1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел вети намалување на приливот на бегалци

Б. Георгиевски/ртр/афп14 декември 2015

Германската канцеларка вети намалување и ограничување на бројот на бегалците кои доаѓаат во земјата, но одби да им ја затвори вратата на луѓето на кои им е потребна помош.

Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Германската канцеларка Ангела Меркел на конгресот на нејзината партија ЦДУ вети дека ќе го намали бројот на мигранти кои влегуваат во Германија, обидувајќи се на тој начин да ја смири загриженоста кај нејзините сопартијци.

Германија годинава прими речиси еден милион бегалци. Иако беше прогласена за личност на годината од магазинот Тајм и Фајненшл Тајмс токму поради нејзиниот одговор на бегалската криза, Меркел се соочува со сѐ поголемо незадоволство во домашната јавност и во нејзината партија.

Пред сопартијците од ЦДУ таа порача дека одлуката од август годинава да им се посака добредојде на бегалците била „хуманитарен императив“, но во истовреме најави дека таквата политика ќе се промени.

„Ние сакаме и значително ќе го намалиме бројот на бегалците“, рече Меркел проследена со громогласен аплауз од присутните во Карлсруе.

Германската канцеларка најави мерки со кои ќе се намали бројот на луѓе кои се прифаќаат во земјата, но потенцираше дека земјата и натаму ќе ги исполнува своите „хуманитарни должности“.

Партискиот врв на ЦДУФотографија: Reuters/R. Orlowski

Нејзиното користење на фразата „значително намалување“ е резултат на резолуцијата која беше набрзина преработена од врвот на ЦДУ ноќта спроти Конгресот за да се избегне внатрепартиски бунт поради бегалската политика.

Во преработената резолуција, партискиот врв наведува: „Продолжувањето на актуелниот бран долгорочно ќе ги преоптовари државата и општеството, дури и во земја како Германија“.

Дел од мерките за кои говореше Меркел ќе опфаќаат мултилатерален приод кон кризата, подобра заштита на надворешните граници на ЕУ, поддршка за Турција која е домаќин на голем број бегалци на долг рок, и нов обид да се дистрибуираат бегалците низ ЕУ.

Дел од мерките кои Германија веќе ги презема се проширување на листата на земји со сигурно потекло, забрзана репатријација на одбиените баратели на азил и побрзо процесуирање на апликациите.

Но Меркел сепак застана во одбрана на својот слоган „Ние ќе успееме“ кој го промовираше во екот на бегалската криза, оценувајќи дека партијата мора да ги покаже своите христијански корени, споредувајќи го со сличните заложби на нејзините конзервативни претходници Конрад Аденауер и Хелмут Кол во тешки времиња. Таа потсети дека декларацијата на Аденауер „Ние гласаме за слобода“ за време на Студената војна и ветувањето на Кол за „Расцутени предели“ по обединувањето на Германија, се оствариле.

„Германија треба да биде отворена, толерантна и дури и возбудлива земја“, рече Меркел.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми