Меркел во потрага по сојузници за слободната трговија
7 јуни 2017Латинска Америка е еден вид примерно усвоено дете на германската надворешна политика: потконтинентот не прави проблеми, се радува на добрите односи, но никој претерано не се труди да ги интензивира. Откако САД речиси воопшто и да не се интересираат за својот заден двор, Кинезите таму успешно го зголемуваат влијанието - посебно во трговијата и со непосредни инвестиции.
Германија и ЕУ во тој поглед тапкаат во место. „Германската надворешна политика во последните години во голема мерка се ориентираше според кризите“, вели Гинтер Мајхолд од Фондацијата за наука и политика (СВП), „а Латинска Америка едноставно нема врска со тие кризи“. Но, тоа штотуку почнува да се менува.
Бидејќи, ако до неодамна Германија знаеше дека најмоќната земја во светот е на нејзина страна, по Трамповиот настап на самитот на Г7 веќе нема извесност. Наместо тоа, изгледа дека владата на САД се одалечува во основните прашања за светската политика од германските и европските позиции.
Кога германската канцеларка Ангела Меркел од денеска до 11 јуни ќе претстојува во Аргентина и Мексико, тоа во никој случај нема да биде само формална посета во рамки на германското претседавање со групата Г20 - тоа ќе биде и поддршка на една одредена слика на светот.
Се очекува говор за темелните прашања
„Меркел некако неволно стана бранителка на слободната трговија“, вели Детлеф Нолте, директор на хамбуршкиот Институт за латиноамерикански студии ГИГА. Затоа нејзината мисија би можела да биде важна кога станува збор за продлабочување на односите со земјите во Латинска Америка.
Во Министерството за надворешни работи велат оти се очекува Меркел да зборува за темелите на германската политика во Латинска Америка. Тоа би било соодветно, смета истражувачот од СВП Мајхолд, и потсетува дека министерот за надворешни работи, Гидо Вестервеле, своевремено во Аргентина, Мексико и пред сѐ во Бразил гледаше „сили на обликување“ кои на регионално и на глобално ниво можат да дадат значителен придонес во решавање на глобалните проблеми како што се слободната трговија или промената на климата.
Но, потоа дојдоа економските кризи: Аргентина и Бразил влегоа во рецесија, а Бразил, притоа, го зафати трајна политичка криза. Тешко е да се каже дали слободната трговија би можела да ја спречи кризата, но се знае дека ниту една од овие две земји со години не покажа никаков интерес за неа.
Што се однесува до Мексико, оваа земја ѝ е наклонета на светската трговија. Во споредба со другите економии во Латинска Америка, мексиканската е во добра состојба, иако има умерен раст. Но, оваа земја има многу сопствени проблеми: организиран криминал, корупција, миграција и - посебно сега - односите со САД.
Итно да се заземат позиции
Мексико економски и географски ѝ припаѓа на Северна Америка. Но, оваа земја и со ЕУ има Рамковен договор со кој е договорено сукцесивно зголемување на обемите на слободна трговија за одредени стоки и услужни дејности. Пред една година, овој договор е модернизиран. Но, иако Мексико има договор за слободна трговија со многу други земји во Латинска Америка и во Азија, 80 насто од извозот оди во САД.
Тоа би можело да се промени. Бидејќи, ако претседателот на САД, Доналд Трамп, ги изолира САД од меѓународната трговија, економијата на Мексико која е ориентирана на извоз ќе остане без нови пазари за пласирање на своите производи.
Меркел би морала да ги позиционира ЕУ и Германија како важни актери, заклучува и Гинтер Мајхолд. Таа има за што да преговара: „Мексико веќе со години има големи очекувања од Германија - кои досега не се исполнети, посебно на план на научно-техничката соработка“, вели овој познавач на Мексико.
Во Аргентина таквото позиционирање би можело да биде уште поважно - ако Германија не сака да им го препушти теренот на други сили. Русија и Индија во последниве години го зголемија влијанието. Кина е особено ангажирана во таа земја - таа таму гради две хидроцентрали и исполнува и други обврски според договорите склучени уште во времето на претседателката Кристина Кирхнер. Новиот претседател Маурицио Макри смета дека влијанието на Кина е преголемо, но тој само повторно преговараше за старите договори, а не ги откажа. Меркел во тие земји би сакала да тропне на отворени врати кога станува збор за намерата да се создаде алијанса против САД и за слободна трговија.