1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Бегалците ќе бидат поголем проблем од Грција

Б. Георгиевски/епд/афп17 август 2015

Германските политичари почнаа отворено да ги критикуваат Грција и Италија поради односот кон бегалците. Меркел смета дека се заканува поголема криза од онаа со Грција и еврото

Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Detmers

Министерот за внатрешни работи на покраината Баварија, Јоахим Херман ги критикуваше Италија и Грција дека со нивниот однос кон бегалците ги нарушуваат европските договори и ги ставаат под огромен притисок германските даночни обврзници.

„Неприфатливо е што овие земји, едноставно без регистрација ги препраќаат бегалците во други делови од Европа“. Политичарот на ЦСУ смета дека и Италија и Грција вршат остро прекршување на Шенген договорот и на Регулативата од Даблин, а притоа никој во Брисел не помислува да ги казни поради тоа.
„Овие земји секојдневно прават илјадници прекршувања на европските правила“, изјави Херман за „Ди Велт“.

Баварскиот министер бара драстично намалување и на паричната помош за барателите на азил од Балканот.
„Парите што ги добива оваа група се дополнителен товар за германските даночни обврзници“, изјави Херман за „Ди Велт“. Паричната помош е главна мотивација за доаѓањето на бегалците од Балканот.

Помошта за бегалците е жешка тема во Германија деновиве. Дебатата ја наметна министерот за внатрешни работи Томас Де Мезие (ЦДУ) откако предложи, наместо пари, на бегалците да им се дава надоместок во натура. Барателите на азил при приемот во земјата добиваат надоместок од 143 евра месечно.
Херман смета дека мора да се изврши проверка на нивото на помош што ќе ја добиваат сите баратели на азил. „Мораме да се прашаме дали германската социјална држава може да го издржи овој притисок“, вели баварскиот министер.

Притисок од бегалците

Германија е под притисок од бранот бегалци и баратели на азил кои пристигнуваат од конфликтните зони во Африка и Азија, но и од Балканот. Во „летното“ интервју за вториот канал на германската државна телевизија во неделата, канцеларката Ангела Меркел ги осуди нападите врз бегалските центри, и предупреди дека прашањето на бегалците ќе биде поголем предизвик за ЕУ од грчката должничка криза.

Баратели на азил според земјата на потекло во Германија во првата половина од годинава

Прашана да ги коментира повеќе од 200. напади врз домовите и центрите за сместување бегалци во Германија годинава, Меркел рече „Тоа е недостојно за нашата земја“.

Меркел предупреди дека бранот бегалци „ќе ја преокупира Европа многу повеќе од проблемот со Грција и стабилноста на еврото“.

„Проблемот со азилот може да биде следниот голем европски проект, на кој ќе треба да покажеме дали сме навистина способни да преземеме заедничка акција“, рече Меркел.

За Германија, каде некои функционери предвидуваат дека бројката на баратели на азил годинава ќе достигне 600 илјади луѓе, проблемот претставува особен предизвик. Илјадници бегалци засега спијат во шатори, а властите велат дека се претрупани со апликации, и според Меркел таквата состојба е неприфатлива. Таа ја повика ЕУ да изготви листа на земји со сигурно потекло, каде граѓаните не се под закана од насилство или прогон.

Минатата недела, партискиот колега на Меркел и министер за внатрешни работи, Де Мезие оцени дека е „неприфатливо“ што 40 проценти од барателите на азил во Германија доаѓаат од Балканот, нарекувајќи го тоа „срам за Европа“.

Околу половината од вкупниот број баратели на азил од почетокот на годинава доаѓаат од регионот на Југоисточна Европа, од земји како Албанија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми