Меркел воздржана за барањата на Турција
4 февруари 2014Германската канцеларка Ангела Меркел останува воздржана за барањата на Анкара за поголема поддршка на Турција за прием во ЕУ. Нејзината владина коалција на пристапните преговори со Турција гледа како на отворен процес, информираше Меркел по денешната средба во Берлин со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган. Германската канцеларка додаде дека е можно наскоро да се отвори поглавјето од преговорите за владеење на правото и човековите права. Германската канцеларка поддржува отворање на ова поглавје „колку што е можно поскоро“. Меркел останува скептична за тоа дали земјата би требала да биде примена во ЕУ и не сака да поставува временска рамка за завршување на евроинтегративниот процес на Турција.
За време на посетата на Берлин Ердоган призна дека неговата земја мора да поработи на реформите и даде ветување дека тоа ќе биде сторено. Турскиот премиер забележа дека ЕУ би можела да има полза од турското присуство на масата на која седат членките на овој блок. Ползата, според Ердоган, би била во решавањето на регионалните конфликти.
„Очекуваме и би сакале да добиеме поддршка од Германија на патот кон ЕУ и во процесот на пристапување“, рече Ердоган пред Германскиот совет за надворешни работи. Преку преведувач тој додаде дека неговата земја би сакала Германија посилно од досега да се залага за приемот на Турција во ЕУ. Зборувајќи за германската влада, тој го употреби зборот „пријатели“. Според Ердоган, управувањето низ 21-от век не е можено без Турција.
Ердоган се наоѓа во посета на германската престолнина. Неговата посета на Берлин доаѓа во моменти кога Ердоган се наоѓа во најтешка политичка криза во минатите 11 години на власт.
Германија е најголемиот трговски партнер на Турција. Во земјата има три милиони луѓе со турски корени. За време на посетата Ердоган ќе има обраќање до Турците во Германија, што преку телевизија ќе биде пренесувано во Турција.