1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Вестервеле со почит за НАТО

27 август 2011

Жестоката дебата во Германија околу надворешната политика и односот на Берлин кон кризата во Либија резултира со изразување почит од страна на канцеларката Меркел и министерот Вестервеле за воената операција на НАТО

Ангела Меркел и Гидо Вестервеле се изјаснијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Германската канцеларка Ангела Меркел изрази „длабока почит“ за ангажманот на државите на НАТО во Либија. Во изјава за „Билд ам зонтаг“, Меркел зазеде јасен став кон воената операција на Северноатлантската алијанса, во која Германија не учествува. Меркел истовремено застанува во одбрана на ставот на Германија да не учествува во воената операција. Германското воздржување при гласањето во Советот за безбедност околу воената операција, според канцеларката, „не смее да се меша со неутралноста“. „Ние стоиме цврсто до нашите сојузници и НАТО“, тврди Меркел, додавајќи дека Германија презела мерки против режимот на Гадафи, во вид на политички и економски санкции.

Веднаш по канцеларката, почит кон НАТО изрази и шефот на дипломатијата Гидо вестервеле. „Не‘ радува што на Либијците им успеа да го соборат режимот на Гадафи, со помош и на меѓународниот воен ангажман“, пишува Вестервеле во гостинската колумна во утрешниот „Велт ам зонтаг“, чии делови се објавени ден порано.

Шефот на СПД, Зигмар Габриел, со остри ктирики за министерот за надворешни работиФотографија: dapd

Шефот на опозиционите социјалдемократи, Зигмар Габриел, претходно остро го критикуваше министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле. Она што го зборува Вестервеле, како неговите претходни одлуки да довеле до пад на Гадафи, е едноставно „немање достоинство“, изјави шефот на СПД Зигмар Габриел за весникот „Рајнише пост“. Уривањето на Гадафи се должи на храброста на многу луѓе, кои не стравувајќи за животот се бореа против режимот на Гадафи. Тоа нема врска со владата на Ангела Меркел или со нејзиниот „дезориентиран министер за надворешни работи“, оцени Габриел.

Министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле, во текот на изминатите денови постојано повторуваше дека одлуката на Германија да не учествува во воената операција на НАТО во Либија била исправна. Германија се заложи за меѓународна изолација на Либија и за воведување санкции, што конечно и имаше резултат, рече Вестервеле.

Автор: ЕМФ/дв/ртр/дпа

Редактор: Т.Тосев

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми