1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел има план за поголема безбедност

ЕМФ/ард/дпа28 јули 2016

Германската канцеларка Меркел на прес-конференција оцени дека нападите во земјата се „кршење на цивилизациските табуа“. Таа претстави план од 9 точки за поголема безбедност. По прашањето на бегалците повтори: Ќе успееме!

Фотографија: picture-alliance/dpa/K.Nietfeld

Германската канцеларка Ангела Меркел нападите од изминатите денови ги нарече „потресни и депримирачки“. Тие ги „прекршија цивилизациските табуа“, нагласи канцеларката на прес-конференција во Берлин. Напаѓачите, кои и самите дошле како бегалци во Германија, ѝ се потсмеваа на земјата, на помагачите и на останатите бегалци. „Тие посеаја омраза и страв меѓу културите, омраза и страв меѓу религиите. На тоа решително ќе се спротивставиме“, рече канцеларката.

Меркел даде уверување дека властите прават сѐ за да ги разјаснат нападите. Општата несигурност е лоша: „Загриженоста кога ќе видам некого: што се крие зад тоа, можам ли да препознаам? Затоа државата мора брзо да одговори на задачата за повторно воспоставување доверба, најмногу што е можно.“ На тоа се работи, нагласи Меркел, која додаде дека покрај организираниот тероризам, постои опасност и од индивидуални напаѓачи кои на властите им се непознати.

План против тероризмот

Како реакција на нападите канцеларката презентираше план од девет точки за поголема безбедност. Тука се вбројуваат и поостри критериуми за протерување од земјата, систем за рано предупредување од радикализација на бегалците и подготовки за интервенција на армијата во внатрешноста на земјата при големи терористички напади.

Дел од планот се и некои веќе најавени мерки, како заеднички вежби на армијата и полицијата за антитерористички цели. Меркел побара и брзо донесување на долго планираните европски насоки за оружје. Со нив би требало да се забрани тргување со оружје преку интернет. Освен тоа, Меркел се заложи и за подобра меѓународна размена на информации и подобра соработка на тајните служби.

Фотографија: Reuters/H. Hanschke

„Ќе успееме“

По прашањето на бегалската политика, Меркел ја повтори нејзината позната изјава од минатата година: „Ќе успееме!“ Пред 11 месеци не реков дека ќе биде лесно, но и денес, како и тогаш, сум убедена дека ќе успееме да одговориме на нашата историска задача, нагласи канцеларката. Човечкото достоинство е неповредливо, прогонуваните добиваат азил и бегалците добиваат заштита според Женевската конвенција за бегалци. Меркел нагласи: „Во тој дел остануваме на нашите основни определби.“ Според нејзе, важно е слободата да биде доведена во согласност со безбедноста. Освен тоа, неопходна е борба против причините за бегство. Меркел изрази разочараност што некои држави во ЕУ покажуваат недоволна подготвеност во сферата на европската политика кон бегалците.

Меркел го опомена Ердоган на пропорционалност

Канцеларката на денешната прес-конференција го опомена и турскиот претседател Ердоган на пропорционалност. При сета оправданост на постапките против пучистите, мора да важат принципите на правна држава, кои мора да се почитуваат „во секој случај“. Токму поради големиот број граѓани со турски корени, Германија има „огромен интерес“ да се почитуваат принципите на правна држава.

Ангела Меркел денеска не одговори дали ќе се кандидира повторно за изборите во 2017 година. Рече дека тоа ќе го каже „во соодветен момент“. Меркел е на премиерската функција од 2005 година.

Прес-конференцијата на канцеларката, според првичните планови, требаше да се одржи по летните одмори, но со оглед на нападите Меркел одлучи да го прекине одморот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми