Во традиционалното новогодишно обраќање, германската канцеларка апелира за јакнење на чувството на заедништво во Германија и ги повикува граѓаните да придонесат за зачувување на ЕУ како проект на мир и благосостојба.
Реклама
Од 2005 година Ангела Меркел има традиционално новогодишно обраќање во својство на германска канцеларка. Таа на почетокот на луѓето во Германија им се обраќа со „Драги сограѓанки и сограѓани“. Но сепак, нејзините зборови се слушаат и надвор од Германија. И кога Меркел во актуелното новогодишно обраќање говори за „многу тешка политичка година“ за нас, таа не мисли само на својата земја.
Канцеларката најнапред говори за шесте месеци натегања за составување влада по изборите во септември 2017 година. „Кога владата меѓу демохристијаните и социјалдемократите беше конечно формирана, во неа имаше кавги и се занимававме сами со себе“, истакна Меркел, не наведувајќи притоа конкретни примери.
За своето повлекување од врвот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и најавата дека по тековниот канцеларски мандат веќе нема да се занимава со политика, таа истакна дека тоа нема врско со тоа „колку незадоволителна беше изминатата година“. Ангела Меркел додава дека доволна причина за крај на кариерата е самиот факт дека веќе 13 години е на функцијата. „Го продолжуваме она што ни го оставија нашите претходници и ја обликуваме сегашноста за оние кои доаѓаат“, истакнува Меркел, додавајќи: „Демократијата живее од промени“.
Судбински прашања: промена на климата, миграција, тероризам
Меркел во новогодишното обраќање изразува уверување дека предизвиците можат да се надминат, ако, како што вели, „се држиме заедно и соработуваме со другите преку границите“. Таа ги споменува и самитот за климата, кој неодамна се одржа во полскиот град Катовице („судбоносно прашање за климатските промени“), управувањето со миграцијата и борбата против меѓународниот тероризам. „Во наш сопствен интерес е да сакаме да ги решиме овие прашања“, истакнува канцеларката, нагласувајќи дека Германија и Германците мора да преземат одговорност.
Таа предупредува и дека „извесноста на меѓународната соработка“ е под притисок, повторно не наведувајќи примери. Но, никој не се сомнева, дека притоа мисли на трансатлантските односи, т.е. непресметливоста на американскиот претседател Доналд Трамп. Сепак, Меркел порачува:„ Во таква ситуација мора поцврсто да ги браниме нашите убедувања, да аргументираме, да се бориме“.
Апел за поддршка на проектот ЕУ
Ангела Меркел во обраќањето ја најавува и заложбата ЕУ да стане „посилна и поефикасна“ и порачува дека треба да се задржи тесно партнерство со Велика Британија и по нејзиното излегување од Унијата. Канцеларката притоа упатува повик до сонародниците на изборите за Европскиот парламент во мај наредната година да придонесат Европската унија да остане „проект на мирот, благосостојбата и сигурноста“.
Таа уште порача дека на домашен план нејзината влада работи на воспоставување на „рамноправни услови за живот“, така што „секој има добар пристап до образование, станбен простор и медицинска нега“. И покрај нарушената општествена клима за време на изминатата година, Меркел на крајот на нејзиното обраќање по повод новата 2019 година порачува: „Ако своите вредности и идеи ги спроведеме со убедување, ќе настане нешто ново и добро“.
Галерија која би можела да ве интересира:
Од провинциска девојка до канцеларка
Ангела Меркел е прва жена - канцелар во историјата на Сојузна Реублика Германија. Во четвртокот (17.7.2014) ,,„Мајката на нацијата“ , како што од милост ја нарекуваат Германците, го прослави 60-от роденден.
Фотографија: Reuters
Се појави одненадеж...
... и веднаш прекрши многу стереотипи. Жена од источна Германија без политички „врски“ која прво се проби на чело на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) а потоа стана канцеларка. Оттогаш двапати по ред беше повторно избрана на функцијата. Германската писателка Јули Цех дури и посвети и една театарска претстава под наслов „Мама“
Фотографија: Reuters
Додека „мама“ сѐ уште беше „Енџи“
Кој тогаш би помислил дека Ангела Доротеа Казнер еднаш ќе стане најмоќна жена во светот? Грижливост, содржајност, воздржаност, со двете нозе на земја- малата Ангела израсна во протестантско семејство во градот Темплин во покраината Бранденбург. Нејзиниот татко е пастор а мајката дома ги чува Ангела и двете помлади деца.
Фотографија: imago
Драго семејство
Бабата Грета и дедото Лудвиг со нивниот син Хорст Казмирчак- таткото на Ангела. Да, не е грешка: Казмирчак. Семејството живее во Познањ, а подоцна се сели во Берлин и дури во 1930. година го менува името во Казнер. Кога во 2013. година се прошири глас за полските корени на германската канцеларка тоа предизвика големо внимание, посебно во Полска.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Тогаш на летување
Ангела одеше на училиште во Бранденбург. Кампувањето и одморот во Химелфорт во 1973. година навистина го заслужи бидејжи во сведителството имаше само најдобри оценки. Посебно се истакнуваше во предметите -руски јазик и математика. За време на школувањето била и членка на тогашната социјалистичка младина ФДЈ.
Фотографија: picture-alliance/dpa
70-ти: наука наместо Рокенрол
Меркел започна студии по физика во Лајпциг а потоа работи во Академијата за науки на ГДР во одделението за хемија каде положи и докторски испит. Тогаш го запозна и својот прв сопруг Улрих Меркел. Тој деенс се сежава на Ангела која ја запамтил како „срдечна, отворена и природна девојка“, Ангела со задоволство патува, како тука ( на фотографијата) во Прага.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Нов човек во нејзиниот живот
„ Еден ден се спакува и се исели од нашата соба голема 10 квадратни метри. Ја зеде машината за перење алишта а јас го задржав мебелот“, раскажуваше нејзиниот поранешен сопруг. Потоа стана политички активна, прво како членка на „Демократското будење“ а потоа и на ЦДУ. Со тоа во нејзиниот живот влегува нов човек, шефот на партијата и нејзин ментор Хелмут Кол.
Фотографија: Reuters
Против сите ветришта
Меркел добро го подготви својот пат: Во 1990. станува пратеничка во Бундестагот. Канцеларот Хелмут Кол ја поставува за министерка за жени и млади, иако некогашната граѓанка на ГДР нема добри врски во ЦДУ и нема ни искуство. Четири години подоцна во новиот кабинет на Кол станува министерка за животна средина, задолжена и за безбедноста на атомските реактори.
Фотографија: Reuters
Терминаторот на Христијанските-демократи
На предлог на новиот претседател на ЦДУ , Волфганг Шојбле, Меркел во 2001. стана генерален секретар на партијата а четири години подоцна во 2005. и претседателка. Во 2009. ЦДУ победи на изборите и Меркел стана прва жена канцеларка- на големо жалење на Герхард Шредер кој сакаше да остане на должноста.Под нејзино раководство ЦДУ силно се помести кон политичкиот центар и стана помалку конзервативна.
Фотографија: Reuters
Таа сака добро да се насмее
Политичкиот свет на мажите го држи добро на око. Како лидер на европската „економска локомотива“ за време на финансиската криза го крена гласот и се заложи за германските интереси. критичарите во земјата и приговорија дека премногу тактизира и оти и недостасуваат јасни зборови , особено кога станува збор за аферата со американската тајна служба, НСА.
Фотографија: Reuters
Со кого таа е „под исто ќебе“?
Со Путин не е. Односите меѓу Ангела Меркел и Владимир Путин и пред кризата во Украина не беа најдобри, како што беше случај меѓу нејзиниот претходник Герхард Шредер и рускиот претседател. Но Путин и оддава големо признание и двајцата мжат добро да разговараат и на германски и на руски јазик. Но дали притоа и се разбираат?
Фотографија: picture-alliance/dpa
Женска вечер со шприцер
Светската политика во сигурни раце на неговата сопруга, а Јоахим Зауер може да ги исполни своите обврски како „прва дама“. Со вториот сопруг Меркел се венчаше во 1989. година, уште пред нејзиниот политички подем. Тој е професор по физичка и теоретска хемија и има два сина од првиот брак. Зауер инаку се труди да избегнува настапи во јавноста.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Германски одговор за Белата куќа
Она што за други е Белата куќа или Елисејската палата за брачната двојка Меркел-Зауер е стан во центарот на Берлин. На Енџи не ѝ е потребно многу. Соседите ја сретнуваат во продавница на каса, бидејќи и натаму пазари сама. И му готви на сопругот, како што правела и порано.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Мала морска сирена
Годишните одмори со задоволство ги минува на италијанскиот остров Ишија. Таму со сопругот оди на пешачење и на пливање. А како љубителка на скијачкото трчање, редовно може да се види и на скијачките патеки.
Фотографија: Reuters
Уверлива, не само политички
Меркел ретко може да се види во издание како ова на опера во Осло. На тогашниот премиер на Норвешка, Јенс Столтенберг очигледно му се допадна нејзиниот изглед. како љубителка на класична музика, често може да се види на Вагнеровите свечености во Бајројт.
Фотографија: Bjorn Sigurdson/AFP/Getty Images
Знае и што е офсајд
На важните натпревари на германската репрезентација со задоволство присуствува на стадионите и навива. Потоа смее да го направи она за што многу можат само да сонуваат: да ги посети играчите во соблекувалната и, на пример, да направи еден „селфи“ со Лукас Подолски. Според последните анкети, 70 насто од Германците се задоволни или многу задоволни од својата канцеларка.