Меркел: Ова е најголемиот предизвик од Втората светска војна
БГ /АФП
18 март 2020
Германската канцеларка вечерва во драматично обраќање ги повика германските граѓани да помогнат во битката за спречување на ширењето на коронавирусот. Состојбата е сериозна, рече Меркел.
Реклама
Германија е соочена со најголемиот предизвик од Втората светска војна поради битката со пандемијата на коронавирусот, порача канцеларката Ангела Меркел во вечерашното обраќање до нацијата, повикувајќи ги граѓаните да ги почитуваат преземените мерки.
Во драматичен апел, Меркел ги повика сите да учествуваат во забавување на ширењето на вирусот кој се распространи ширум светот и предизвика досега невидени мерки на заштита.
„Состојбата е сериозна. Однесувајте се сериозно. Уште од повторното германско обединување, всушност уште од Втората светска војна, нашата земја не се соочила со предизвик кој толку зависи од нашата колективна солидарност“, рече Меркел.
Иако нејзиното 15 годишно владеење опфати и тешки периоди како финансиската криза, бегалската криза или Брегзит, Меркел никогаш досега не им се обратила на граѓаните преку телевизиските екрани, со исклучок на традиционалните новогодишни обраќања.
Каде сѐ демне коронавирусот?
Коронавирус насекаде! Можеби дури и на пиперките, билетот за возење, сопственото домашно милениче. Што воопшто смеам да допирам? Ова вознемирувачко прашање си го поставуваат многумина. Еве неколку смирувачки одговори:
Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.
Затоа, треба да се биде претпазлив и кога се руча во кантината на работното место - доколку таа одамна не е веќе затворена. Коронавирусите во основа можат преку кивање или кашлање на инфицирано лице да завршат на приборот за јадење или чиниите. Германскиот институт за проценка на ризици (БфР) меѓутоа пишува дека „досега не се познати инфекции со SARS-CoV-2 кои се појавиле со ваков начин на пренос“
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene
Страв од увозна стока?
Дали родителите мора да се плашат од инфекција преку играчки од увоз? Не, велат од БфР. Досега нема случаи на инфицирани лица за кои е докажано дека се заразиле преку увезени играчки или друга стока. Експертите сметаат дека вирусите немаат голема стабилност при промена на животната средина. Предизвикувачот на болеста е опасен повеќе денови пред сѐ во услови на студ и голема влажност на воздухот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Пакети полни вируси
Коронавирусите кои го напаѓаат човекот не се особено стабилни на суви површини. Со оглед на тоа што стабилноста на вирусите надвор од човечкиот организам зависи од могу фактори, како темпертурата и влажноста на воздухот, БфР ја смета инфекцијата по пошта за „главно неверојатна“. Сепак, институтот признава дека сѐ уште не располага со точни податоци за SARS-CoV-2.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker
Вирусен пинг-понг со домашното милениче?
Дали моето куче може да ме зарази мене или јас да го заразам него? Ризикот домашните миленичиња да се заразат од коронавирус е оценет како низок од страна на експертите. Но, тој не може сосема да се исклучи. Самите животни не покажуваат симптоми, значи не заболуваат. Но, доколку се инфицирани тие може преку својот здив, плунка, повраќање, урина да го пренесуваат вирусот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/A. Tarantino
Опасен зеленчук?
Пренесување на SARS-CoV-2 преку контаминирани прехранбени продукти, според БфР, не е веројатно. Досега нема докажани случаи на инфицирање на ваков начин. Темелно миење на рацете пред подготовка на оброкот, и во времиња пред и по коронавирусот, е нешто што се подразбира. Со оглед на тоа што вирусите се чувствителни на топлина, загревањето на намирниците натамошно го намалува ризикот од инфекција.
Досега познатите САРС и МЕРС коронавируси не сакаат топлина, но се прилично отпорни на студ. Тие може да останат опасни дури две години на температури од минус 20 степени Целзиусови. БфР меѓутоа смирува: досега нема укажувања за ланец на инфекции со SARS-CoV-2 преку конзумирање храна, вклучително и замрзнати продукти.
Избувнувањето на КОВИД-19 има и едно добро: Кина забрани храна од диви животни. Сѐ укажува на тоа дека новиот коронавирус врз човекот е пренесен од лилјаци. Лилјаците за тоа не се виновни, зашто веројатно завршиле во супа против своја волја. Но, борбата против SARS-CoV-2 ќе трае многу подолго и ќе биде потешка од ослободувањето од храна од диви животни.
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/H. Huan
8 фотографии1 | 8
Во Германија досега се евидентирани 8.198 случаи на коронавирус, а 12 лица ги загубија животите. Од Институтот Роберт Кох денеска предупредија дека во следните два до три месеци бројката би можела да достигне 10 милиони доколку луѓето не се придржуваат до упатствата да избегнуваат контакт.
„Германија има одличен здравствен систем... но нашите болници тешко ќе се справат доколку премногу пациенти бидат доведени со сериозни симптоми на коронавирус во кусо време“, рече Меркел.
Сојузната и покраинските влади веќе наредија затворање на училиштата, бизнисите и јавните простори во обид да го спречат ширењето на вирусот. Но, за разлика од Франција, Италија или Белгија, германските власти не им забранија на своите граѓаните да излегуваат од своите домови.
Меркел вели дека разбира оти е многу тешко за луѓето да се откажат од „тешко остварените права“ како слободата на движење и патување.
„Но тие сега се неопходни за да се спасат животи“.
Германската влада претходно им вети на стопанствениците помош од најмалку 500 милијарди евра за да ја надминат кризата.