1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Европска перспектива за Западен Балкан

Бахри Цани/Ж.А.10 јули 2015

Посетата беше наречена „историска“: среде грчката криза, германската канцеларка Ангела Меркел при престојот во Албанија, Србија и БиХ, упати охрабрувачки зборови до домаќините.

Фотографија: Reuters/A. Bronic

Ангела Меркел во последно време е често критикувана поради грчката криза, но во Албанија, Србија и БиХ можеше да се радува на топол прием. На сите страни можеа да се видат плакати со „Срдечно добредојде, госпоѓо Меркел“.

Германската канцеларка се спротивстави на впечатокот дека поради внатрешните сопствени проблеми, ЕУ веќе не е отворена за прием на други држави. „Ништо нема да биде вештачки одолговлекувано. Тоа што Албанија направи голем напредок, насекаде наиде на признание“, истакна Меркел во Тирана. Таа сепак не можеше да каже конкретно кога ќе биде отворено првото поглавје во пристапните преговори со Тирана. Иако е јасно дека нема да има скорешен прием на нови членки во ЕУ, големото мнозинство Албанци се за приближување кон ЕУ.

„Можеби ние на Балканот изгледаме малку старомодни, зашто сакаме да пристапиме кон ЕУ во време кога други сакаат да излезат од неа. Но, во овој контекст порадо сакаме да бидеме старомодни“, рече албанскиот премиер Еди Рама, барајќи јасна европска перспектива за својата земја. „Без оваа привлечна сила, балканските земји нема да успеат да ги отстранат старите кошмари“, изјави Рама, мислејќи на поранешните граѓански војни и етничките конфликти во поранешна Југославија.

Ангела Меркел и Александар ВучиќФотографија: Reuters/M. Djurica

Пофалби за Тирана и Белград

По посетата на Меркел во Албанија, која медиумите ја оценија како „историска“, политикологот Арманд Шкулаку забележува: „На крајот, никој од политичките актери во Албанија не може да биде вистински задоволен“. Зашто, владата и премиерот Еди Рама очекуваа поголеми пофалби, а опозицијата се надеваше на поголема критика на сметка на развлечените реформи.

Меркел и на албанската, како и на српската влада, и‘ вети лично дека лично ќе се заземе кај Европската комисија за отворање на преговарачки поглавја во пристапните преговори. Перспективата за прием на балканските земји во ЕУ е важна за мирот и стабилноста во регионот, истакна таа во разговорите со српскиот премиер Александар Вучиќ во Белград. Србија и Албанија се надеваат до наесен да ги исполнат сите барања од ЕУ и да почнат со пристапните преговори.

Канцеларката Меркел ги пофали владите во Тирана и во Белград за нивните во меѓувреме силни ангажмани за потесни контакти меѓу балканските земји. Српската влада работи на помирување со Косово. На преговорите во Брисел со посредство на ЕУ-ополномоштеничката за надворешна политика, Федерика Могерини, во моментов се преговара околу статусот на српското малцинство на Косово, како и за темите енергија, слобода на движење и телекомуникаци. Нормализирањето на односите меѓу Србија и Косово, кое во 2008 година ја прогласи својата независност од Србија, е еден од најважните услови за приближување на Белград кон ЕУ.

Ангела Меркел во СараевоФотографија: picture-alliance/AA

Меркел во посета на блиските на жртвите од Сребреница

Германската канцеларка Ангела Меркел и на босанскохерцеговската влада и‘ вети поддршка од ЕУ и Германија на патот кон ЕУ. Сараево планира најдоцна до почетокот на 2017 година да поднесе барање за прием во Унијата. „Не се гледаме изолирани во регионот“, изјави претседателот на Претседателскиот совет во Сараево, Младен Иваниќ по разговорите во канцеларката.

Во БиХ, каде јазот меѓу Бошњаците, Србите и Хрватите и по две децении од граѓанската војна се‘у ште е длабок, Меркел вчера се сретна со роднините на жртвите во масакрот во Сребреница. Таму во 1995 година беа убиени околу 8.000 босански муслимани од босанско-српските трупи. Првично беше планиран само многу краток разговор, но Меркел со луѓето помина повеќе време од планираното.

Поради тешката економска и политичка ситуација во татковината, околу половината од младите луѓе во БиХ сакаат да се иселат, најчесто во Германија, Велика Британија, Швајцарија и САД, покажува студија на фондацијата Фридрих Еберт. Во Албанија процентот на оние кои сакаат да заминат е дури 67 насто. Посебно голем е бројот на Албанци и Косовци кои во Германија доставуваат барање за азил, но Меркел на својата балканска турнеја истакна: „Албанија не е земја чии граѓани можат да добијат одобрени барања за азил.“ За разлика од Србија, БиХ и Македонија, Албанија и Косово се‘у ште не се рангирани во Германија како „земји на сигурно потекло“. Но, сепак позитивен одговор добива само помалку од еден процент од барателите на азил од Албанија.

Србија пак во меѓувреме стана транзитна земја за бегалците. Според српското Министерство за внатрешни работи, од почетокот на годината повеќе од 34.000 луѓе таму доставиле барање за азил. Канцеларката и во овој контекст вети - балканските земји нема да бидат оставени сами.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми