1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел бара поголемо разбирање помеѓу Германците

ЕМФ
3 октомври 2019

Западот и истокот на Германија имаат различни искуства со обединувањето на земјата, укажа на прославата на Денот на германското обединување во Кил канцеларката Ангела Меркел.

Tag der Deutschen Einheit - Offizielle Feier Rede Angela Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Сите Германци денес „се генерално позадоволни со својот живот отколку кога и да било досега од обединувањето“ на земјата, но дел од билансот 29 години по обединување мора да биде и констатацијата „дека мнозинството источни Германци во Сојузната република се чувствуваат како граѓани од втора калса“, нагласи во Кил канцеларката Ангела Меркел на прославата на 3 октомври, Денот на германското обединување.

Обединувањето на државата е завршено, но „обединувањето на Германците, нивното единство, не беше завршено на 3 октомври 1990 година, а не е ниту денес“, потенцираше канцеларката.

Повеќе:

Германското единство - задача за следната генерација

Германија: Ни две илјади милијарди евра не ги изедначија истокот и западот

Во врска со жртвите на СЕД-режимот (СЕД беше владеачка партија во поранешна ГДР, н.з.), Меркел опомена: „Нив не смееме никогаш да ги заборавиме, дури и на ден на радост како денешниов“. Мирната револуција, според канцеларката, успеала затоа што луѓето веќе не сакале да трпат туторство. Од обединувањето е направено многу, но сепак многу луѓе од источниот дел на Германија овој процес на обединување не го врзуваат само со позитивни искуства, констатираше Меркел.

Ангела Меркел на прославата на Денот на германското обединувањеФотографија: picture-alliance/dpa/C. Rehder

Претседателот на Бундесратот, Даниел Гинтер, во својот говор предупреди од опасноста да се злоупотребува зборот пресврт во политичките судири. „Луѓето во ГДР беа екстремно храбри кога излегоа на улиците и постигнаа повторно обединување на мирен начин“, рече премиерот на покраината Шлезвиг Холштајн. „Кога партиите денес оваа храброст ја злоупотребуваат за партискополитички цели со тоа што зборуваат за „Пресврт 2.0.“, тоа е потсмевање на она што го постигнаа овие луѓе“, рече Гинтер, алудирајќи со тоа на деснопопулистичката Алтернатива за Германија, која во предизборните кампањи во источна Германија неодамна употребуваше слогани како „Пресврт 2.0“ или „Да се заврши пресвртот“. Пресвртот како историско животно достигнување на источните Германци останува сингуларен и неделив од крајот на ГДР, рече Гинтер и додаде: „На оваа храброст од 1989 година сакаме да потсетиме денес и истовремено да повикаме повторно да се стане похрабар.“ Првиот човек на Бундесратот подвлече дека луѓето не треба да имаат страв од иднината и не смеат да дозволат да бидат водени кон екстреми од страна на луѓе кои шират стравови.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми