Нејзината најава дека на изборите во 2017 година повторно ќе настапи како кандидатка за канцеларка, многу Германци со право на глас ја сметаат за добра, покажува најновата анкета „Дојчландтренд“.
Реклама
Кој всушност сака да ја победи оваа жена? Пред сѐ: Кој може да ја победи? Ако се земе како мерило репрезентативната месечна анкета „Дојчландтренд“, германската канцеларка Ангела Меркел во моментов нема никакви причини да стравува за својот реизбор. Речиси шест од десет Германци со право на глас (59 проценти) ја поздравуваат најавата на 62-годишната Меркел, по четврти пат да влезе во трката за канцеларската функција. Овие бројки призлегуваат од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата Инфратест димап, по нарачка на националната телевизија АРД и на весникот „Велт“.
Особено висока поддршка разбирливо, Меркел која е на функцијата од 2005 година, ужива во сопствениот политички табор - демохристијаните (ЦДУ/СЦУ). Стапката на поддршка од 87 проценти речиси се поклопува резултатот (89,5) при нејзиниот реизбор за претседателка на ЦДУ на конгресот на партијата во вторникот во Есен. И приврзениците на другите партии ја сметаат за добра повторната кандидатура на Меркел. Тоа особено важи за симпатизерите на партијата на Зелените. Речиси две третини од нив позитивно ја оценуваат одлуката на канцеларката. Кај социјалдемократите и кај Левицата: околу половина. Меѓу приврзениците на Алтернатива за Германија, наспроти тоа, само секој десетти се изјаснил позитивно.
Ако Германците би можеле директно да го/ја избираат својот/та канцелар/ка, Меркел во моментов речиси и да нема од што да стравува. Против лидерот на СПД, Зигмар Габриел таа би извојувала висока победа (57 наспроти 19 проценти). Многу потесна победата би била во дуелот со претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц исто така од редовите на социјалдемократите (43 наспроти 36 проценти). Дури и ако ваквите бројки се само теоретски, со оглед дека пратениците во Бундестагот ќе одлучат за тоа кој ќе биде наредниот германски канцелар - тие се сепак важен показател. На крајот на јануари ќе биде познато против кого ќе настапи Меркел. Тогаш социјалдемократите планираат да го обзнанат името на својот кандидат за канцелар, за кој веќе одамна се шпекулира. Наводно одлука сѐ уште не е донесена.
Мартин Шулц како врвен кандидат би можел да ѝ обезбеди подем на неговата партија, која на прашањето: За која партија би гласале ако изборите се сега? Во анкетата доби поддршка од само 22 проценти. За разлика од СПД чија популарност остана на исто ниско ниво, на ЦДУ по најавата на Меркел за повторна кандидатура за канцеларка ѝ порасна популарноста за 2 процента - од 33 на 35 проценти. Кај другите партии речиси и да нема промени.
Одличен резултат во актуелниот „Дојчландтренд“ оствари и министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер и тоа за функцијата, за која допрва треба да биде избран во февруари 2017 година. Во Сојузното собрание заедничкиот кандидат на СПД и на ЦДУ/ЦСУ за претседател на Германија може да смета на многу добар резултат. Дека веројатниот наследник на Јоахим Гаук е омилен и меѓу германското население, покажува и актуелната анкета. Четири од пет Германци со право на глас, би гласале за Штајнмајер доколку изборот на претседател би бил непосреден. Како шеф на државата социјалдемократот меѓутоа мора да ги стави во мирување неговите партиски активности.
Анкетата исто така покажува дека Германците и покрај, или можеби токму поради кризата во рамките на Европската унија, не се заморени од Европа. 94 проценти од испитаниците посакуваат заедничка иницијатива од членките на ЕУ, кои сакаат да соработуваат повеќе наместо помалку. Истовремено сѐ повеќе Германци (83 проценти) се сомневаат дека ЕУ во тешки ситуации е во состојба едногласно да одлучува. Исто толку сметаат дека би било добро доколку Унијата надворешнополитички стане повидлива.
Ангела Меркел, незаменливата
По 16 години поминати како претседател на политичката партија ЦДУ и единаесет години на чело на германската влада, се чини дека ерата на Меркел може да има уште едно продолжение.
Фотографија: Reuters/M. Rehle
Првата заклетва
„Сакам да и служам на Германија“ беше ветувањето на Меркел за време на кампањата за канцелар на земјата. По тесната победа, на 22 ноември 2005 година Меркел даде заклетва и стана првата жена канцелар, но и првиот шеф на влада кој доаѓа од Источна Германија. Таа застана на чело на широка коалиција составена од ЦДУ и СПД.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Bergmann
Кој се плаши од кутрето на Путин?
На дипломатскиот фронт, Меркел мораше да се соочи со моќен противник. Таа е позната поради својата сталоженост и смиреност. Но, Владимир Путин очигледно сакаше да го стави на тест нејзиното трпение за време на приемот во 2007 година. Тој набрзо ја најде нејзината слабост: Меркел се плаши од кучиња.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Astakhov
Фонд за црни денови
Меркел вообичаено е смирена што и помогна за време на кризите. Колабирањето на финансиските пазари во 2008 година предизвика проблеми за германската економија. Поради тоа, Меркел презеде акција. Таа беше инволвирана во планирањето на фондовите за спас на еврозоната. На крајот, германската економија се извлече речиси без последици, но мерките за штедење најмногу ги почувствуваа Грците и Шпанците.
Фотографија: picture-alliance/epa/H. Villalobos
Втор мандат
Иако резултатот на ЦДУ/ЦСУ на парламентарните избори во 2009 година беше вториот најслаб резултат за партијата во повоениот период, тоа сепак беше победа за Меркел. По широката коалиција со социјалдемократите во претходниот мандат, овој пат Меркел можеше да состави влада со посакуваниот партнер - про бизнис либералите од ФПД.
Фотографија: Getty Images/A. Rentz
Брзо исклучување
Иако по професија е физичар, инцидентот во Фукушима во 2011 година ја претвори Меркел од поддржувач - во силен противник на нуклеарната енергија. Веќе одобрените планови за продолжување на работниот век на германските нуклеарни централи беа откажани и спротивно на нејзините предизборни заложби, Германија наскоро го сопре производството на нуклеарна енергија.
Фотографија: Getty Images/G. Bergmann
„Првиот маж“ на Германија
Дали некој го препознава? Го чул неговиот глас? За време на десетгодишното владеење на Меркел, нејзиниот сопруг Јоахим Зауер, остана незабележан. Професорот по хемија на универзитот Хумболдт во Берлин стапи во брак со Меркел во 1998 година. Тој секогаш останува во позадината кога неговата сопруга е во официјални посети, но во нивниот приватен живот се чини дека е обратно.
Фотографија: picture alliance/Infophoto
Пријателство ставено на тест
Објавувањето на информациите дека блискиот сојузник САД ги пресретнува телефонските разговори на врвните германски политичари отвори голема афера пред меѓународната јавност. Ниту мобилниот телефон на Меркел не бил безбеден од тајните служби на САД. Аферата предизвика проблеми во домашната и меѓународната политика на Меркел.
Фотографија: Reuters/F. Bensch
Грчкиот пациент
Меркел има обожаватели низ целиот свет, но во Грција нивниот број е значително помал. На ниту едно друго место во светот Меркел не била толку демонизирана како што беше во Грција за време на должничката криза во еврозоната. Старите анимозитети беа повторно нагласени по барањата на канцеларката за штедење, економски реформи и кратење на трошењата од властите во Атина.
Фотографија: picture-alliance/epa/S. Pantzartzi
Емотивна, барем еднаш
Иако е воздржана и позната по минималните гестови и изрази на лицето, Меркел не можеше да се воздржи за време на финалето на Светското првенство во фудбал во Рио кога заедно со германскиот претседател го бодреа националниот тим. Во тој период Меркел беше на врвот на својата популарност, исто како и германската репрезентација, со која заедно влијаеа на градењето на меѓународниот имиџ на Германија.
Фотографија: imago/Action Pictures
Ние можеме да го направиме тоа, зарем не?
Кога стотици илјади бегалци пристигнаа во Германија канцеларката изјави дека законот за азил нема лимит. „Ние можеме да го направиме тоа!“ беше мотото на Меркел за време на бегалската криза. Таа тврдеше дека има план. Но, во меѓувреме многумина Германци се прашуваат дали навистина „можеме да го направиме тоа?“
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe
Што е следно?
По терористичките напади во Париз на 13 ноември минатата година Франција објави вонредна состојба. Ангела Меркел на соседите им понуди „целосна поддршка“. Сепак, стравот од тероризам беше сеприсутен. Без сомнеж, Меркел беше соочена со најголемиот предизвик во нејзиното владеење токму на десетгодишнината од нејзиното стапување на функцијата...
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Критични сојузници
На партискиот конгрес на ЦСУ во ноември 2015 година канцеларката беше критикувана од баварските сојузници. Хорст Зехофер ја обвини Меркел дека загубила контрола над границите со нејзината политика кон бегалците. Тоа беше понижување кое мораше да го истрпи стоејќи без можност да возврати на обвинувањата.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Hoppe
Зарем не може да остане подолго?
Меркел би сакала трет мандат за Барак Обама, иако скандалот со прислушувањето од страна на НСА беше причина за резервираност од нејзина страна. Сепак, Обама ја напушта политичката сцена и му го отстапува местото на Доналд Трамп. Весникот „Њујорк Тајмс“ ја нарече Меркел „последниот чувар на либералниот Запад“.