Во ексклузивно интервју за Дојче веле, канцеларката Ангела Меркел се заложи за мирна разврска на конфликтот со Северна Кореја. Таа смета дека Германија може да посредува во спорот.
Реклама
Германската канцеларка Ангела Меркел остро го критикуваше говорот на американскиот претседател Доналд Трамп пред Генералното собрание на ОН. Во интервју за Дојче Веле, Меркел вели дека е против закани какви што во говорот испрати Трамп.
„Јас сум против такви закани. Од мое, и од име на владата сакам да кажам дека секој вид на воено решение го сметаме за апсолутно несоодветно и се залагаме за дипломатски напори. Тоа мора енергично да се имплементира. Според мене, санкциите и нивната имплементација се вистинскиот одговор. Но, сѐ друго во однос на Северна Кореја мислам дека е погрешни. И во тој дел имаме јасни разлики со американскиот претседател“, вели Меркел за ДВ.
Меркел на дистанца од Трамп
00:35
Таа порака, Меркел му ја испратила на Трамп и во телефонски разговор пред неговиот настап пред ОН.
Во пресрет на гласањето в недела на 24 септември, според анкетите, Меркел и нејзината демохристијанска партија ЦДУ се во убедлива предност и речиси е сигурно дека по 12 години на чело на владата, Меркел ќе остане канцелар и во следните четири години. На второ место се Социјалдемократите кои ги предводи Мартин Шулц и кои во изминатите четири години беа дел од широката владина коалиција.
Темата која ги обременува изборите е потенцијалниот успех на десно-радикалната АфД (Алтернативата за Германија) која би можела да стане трета најсилна партија во новиот состав на Бундестагот. Најдобрата стратегија против десните популисти, вели Меркел, е да се решаваат проблемите на луѓето. „Грижите кои ги имаат луѓето, да си обезбедат работа, да има добри училишта, добра медицинска нега- да се погрижиме за тие проблеми. Но во истовреме, од друга страна, да поставиме јасен знак против омразата и насилството“, рече канцеларката Ангела Меркел во интервју за ДВ.
Германските канцелари- од Аденауер до Меркел
Германија од 1949 година имаше седум канцелари и една канцеларка. Ангела Меркел веќе 12 години седи во канцеларската фотелја, а се надева на уште четири. Кои беа нејзините претходници?
Конрад Аденауер беше прв германски повоен канцелар. Во текот на неговиот мандат тогаш младата Сојузна Република Германија стана суверена држава. Во надворешната политика јавно се деклрарираше кон Западот. Неговиот стил на владеење беше авторитарен. Аденауер беше Рајнлендер, па оттука и заложбата Бон да стане главен град. Сепак, не беше многу заинтересиран за карневалската традиција на регионот.
Фотографија: picture alliance/Kurt Rohwedder
Лудвиг Ерхард (ЦДУ), 1963 - 1966
Во 1963 година, ЦДУ инсистираше од функцијата канцелар да се повлече, тогаш веќе 87-годишниот Аденауер. Ерхард беше прогласен за негов наследник. Тој стекна популарност како министер за економија, промовирајќи го социјалното пазарно стопанство. Познат е како „татко“ на германското стопанско чудо. Ретко можеше да се види без цигара. Поднесе оставка во 1966 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Курт Георг Кицингер (ЦДУ), 1966 - 1969
Кицингер ја формираше првата голема коалиција во Германија меѓу ЦДУ и СПД. На таа влада и појде од рака да го разбуди заспаното стопанство. По усвојувањето на законите за вонредна состојба, со што на државата и беа доделени посебни права, младите луѓе излегоа на улиците. Со тоа беше родено студентското движење. Кицингер беше спорен политичар поради своето минато во текот на националсоцијализмот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Вили Брант (СПД), 1969 - 1974
Општествените промени донесоа и политички промени: Вили Брант стана првиот социјалдемократски канцелар на Германија. Славен поради својот гест кога клекна пред Споменикот на јунаците на Варшавското гето и побара прочка за злосторствата на нацизмот. Со тоа испрати сигнал за помирување. Успеа да ги подобри односите и со земјите од Источниот блок. Во 1971 година ја доби Нобеловата награда за мир.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Хелмут Шмит (СПД), 1974 - 1982
Шмит стана канцелар по оставката на неговиот партиски пријател Вили Брант. Светската економска рецесија беше главна грижа на неговата влада. Шмит владееше разумно и ефикасно. Покажа цврста рака во борбата против теророт на левичарско-екстремистичката Фракција на Црвената армија (РАФ). Откако и беше изгласана недоверба на неговата влада поднесе оставка.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Хелмут Кол (ЦДУ), 1982 - 1998
Беше канцелар 16 години, што е рекорд. Хелмут Кол важеше за истраен политичар и непоколеблив, но без голем порив за реформи. Нему му се припишува голема историска заслуга: обединувањето на двете Германии и обновата на источна Германија. Но, тој не е само канцелар на обединувањето. Кол се залагаше и за заеднички раст на Европа.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Герхард Шредер (СПД), 1998 - 2005
По четири канцеларски мандати на Кол, на чело на владата дојде Герхард Шредер. Тој стана прв канцелар на црвено-зелена влада. Во текот на неговиот мандат Бундесверот за првпат учествуваше во странска воена интервенција на НАТО. Неговата Агенда 2010 беше голем испит за партијата. Многу луѓе протестираа низ земјата поради кратењето на социјалните давачки.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Ангела Меркел (ЦДУ), од 2005
Во 2005 година, Меркел стана првата жена канцелар на Германија. Во изминатите 12 години со успех ги пребродуваше сите големи домашни, европски и светски кризи. Владее прагматично. После нуклеарната хаварија во Фукушима, експресно ја смени домашната енергетска политика. Пред изборите во септември 2017, одеднаш одлучи да поддржи склучување на истополни бракови.