1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел за санкции против Иран

26 јануари 2010

Поради атомската програма, наредниот месец за санкциите против Иран ќе се дебатира во Советот за безбедност на ОН, најави германската канцеларка Ангела Меркел по разговорите со израелскиот претседател Шимон Перес.

Ангела Меркел и Шимон ПересФотографија: AP

„Добар дел од нашиот разговор посветивме на Блискиот Исток и на Иран. Согласни сме дека Иран е повикан да покаже транспаретност во однос на својата атомска програма, во контекст на меѓународните правила. Во спротивно, ќе мора да се применат санкции“, најави канцеларката Ангела Меркел на прес- конференцијата во Берлин по средбата со израелскиот претседател Шимон Перес.

Таа забележа дека времето одминува, трпението не донесе ефект и затоа е време на меѓународно ниво да се продискутира за ова. Според неа, ова прашање ќе биде ставено на дневен ред уште наредниот месец во Советот за безбедност. И доколку нема консензус од Русија или Кина, Германија е подготвена и без мандатот на ОН со група држави трговски да го сакционира Иран.Во однос на ситуацијата на Блискиот Исток, таа го повтори германскиот став: егзистирање на две независни држави на Блискиот Исток - Израел и Палестина.

Добрата волја е најдобра политика

Израелскиот претседател Шимон Перес, кој од вчера е официјален гостин на престолнината, го поддржа ставот на Германија и Меркел по однос на санкциите кон Иран и потребата од мир на Блискиот Исток, коментирајки дека верува дека добрата волја е најдобра политика.Тој се заблагодари на поканата да говори утре пред Бундестагот, потсетувајќи дека Германија најдобро знае колку е тешко од минатото да се гради иднината.

Шимон Перес и Хорст КелерФотографија: AP

Перес инаку тродневната посета на Берлин ја започна утринава,(26.01.2010) со разговорот во резиденцијата Белви, каде беше примен со сите воени почести од сојузниот претседател Хорст Келер. Потоа обајцата државници го посетија железничкиот колосек 17 во Груневалд, од каде во времето на националсоцијализмот во логорите на смртта биле депортирани берлинските Евреи. По средбата со Меркел, Перес и Келер се дружеа со младите и го отворија „Форумот на иднината“. На утрешниот ден на сеќавање на жртвите на национал-социјализмот добитникот на Нобеловата награда за мир и претседател на Израел, Шимон Перес, ќе биде трет израелски државник кој ќе говори пред пратениците во Бундестагот.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми