1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел вети помош на Авганистан

Хајнер Кизел/ Марсел Фирстенау/ Жана Ацеска6 декември 2014

850 војници на германскиот Бундесвер ќе останат во Авганистан и по завршувањето на воената мисија. Според опозицијата, целите на нивниот ангажман меѓутоа не се формулирани доволно јасно.

Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Германија ќе биде ангажирана во Авганистан и по завршувањето на меѓународната воена мисија во земјата руинирана од војната и теророт. Германската канцеларка Ангела Меркел му го вети ова на новиот авганистански претседател Ашраф Гани по нивната вчерашна средба во Берлин (05.12.2014). Поддршката ќе биде концентрирана на економско поле, во образованието, но и во безбедноста. Меркел за 2015 година најави и интензивни културни програми по повод стогодишнината од постоењето на билатерални врски меѓу двете земји.

Авганистанскиот претседател се заблагодари за помошта од Германија во изминатите години. Воените и цивилните жртви кои ги поднесе Германија „нема никогаш да бидат заборавени“, рече Гани. Цел на неговата политика е постоење на стабилен Авганистан во кој ќе владеат просперитет, правна држава и нема да има корупција. Дедото на Гани бил првиот амбасадор во Германија, затоа гостинот билатералните односи ги нарече „семејна традиција“.

Контроверзна парламентарна дебата

Претпладнето пак за планираната соработка со Авганистан по повлекувањето на борбените трупи дискутираше Бундестагот. Германија планира во Авганистан да остави до 850 војници. Во владиниот предлог-закон е предвидена мисија на обука и заштита, како помош за оспособувањето на авганистанските безбедносни сили.

Во иднина, војниците на Бундесверот ќе употребуваат оружје само во договор со авганистанските власти, во случај кога персоналот, кој врши обука, е лично загрозен. Основа за останување на војниците се договорите на ниво на НАТО и спогодбите со владата во Кабул околу операцијата „Непоколеблива поддршка“. Советот за безбедност на ОН се‘уште се нема изјаснето за мисијата која вклучува 41 држава. Мандатот кој го одобри Бундестагот е ограничен на една година, а се проценува дека трошоците ќе изнесуваат околу 282 милиони евра.

Новата мисија ја заменува претходната воена мисија на НАТО ИСАФ, која траеше 13 години. Тоа беше повод шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмаер да сведе биланс, кој е главно позитивен.

„Ова не е повод за самозадаоволство, но постојат успеси кои не треба да се потценуваат“, истакна Штајнмаер. Во тоа се вбројува тоа што животниот век на Авганистанците од просечните 45 се зголеми на 60 години, а е намалена и смртноста на мајките и децата. Во земјата има струја, мобилни телефони и автомобили.

„Не дозволивме земјата да потоне во хаос, од Авганистанците веќе не произлегува терористичка опасност“.

Франк-Валтер ШтајнмаерФотографија: picture-alliance/dpa

Министерот за надворешни работи потсети на 150.000 германски војници кои досега извршуваа воена служба во Авганистан и 55-те припадници на Бундесверот загинати таму. Штајнмаер побара поддршка за новата мисија, која следи нова филозофија, зашто Авганистанците ќе бидат самите одговорни за својата безбедност.

„Ние сме на вистинскиот пат“

Сосем поинакво гледиште кон успесите на досегашната воена мисија има Волфганг Герике од опозиционата Левица.

„Дали терористичката опасност денес е поголема или помала?“, праша пратеникот, негирајќи го потоа тоа.

„Илјадници луѓе ги наведовме во рацете на терористите“. Герк не гледа нова ориентација во мисијата „Непоколеблива поддршка“, зашто најголем дел од учесниците во неа се одговорни за борбени и безбедносни задачи, а не за обука.

„Стоп за германското учество во авганистанската војна, итно“, побара политичарот од Левицата. Ханс-Кристијан Штеребеле од Зелените предупреди дека обучувачката мисија повторно може да стане борбена, слично како со првично планираната заштитна мисија ИСАФ.

Пратеникот од Унијата, Родерик Кизеветер напротив смета „Се наоѓаме на вистинскиот пат“.

Германија, како трет по големина финансиер, спаѓа во редот на најважните партнери на Авганистан. Министерот Штајнмаер до 2016 година најави годишно 430 милиони евра за цивилна обнова на земјата. Авганистан е една од најсиромашните земји во светот, според индексот на развој на ОН, Human Development Index (ХДИ), земјата се наоѓа на 169 место од вкупно 187. Голем дел од германските граѓани би сакале ограничување на германскиот ангажман во Авганистан. Причината лежи во малку убедливите успеси на тешките и долготрајни странски мисии, на почетокот следени со големи очекувања. Максимата првично гласеше-на Хиндукуш се брани германската безбедност и треба да биде изградена функционирачка државна творба со демократски структури.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми