Меркел во зенитот на моќта... и натаму
2 јануари 2015Таа е моќна жена. Речиси традиционално, Ангела Меркел води во анкетите кои ја испитуваат популарноста на најважните германски политичари. Во својата партија е ненадминлива, понекогаш изгледа како да е кралица на Христијанско- демократската Унија ( ЦДУ). Канцеларката се’ поеќе добива признанија и на меѓународно ниво. Лондонски „Тајмс“ ја прогласи за личност на годината. Големо признание, посебно затоа што доаѓа од евроскептичната Велика Британија, за толку проевропски настроената канцеларка.
Во 2014. година, на внатрешнополитички план канцеларката без многу проблеми ја предводеше големата владејачка коалиција. На меѓународната политичка сцена, многу сериозната, во некои фази и драматична украинска криза и’ наметна на Меркел една нова улога. Ниту еден шеф на држава, ниту еден важен претставник на ЕУ по повод оваа криза немаше и нема толку чести телефонски контакти со рускиот претседател Владимир Путин, украинскиот претседател Петро Порошенко и претседателот на САД, Барак Обама. Неколку десетини пати владиниот портпарол пренесе некои површни информации во врска со тие разговори, кои секако никогаш не беа рутински.
Фактот дека и францускиот претседател Франсоа Оланд учествуваше на состаноците на највисоко ниво- како што беше оној во средината на јануари во казахстанската престолнина Астана- воопшто не го намалува значењето на канцеларката и нејзиниот исто толку ангажиран министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер. Европејката Меркел свесно на своја страна имаше проверен партнер. Во кругот на најважните индустриски земји- Г7, таа има најдолг стаж, со 9 години поминати на чело на државата. Таа исто така е онаа, која најдобро ги познава руското размислување и руската душа.
Токму затоа таа толку инсистира на единство на Европејците. Никој не знае каде натаму политички ќе води украинската криза. Можно е кога ќе се прави ретроспектива, кризната дипломатија на Меркел во 2014. година, да се покаже еднакво важна како и совладувањето на големата економска криза пред 6 години.
Тогаш таа се залагаше за финансиски силна Германија, сега за еднинствена Европа. „Меркел е најистакната политичарка во Европа“, пишува „Тајмс“ по повод признанието „Личност на годината“. Во 2014. Меркел покажа дипломатска решителност, без разлика дали стануваше збор за Брисел или за ОН во Њујорк.
А на домашната сцена? Буџет без нови задолжувања, успешни бројки за бројот на вработени, економијата како мотор- сето тоа зборува за политичката умешност на Меркел. На конгресот на ЦДУ на почетокот на декември во Келн, присутните 10 минути и’ аплаудираа на канцеларката. Еднакво срдечно беше и 10 дена подоцна на заседанието на сестринската партија Христијанско-социјалната Унија (ЦСУ). Рекорден аплауз.
Но и покрај тоа стана јасно дека партиите на Унијата покажуваат слабост во Германија и тоа не на ниво на сојузната влада, туку на ниво на сојузните покраини и големите градови. Врвот на партијата некогаш ќе мора да преземе одговорност за тоа. 2015. година ќе биде пресвртна година, бидејќи во 2016. почнува изборниот маратон во пет сојузни покраини пред изборите за Бундестагот. Во сојузните покраини ќе се одлучува за идната моќ на ЦДУ на Ангела Меркел. Тоа го знаат и оние кои аплаудираа на партиското заседание. Тие ја поддржуваат Меркел. Дури и на „исклучителната политичарка на Европа“ и’ е неопходна поддршка од политичката база.