1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан со различни брзини се приближува кон ЕУ

Е.М. Фиданоска2 јули 2016

Пред третата Конференција за Западен Балкан во Париз, германската канцеларка Ангела Меркел зборува за европерспективите на државите од регионот.

Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Lecocq

Западнобалканските држави имаат европска перспектива, вели германската канцеларка Ангела Меркел на два дена пред Конференцијата за Западен Балкан во Париз. Во интервјуто што со нејзе го водеше политикологот Маркус Биц, а објавено денеска во облик на видео-подкаст на страницата на германската влада, Меркел, меѓу другото, оценува дека приближувањето кон ЕУ ќе оди со различна брзина:

„Хрватска и Словенија се веќе членки, други почнаа преговори за членство, Босна и Херцеговина, на пример, сега поднесе барање за прием. Овие чекори се, се разбира, секогаш поврзани со очекувањата што ние ги имаме - што мора да се подобри во начинот на владеење, во делот на прашањата за правната држава и друго. Веќе имаме успеси. Прво, во атмосферата. Всушност, многу е убаво: откако ја одржавме првата конференција во Берлин, меѓу двете конференции потоа се сретнаа премиерите за земјите од Западен Балкан - тоа порано никогаш не го правеа - и дискутираа околу проекти. Во меѓувреме веќе има многи цврсти планови за сообраќајни поврзувања меѓу одделни држави, автопати, железнички линии. Имаме многу потесна соработка и во делот на науката. И, сега во Париз, ќе ставиме потпис под иницијативата за младите од државите на Западен Балкан, со што младите би требало подобро да се запознаат... Се работи за размена на искуства, за тоа младите да се запознаат, да не бидат само во својата земја, туку и да соработуваат. Тоа почнува уште во ученичка возраст, а продолжува во студентска возраст... Во прв ред се работи за партнерства, за заеднички проекти со помош на што се сраснува заедно.“

Германската канцеларка е уверена дека конференциите за Западен Балкан се „добар проект“ со кој земјите се приближуваат кон ЕУ и со помош на кој практично се зацврстува стабилноста и мирот во регионот.

Конференцијата за Западен Балкан се одржува од 2014 година. По средбите во Берлин и Виена, во понеделник, 04.06.2016, конференцијата ќе се одржи во Париз. Иницијативата за конференцијата е на германската канцеларка Меркел. Покрај домаќинот Франција, во Париз ќе бидат присутни претставници на Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Словенија, Хрватска, Австрија, Италија и Германија, а застапена ќе биде и Европската комисија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми