ретко дури и недоверба. Во таквиот став не менува многу ни зачленувањето во Унијата, што симболично се гледа од минималниот број гранични премини. На границата меѓу Бугарија и Романија, долга 608 километри, има само седум премини, на речиси 500 километри бугарско-грчка граница само три!

Центарот на СофијаФотографија: DW

Ваквото физичко дистанцирање на Балканот е огледало и на менталното раздвојување, кое не познава чувство на регионална заедница. Од историска перспектива тоа е парадоксално, бидејќи меѓу државите од регионот многу повеќе работи ги поврзуваат, отколку што ги раздвојуваат. Се’ до 19 и 20 век тие беа делови на мултиетнички царства, националните држави се релативно млади. И можеби токму тој факт е објаснување за останувањето во стадиум, што државите во Западна Европа го надминаа по Втората светска војна. Токму поради културните заеднички елементи, преку ексклузивност се дефинираат идентитети.

Историски корени

Подлогата за поделби во категории на пријатели и непријатели на сопствената нација се наоѓа уште во Балканските војни од 1912 и 1913 година. Двете светски војни, во кои фронтовите беа релативно слично поделени, само уште повеќе ја забетонираа ваквата перцепција.

Згора на тоа доаѓа, не веќе реален, туку ментален иредентизам. Има карти во главите кои не се поклопуват со реалната географија. Сопствената земја всушност би морала да биде поголема, отколку што е во реалноста. Некои сопствени подрачја се наоѓаат на територија на соседите, што им се припишува за зло, иако тие региони никогаш во историјата формално не и’ припаѓале на сопствената национална држава. Кој имал успех во конфликтот околу спорните подрачја, им подметнува на соседите дека и натаму имаат амбиции врз неговата државна територија. Ваквите ставови денес веќе не водат кон барања за ревизија на границите, но затоа го оптоваруваат односот кон соседните нации.

Стариот Акрополис во срцето на АтинаФотографија: AP

На сопствена територија, пак, се елиминираат сите елементи што би ги довеле во прашање сопствените ставови и се вложуваат големи напори да се демонстрира етничка хомогеност. Асимилацијата и преселувањето се добри испробани средства. Беа променети имињата на местата што потсетуваа на хетерогеното минато. Во Грција се заменети речиси сите имиња на местата од словенско потекло со нови, грчи имиња. На Косово имаше обид со албански имиња да се избрише српскиот удел во историјата, исто како што претходно Србите ги менуваа албанските имиња.

Ексклузивни права

Поради сето тоа регионалната соработка на Балканот, каква што постои во Западна Европа, е само убава замисла. Реториката со инсистирање на сопствените национални права ја отежнува соработката, како што може да се види од настојувањето на Србија на вечните права на Косово, или пак на Грција кога е во прашање името на соседна Македонија. Таквото однесување сега го блокира не само пристапувањето на Република Македонија кон НАТО, туку и почетокот на пристапни преговори со ЕУ.

ЕУ би требало свесно да се соочи со ваквите проблеми. Инаку, билатералните конфликти на земјите од регионот се закануваат да станат проблеми на целата Унија, како што добро може да се види од ситуацијата со Кипар. Доколку сакаме да се зачува европската идеја од дезавуирање, неопходно е надминување на националистичкиот став во целиот регион на Југоисточна Европа. Неопходна е стратегија што ќе го опфати целиот регион, како и односите меѓу одделните држави и тоа независно од фактот дали станува збор за држави членки на ЕУ или аспиранти за членство.

Регионалниот совет за соработка, наследникот на Пактот за стабилност во Југоисточна Европа, не е соодветен механизам за таквата задача. Од локалните политичари исто така не може да се очекуваат решителни иницијативи во таа насока, бидејќи тие не се осмелуваат да му се спротистават на националистичкиот ’меинстрим’. Но, затоа барем не треба да им се попушта кога ги слабеат, или дури ги попречуваат иницијативите на невладините организации што одат во насока на надминување на национализмот!“

Автор: Ноје цирихер цајтунг / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми