Меркел повикува на солидарност и сака силна Европа
ЖА
27 јуни 2020
Германија може да си дозволи преземање поголеми долгови, за да помогне ЕУ да се опорави од катастрофалните последици на пандемијата на коронавирус. „Она што е добро за Европа, е добро и за нас“, изјави Меркел во интервју
Реклама
Германија е во добра позиција да финансира опсежна финансиска економска програма, која на земјите од ЕУ ќе им помогне да се опорават од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус, и според Меркел, во итерес на земјата е тоа и да го направи.
„Германија имаше ниска стапка на задолженост и во оваа вонредна ситуација може да си дозволи поголеми задолжувања“, изјави канцеларката во интервју кое вчера го објавија шест европски весници, додавајќи: „Тоа што е добро за Европа, е добро и за нас.“
Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон во изминатиот месец предложија санирачки пакет од 500 милијарди евра, кој би се финансирал преку заеднички кредити со членките на ЕУ, без оглед на долготрајниот отпор на Германија против заеднички долгови.
Меркел во интервјуто изјави дека пандемијата на коронавирус ја конфронтираше ЕУ со „предизвици од невидени размери“ и Германија „треба да мисли не само на себе, туку да биде спремна и на вонреден акт на солидарност.“
Земјите кои се посебно погодени од пандемијата би требало да добијат најмногу помош од санирачкиот фонд, изјави Меркел, споменувајќи ги Италија и Шпанија како примери.
На прашањето дали во игра е опстанокот на ЕУ, Меркел истакна дека сите држави членки веројатно „имаат силен интерес за работите кои нѐ поврзуваат.“ Корона-фондот за обнова не е волшебен лек за решавање на сите проблеми на Европа, призна Меркел, вклучувајќи ги националистичките и популистички тенденции во одредени земји, но „ако го немаме, нашите проблеми ќе се влошат.“
„За Европа да може да преживее, мора да преживее нејзината економија“, рече Меркел, укажувајќи на закани за демократијата предизвикани од проблеми како невработеноста.
Интервјуто на Меркел е дадено кратко пред Германија од 1 јули да го преземе ротирачкото претседатвање со ЕУ.
Интервјуто е дадено за „Зиддојче цајтунг“ од Германија, британски „Гардијан“, „Ле Монд“ од Франција, италијанскиот „Ла Стампа“, „Ла Вангардија“ од Шпанија и „Политика“ од Полска.
Алтернативни поздрави во време на пандемија
За да го намалат ризикот од заразување со новиот коронавирус, луѓето ширум светот ги менуваат навиките за поздравување. Можеби ќе ве инспирира некоја од овие културни навики.
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Hosbas
Ракување
Тоа е еден од најраспространетите поздрави во светото. Ќе излезе ли сега ракувањето од мода? Здравствените експерти препорачуваат да се избегнува за да се намали ризикот од зараза. Германскиот министер за внатрешни работи ја зема таа препорака сериозно па одби да се ракува со канцеларката Ангела Меркел. Двајцата потоа слатко се изнасмеаја.
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Hosbas
Двоен бакнеж во образ
Француската влада ги советува своите граѓани да го избегнуваат традиционалниот бакнеж на двата образа. Но францускиот претседател Емануел Макрон во знак на поддршка го бакна италијанскиот премиер Џузепе Конте во Неапол неделава, давајќи до знаење дека не се плаши од коронавирусот.
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/P. Manzo
Да пукне!
Тоа е гест кој беше популаризиран во бејзболот и кошарката во САД. Преку него се пренесуваат околу 50% помалку бактерии одошто со ракување, но сепак, тоа не го прави целосно безбеден.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Drew
Судир на тупаници
Најчесто користен во спортот, овој поздрав го популаризираше и поранешниот претседател на САД, Барак Обама, на сликата со шведската климатска активистка Грета Тунберг. Освен „кул“ факторот, тупаницата пренесува далеку помалку бактерии одошто ракувањето- над 90%.
Фотографија: picture-alliance/dpa/The Obama Foundation
Прегратки
Прегратката е уште еден начи на ширење микроби, но истражувањата покажуваат дека прегратката на саканиот може и да го зајакне имунолошкиот систем, а во некои случаи- и да ги подобри дипломатските односи. Прегратката меѓу претседателите на Јужна и Северна Кореја Мун Џае Ин и Ким Џонг Ун во 2018 предзивика различни реакции на двете страни на границата. Дотогаш тие само се ракуваа.
Фотографија: Reuters
Тапкање по рамо
Австралиските власти на своите граѓани им го препорачуваат токму овој гест: „Време е Австралијанците засега само да се тапкаат по рамо- без ракување“, изјави еден министер. Иако со овој поздрав речиси и не се пренесуваат бактерии, сепак во некои култури тоа може да се смета и за навреда.
Фотографија: Colourbox
Мавтање
Кралицата Елизабета и принцот Филип често им мавтаат на своите поданици од балконот на Бакингемската палата. Гестот потекнува од традицијата од 18-век кога витезите се поздравувале со вадење шлемовите за да го откријат својот идентитет и да покажат дека доаѓаат во мир. Мавтањето е исто така и навредливо во некои земји.
Фотографија: Reuters/K. Doherty
Тупаница и дланка
Во Кина, каде започна појавата на Ковид-19, традиционалниот „гонг-шу“ поздрав се препорачува во актуелниот момент. Поздравот на фотографијата го демонстрира кинеската актерка Мија Мучи.
Мал наклон со дланките споени една до друга во позиција како за молитва. Таи ваи поздравот е раширен во бројни земји на југоистокот на Азија- а уште е познат и како индиски „намасте“ или бурмански „мингалар пар“.
Фотографија: Imago Images/ZUMA Press/J. Kurtz
Јапонски наклон
Исто така безбеден, традиционалниот јапонски поздрав се уште се практикува во секојдневието. Учењето на елегантниот наклон е важен дел од општествениот статус. На фотографијата, вработени во еден трговски центар во Токио го вежбаат поздравот пред почетокот на новогодишната распродажба.
Фотографија: picture-alliance/dpa/MAXPPP/Kyodo
„Ногување“
Едно вирално видео од Кина неодамна ни покажа и нов начин на поздравување: „ногување“ или "footshake", кое некои го нарекуваат и „Вуханско ракување“. Триењето на валканите чевли, сепак е посигурно од ракувањето.
Фотографија: DW/S. Bartlick
Насмевка
Веројатно најлесниот начин да поздравите некого без да ризикувате размена на бактерии или да го навредите е да го погледнете во очи, да се насмевнете и да кажете здраво.
Фотографија: picture-alliance/PhotoAlto/E. Audras
12 фотографии1 | 12
Германската канцеларка пак ги предупреди граѓаните во Германија од лекомислено однесување во пандемијата на коронавирус, која не е завршена. „Опасноста која произлегува од вирусот и натаму е сериозна", изјави Меркел во нејзината редовна саботна видео-порака. Меркел го повторува нејзиниот апел од март: „Сфатете ја ситуацијата сериозно, зашто таа е сериозна".
„Опасноста лесно се заборава, бидејќи Германија досега релативно лесно поминува низ корона-кризата, но тоа не значи дека сме заштитени, дека опасноста е остранета. Тоа го покажува актуелно и избувнувањето на регионални жаришта", истакна Меркел.
За сузбивањето на пандемијата, покрај политиката и во иднина се одговорни и сите граѓани. „Сите ние мораме да продолжиме да ги исполнуваме заедничките обврски, секој од нас треба да ја земе својата судбина во свои раце, придржувајќи се на правилата: држење минимална физичка дистанца, носење заштитна маска во јавни простории и миење на рацете", порача Меркел.