1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Менувањето граници - реалност или пироманија?

ЖА /ДВ
28 август 2018

Дали напорите на Србија и Косово вистински имаат шанса за успех, прашуваат бројни медиуми на германски јазик во врска со можната промена на граници на Балкан. Дали е тоа пат кон решение или кон пожар на целиот регион?

Österreich Europäisches Forum Alpbach
Фотографија: picture-alliance/APA/picturedesk/H. Neubauer

„Нема ни дваесет години откако во војната стоеја на спротиставени страни. Хашим Тачи како политички лидер на ОВК и Александар Вучиќ како министер за информации на српскиот шеф на државата, Слободан Милошевиќ. Денес претседателите на двете земји можеби се пред историски договор, кој меѓу другото би можел да вклучува и поместување на границите“, пишува швајцарскиот портал watson.ch.

Порталот потсетува на веќе со недели кружечките гласини за промена на граници, на тоа што Вучиќ и Тачи на викендот во Австрија ја потврдија можноста. Од другастрана, германската канцеларка Ангела Меркел јасно се противи на тоа. „Во Брисел постои стравување од натамошни последици на корекцијата на граници во случајот на Косово. Конкретно, станува збор за Република Српска во Босна и Херцеговина, нејзино евентуално барање за приклучување кон Србија. Освен тоа, претставници на ЕУ нагласуваат дека граничниот дил е спорен и во самиот регион“, пишува watson.ch, кој се рашува: „Дали напорите на Србија и на Косово вистински имаат шанса на успех? Надлежниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан во текот на викендот навести дека позициите во Брисел можеби не се толку тврди како што неодамна ги претстави Меркел. Хан, навистина, изрази длабока задршка поради можниот домино-ефект, но принципиелно не исклучи поместување на границите.“ 

Дебатата за промена на граници - „летен театар“, да не се вклучеше Џон БолтонФотографија: picture-alliance/AP/A. Brandon

Според „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, целата дебата за промена на границите „би можела да биде сфатена како летен тетар, да не се вмешаше Џон Болтон“. Весникот потсетува на изјавата на новиот советник на Трамп за национална безбедност - „не се исклучуваат територијални прилагодувања“ доколку двете страни се договорат за нив.

„Како и во многу други области, и овде со Трамп работите се менуваат. Она што две децении или подолго важеше за американска политика, денес веќе не мора да важи“, пишува новинарот Михаел Мартенс.

Косово, додава тој, „според официјалниот став на Белград и натаму е српска покраина, но некогашната, иако сосема нереална линија - „Косово е Србија“, по реторичкото поместување на фронтот се редуцира до нивото: „Северот на Косово е Србија“.

Повеќе: 

Балканот меѓу нов почеток и експлозија поради Косово

Македонија мора во НАТО да го дочека српско-косовскиот расплет

Меркел: нема промена на границите на Западниот Балкан

Во текстот во весникот се истакнуваат ставовите на експерти за Балкан, кои плановите за „размена на територии“ или „корекции на границите“ ги сметаат за пиромански проект со можност за неконтролирана верижна реакција. „И Албанците во Македонија, како и Србите и Хрватите во Босна крајно би можеле да бараат вакви 'корекции' - и за час балканскиот лифт би тргнал назад во 90-те.“

Мартенс посебно ги потенцира истапите на австрискиот дипломат Волфганг Петрич, еден од ретките меѓународно познати заговорници на „козметички“ корекции, како што вели Петрич. Мартенс текстот го заклучува со констатацијата: „Петрич заборави да го спомене својот ангажман за големата виенска канцеларија 'Ланск, Ганцгер+партнери', а во чии клиенти спаѓа и владата на Србија.“ 

Трошоците за ветераните на ОВК од 24 милиони евра нараснаа на 76 милиони евраФотографија: picture-alliance/dpa

„Ветерани“ на ОВК на сите страни

Швајцарскиот весник „Ноје Цирхер цајтунг“ пишува за кавгата околу милионски суми исплатувани од косовскиот буџет на растечки број наводни ветерани од ОВК. Граѓаните и опозицијата поради тоа протестираа во Приштина. Заднина претставува оставката на државниот обвинител Елез Блакај, кој наводно сакајќи да испита евентуални злоупотреби при поднесувањето барања за пензии и дневници, наишол на огромен притисок. Премиерот Рамуш Харадинај го нарече „плашлив зајак“, кој во 1999. година побегнал во Македонија. 

Весникот пишува дека притисокот пораснал особено откако Блакај почнал да испитува високи функционери на ПДК и ААК, две партии произлезени од ОВК, а водени од ривалите Хашим Тачи и Рамуш Харадинај. „Бившото раководство на ОВК и две децении по војната доминира во политиката и општеството во Косово. Во тоа им помага фактот што пензиската мрежа за бившите припадници на ОВК создава зависна клиентела која потоа ги поддржува и расте со секои нови парламентарни избори“, пишува весникот.

Така давачките за пензии на ветераните од 24 милиони евра годишно дотуркаа до цели 76 милиони евра. Како што откри порталот Priština Insight, меѓу „ветераните“ се лица кои во 1999. година имале преку 70 години или некои кои тогаш биле бебиња. Вкупно 40.000 луѓе добиваат ветеранска пензија, наводно уште 66.000 имаат поднесено барање за неа. Британскиот историчар Џемс Петифер во една ситуација наведе дека во екот на борбите во 1999. година, ОВК броела околу 18.000 луѓе, од кои само 3.000 непосредно вклучени во борбени дејства.

„Владата не им дели пензии само на ветераните, туку и на 'ветерани', за да придобие гласачи“, пишува „Ноје Цирхер цајтунг“. „И Здруженијата на ветерани добиваат апанажи. Тие имаат политичка улога како продолжена рака на партиите, посебно кога станува збор за робустни акции. Тие не се воздржуваат ни од закани до поединци, па до предупредувања за 'дестабилизација' на земјата, ако не им се допадне развојот.“

„Последен пат ветеранските здруженија беа во центарот на вниманието на крајот на минатата година. Се обидоа да предизвикаат промена на закон во парламентот, за Специјалниот суд, кој треба да ги испита злосторствата на припадниците на ОВК, да биде направен беззаб. Тоа многу би им одговарало на Тачи и на Харадинај, кои не можат да очекуваат ништо добро од Судот“, се вели во текстот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми