Меркел и Камерон ќе работат заедно, со различни ставови
18 ноември 2011
Германија и Велика Британија остануваат на различни позиции околу начините за решавање на кризата во еврозоната, но ќе работат заедно за надминување на проблемите, најавија канцеларката Ангела Меркел и премиерот Дејвид Камерон денеска во Берлин.
Меркел уште еднаш го повтори барањето за промена на европските договори, со што би се вршел построг надзор над примената на правилата за стабилност во еврозоната. Таа истовремено нагласи дека до самитот на ЕУ во декември, ќе се работи на наоѓање заедничко решение, зашто „секој го разбира ставот на другиот“. Што се однесува до германското барање за воведување данок на финансиски трансакции, ставовите на Берлин и Лондон и натаму се разијдуваат. Лондон смета дека воведување ваков данок е можно во глобални рамки, а не само во Европа.
Двете земји остануваат на различни позиции и во однос на користењето на средствата на Европската централна банка. За разлика од официјален Лондон, од каде се инсистира на поголем ангажман на ЕЦБ и нејзино поголемо инволвирање во санирање на кризните економии, Германија се спротиставува на таквото решение.
„Британското барање да искористиме повеќе средства за да го вратиме кредибилитетот на еврозоната е во ред. Но, мораме да водиме сметка да не се преправаме дека имаме моќ, која всушност ја немаме. Затоа што пазарот многу брзо ќе утврди дека тоа не функционира“, рече Меркел.
Вестервеле против печатење пари
Шефот на дипломатијата Гидо Вестервеле, во пресрет на посетата на Камерон, во текст објавен во весникот „Фајненшл тајмс“ напиша дека печатањето повеќе пари од страна на ЕЦБ ќе биде „катастрофална грешка“.
„Печатењето пари можеби ќе донесе олеснување на кус рок. Но, таквиот чекор ќе ја зголеми инфлацијата и ќе ги запре реформите. На крајот тоа ќе доведе до пад на вредноста на еврото и зголемување на кризата во еврозоната“, пишува Вестервеле.
Наместо тоа, германскиот министер предлага менување на постојните договори во рамките на ЕУ, со што би се зајакнала еврозоната.
Автор: Борис Георгиевски/дпа/ројтерс
Редактор: Александра Трајковска