1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел во потрaга по партнери

Стефани Хепнер
2 март 2017

Ангела Меркел во наредните денови патува во северна Африка, Египет и Тунис. Нејзината цел е пронаоѓање нови партнери за евентуален нов договор за бегалците. Нејзината посета на Египет предизвикува жестоки критики.

Berlin Pressekonferenz Merkel al-Sisi
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Германската канцеларка Ангела Меркел повторно се обидува да постигне договор за бегалците. И повторно, нејзиниот потенцијален партнер – слично како и во случајот со договорот за бегалците со Турција – е многу спорен. Меркел денес (2 март) патува во Египет, а во петок (3 март) ќе престојува во Тунис. Двете патувања имаат различна цел: од една страна, со Египет таа сака да разговара за граѓанската војна во соседната Либија. Голем број на луѓе од таа земја секој ден тргнуваат во бегство преку Средоземното море. Без стабилизација на Либија, трговците и криумчарите на бегалци, кои за многу пари нудат место во несигурните броодови нема да престанат со својот бизнис. Во моментот, Египет го поддржува спорниот генерал Халиф Хафтар.

Од друга страна, Меркел веројатно сака да разговара за бегалското прашање и евентуално да постигне договор сличен на оној со Труција. Парламентарните избори во Германија не се единствената причина која ја тера канцеларката да делува брзо. Претседателските избори во Франција и Холандија во кои десничарско популистичките кандидати Марин Ле Пен и Герт Вилдерс одат во лов на гласови со антибегалски курс како и политика против ЕУ, би можеле да имаат влијаније врз Меркел, вели за ДВ Јоахим Паул, шеф на канцеларијата на германската фондација Хајнрих Бел во главниот град на Тунис „Германската влада и ЕУ се обидуваат да направат сѐ, за да дојде до промени во однос на политиката на имиграција“, вели Паул. Една од идеите е следната: на северот на Африка би требало да бидат изградени т.н. собирни центри за луѓе кои се спасени од Средоземното море. Во центрите, овие луѓе би можеле да поднесат барање за добивање на азил – или да бидат вратени назад.

Јоаким ПаулФотографија: Heinrich Böll Stiftung

„Најтешка повреда на човековите права“

Египет е „елемент на стабилност“ во тој кризен регион, оцени неодамна Ангела Меркел. Тоа би можело да биде причина за добра атмосфера, барем за време на состанокот со претседателот Абдула Фатах ал-Сиси. Сепак, борците за заштита на човековите права на тоа гледаат понаку: „Се сомневам дека режимот, под кој се случуваат најтешките повреди на човековите права кои се забележани во модерната историја на Египет – како што опиша Хјуман рајтс воч – може да управува со собирни центри кои би исполнувале минимални стандарди на почитување на човековите права“, вели Паул. „Режимот, освен тоа, не би можел да се грижи за безбедноста, а ситуацијата попрво би се влошила, отколку што би се подобрила“, оценува претставникот на фондацијата Хајнрих Бел.

„Антитерористичката борба на режимот не е насочена само против џихадистичките организации, туку се користи и за да се даде легитимитет на акциите за елиминирање на политичката опозиција“, вели Паул. „Ние мораме многу добро да согледаме дали земјите со кои соработуваме – а со тоа мислам главно на Египет – се навистина стабилни и дали има смисла да се направи договор со тие земји и да се поддржи режимот“, заклучува Паул од фондацијата Хајнрих Бел. Друштвото за загрозени народи во соопштение наведе дека Меркел го „разубавува билансот“ на Египет во однос на човековите права. Нејзините зборови се „шлаканица за Коптите“ е наведено во соопштението. Организацијата и забележува на Меркел дека се додворува на раководството во Каиро за да го наведе на тесна соработка за бегалската политика. Канцеларката во своето неделно видео обраќање изјави дека „христијаните во Египет можат да ја практикуваат својата религија“ и дека тоа „претставува пример за една муслиманска земја“.

Повеќе од миграција

Не е јасно дали таканаречените собирни центри ќе бидат тема и во Тунис, каде Меркел треба да престојува во петок. Кога пред околу две недели, тунискиот премиер беше гостин на Меркел во Берлин, тоа наводно не било тема на разговор. Ханед, во интервју за Франкфургер алгемајне цајтунг, изградбата на таков центар во неговата земја недвосмислено ја одби.

„Во секој случај, во ваков момент тоа не е добра идеја“, изјави премиерот на Тунис.

Од гледна точка на Германија, најмалата северноафриканска држава е многу значајна. Тунис е единствена земја на северот на Африка, која успеа по т.н. „Арапска пролет“ да спроведе демократска транзиција и реформи.

„Поради тоа се надеваме дека разговорите нема да се сведат само на миграциската политика“, изјави за ДВ претседателот на германско-туниското здружение, Рауф Хамаси.

„Пред сѐ, се работи за зајакнување на билатералните врски и поддршка за изградба на демократска структура. Собирен центар не би бил добра работа за нашата млада демократија“, смет Хамаси. Со него се согласува и Јоахим Паул од Фондацијата Хајнрих Бел: „Тунис е на патот на демократијата, таа земја не би требало да се оптоварува со нешто, за кое не е одговрна. Освен тоа, само мал дел од миграцијата се одвива преку Тунис и, правно гледано, ситуацијата во која би се нашле луѓето, со оглед на недостатокот на право на азил во Тунис, би била целосно несигурна“, смета Паул.

Поради тоа, Меркел за домаќините би можела да има друга тема: враќање на луѓето чии барања за азил се одбиени. Нивниот број, всушност, е мал - околу 1.500 луѓе - но сепак, по нападот кој во Берлин го изведе Тунижанецот Анис Амри, таа тема доби на важност. Амри пред да го изврши нападот бил означен за лице од кое заканува опасност, а неговата депортација во Тунис не успеала поради недостаток на документи. „Тунис секако мора да ги прифати своите сопствени државјани, без оглед дали тие се потенцијално опасни или не“, вели Паул. Сепак, во Тунис владее голем страв од луѓето кои се приклучуваат кон „Исламска држава“. Во таа земја жестоко се дискутира за враќањето на исламистите од кризните подрачја. Меѓутоа, дали домаќините во Египет и Тунис имаат слух за Меркел и за нејзините намери - не е јасно, иако таа, веројатно, двете земји би можела да ги убеди на соработка благодарение на економските инвестиции.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми