Некаде меѓу недоверба и приближување
19 мај 2018Веќе долго време немало добри вести во германско-руските односи. Без разлика дали е тоа војната во Украина, руската поддршка на сирискиот претседател Асад, меѓусебните санкции или аферата Скрипал: со години се нижат негативни вести. Односот меѓу Истокот и Западот паѓа на сѐ пониско ниво. А не помогна ни фактот дека Германија, поради изборите, речиси една година паузираше на меѓународната политичка сцена. Но, изборите и тешкиот пат до формирање влада во Берлин сепак беа поважни.
Повеќе:
-Шест проблеми кои Германија ги има со Русија
-Германските илузии за Путин и Русија
-Германија-Русија: Дијалог во време на отуѓување
Сето тоа е минато и е заборавено. Цела низа германски министри изминатите денови беа во Москва, а сега и кацеларката се сретна со Путин. И одедаш се појави нешто слично на внимателен оптимизам. Очигледно е дека рускиот претседател се согласи и натаму да транспортира гас низ Украина дури и кога ќе биде готов гасоводот преку Балтичкото море. Тоа се милијарди за Киев. Секако, проблем се секогаш деталите: дали на украинската влада ќе ѝ биде доволна таа изјава? Кој може да ѝ даде гаранции? Русија? Европската Унија? Или и едните и другите? Ни по средбата на Меркел и Путин нема одговор за тоа. Владата во Киев е недоверлива, на што- со оглед на искуството во изминатите години- никој не може да ѝ забележи. Но, недовербата не е доволна да се решат проблемите. Украина мора да преговара, со поддршка од Германија и од ЕУ- пред сѐ за тоа Москва да се согласи на нови отстапки во договорот од Минск. Тоа го навести и Путин, сега во Сочи.
Благодариме Трамп!
Лесно може да се случи набрзо канцеларката и рускиот претседател повторно да се сретнат за да разговараат за мировниот план за истокот на Украина. Тогаш на маса ќе седнат и претседателите на Украина и на Франција. Сите знаат: колку подолго трае конфликтот толку ќе биде потешко. Нема никаква алтернатива за договорот од Минск.
Меркел и Путин не гледаат никаква алтернатива ни договор со Иран. Двете земји сакаат да истраат во она што е договорено, исто како што сакаат останатите Европејци, а и Кина. Но, треба уште да се почека дали Вашингтон навистина ќе наметне санкции против странските компании кои и натаму сакаат да работат со Иран.
Иронија на историјата е тоа што токму американското напуштање на договорот со Иран ги зближи Европа и Русија. Дотолку повеќе: американските закани на Техеран ја зголемија цената на нафтата која веќе одамна не чинела над 80 долари за барел. А тоа ѝ одговара на Русија, која со скапата нафта ја полни државната благајна. И тоа е несакана колатерална штета во хировата американска надворешна политика.
Љубов сѐ уште- нема
Никој не може да ѝ замери на Ангела Меркел дека не ги спомена и темите кои се непријатни за рускиот претседател. Беше сосема јасно речено: му забележа за ограничувањето на слободата на печатот и за прогон на културните работници во Русија. Ги критикуваше нападите на руските хакери врз германското министерство за надворешни работи и за поддршката на Путин на таков лидер каков што е сирискиот претседател Асад. Пописот на спорни точки е многу долг. Но, изгледа дека канцеларката тоа не може да ја обесхрабри.
Нема сомнеж: недовербата останува. Во изминатите години Москва направи преголема политичка штета. Ќе биде потребно многу време тоа да се поправи.