1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел заминува, но нејзиниот политички стил останува

Розалија Романиец
8 декември 2021

Меркел ја напушта политичката бина, а многумина во странство се прашуваат - како ќе се движи Германија во иднина и дали ќе остане стабилна и пресметлива. Ваква загриженост е неоснована, оценува Розалија Романиец.

Symbolbild Abschied der Bundeskanzlerin Angela Merkel NEU
Фотографија: Getty Images/Sean Gallup

На почетокот толку потценуваната канцеларка во текот на 16-годишното владеење беше на чело на четири влади и се справуваше со редица кризи. Соработуваше со четворица американски претседатели, петмина британски премиери и четворица француски претседатели. За големиот број австриски канцелари или италијански премиери и да не зборуваме. Во многу главни градови луѓето доаѓаа и си одеа, Ангела Меркел остана.

Оттука, разбирливо е што особено во странство многу луѓе веќе воопшто не можат да си ја претстават Германија и Европа без Ангела Меркел. Затоа прашуваат - дали економски најсилната нација во срцето на континентот ќе остане стабилна и пресметлива и без оваа канцеларка.

Не мускули, туку 'рбет

Со тешките партнери се среќаваше непретенциозно, без возбуда и прагматично. Со Доналд Трамп или Владимир Путин, и покрај сите провокации, настапуваше опуштено. Својот политички компас честопати го демонстрираше меѓу редови - тоа често подобро се препознаваше во странство отколку во Германија.

Розалија РоманиецФотографија: DW/B. Geilert

Канцеларката се проби во еден свет во кој доминираат мажите. Таа не употребуваше мускули, туку се потпираше врз 'рбетот. „Во односот со другиот е потребна вистинитост, а можеби е најважно што тоа е неопходно и кон самиот себеси“, рече таа во 2019 година во текот на својот говор на Харвард. Според Меркел, тоа значи „лагите да не се нарекуваат вистини, а вистините - лаги“.

Гласните пораки ѝ лежат далеку помалку од суптилните гестови. Кога при посетата на Владимир Путин во неговата летна резиденција во Сочи беше душкана од неговиот голем лабрадор, таа ја задржа смиреноста, иако има голем страв од кучиња. Дури сега, 14 години подоцна, при последната посета на Кремљ, дозволи телефонот со максимална јачина да ѝ заѕвони двапати едно по друго среде прес-конференција со Путин!

Меркел трасираше нов политички стил

Начинот на однесување и делување на Меркел речиси беше повеќе сакан и почитуван во странство отколку во самата Германија. Иако, се разбира, и во странство не беше само сакана. Мораше да донесе низа непријатни одлуки. Грците до денес се незадоволни од нејзината острина во финансиската криза, Италијанците од вртењето на погледот настрана од миграциската криза која се навестуваше многу пред 2015 година, а Полјаците од нејзината согласност за гасоводот Северен тек 2. Но, контроверзните одлуки не ѝ штетат многу на почитта која Меркел ја ужива во меѓународни рамки.

Зашто,Ангела Меркел е олицетворение на еден политички стил кој кај другите политичари би морал да се бара долго - таа 16 години владееше без каква било афера. И, со свето повлекување, кое самата го одреди, постави урнек за тоа како своеволното предавање на власта може да се реализира со достоинство и респект.

„Обука“ на новиот канцелар

Не е чудо, значи, што многумина во странство прашуваат каква Германија треба да очекува светот кога Меркел ќе си замине. Прашањето, впрочем, го поставуваат и многу Германци. Во нејзината партија, ЦДУ, долго време висеше обвинувањето дека Меркел не мислела на својот наследник.

Но, ако се изземе партиската димензија, може навистина да се постави прашањето дали тоа е точно. Нејзиниот наследник, социјалдемократот Олаф Шолц, беше вицеканцелар во еден мандат на Меркел. Стабилноста и континуитетот и за него се најважните водилки во германската политика. Така погледнато, никој во странство не треба да се премислува. Новиот канцелар доволно долго учеше од Меркел.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми