1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Меркел: Коронавирусот ќе зарази голем процент од населението

ЖА / агенции
11 март 2020

Германската канцеларка апелира на одговорноста на секој одделен поединец во приоритетната цел – да се забави ширењето на вирусот. Во Германија досега се регистрирани 1.300 случаи на заболени од коронавирус, и три жртви.

Bundeskanzlerin Angela Merkel, CDU
Фотографија: imago images/photothek/F. Zahn

„Вирусот стигна во Европа, тој е тука, и ние сите мораме да го сфатиме тоа“, изјави германската канцеларка денеска на прес конференција во Берлин, на која одговараше на бројни прашања на новинарите. Се‘ додека не биде пронајдена вакцина или соодветна терапија, голем процент од населението ќе се зарази со коронавирусот. Експертите сметаат, изјави Меркел, дека ќе се инфицираат 60 до 70 проценти од луѓето во земјата. Посебно на удар се постари лица и луѓе со претходни заболувања. Примарна цел е забавување на ширењето на вирусот и да не се дозволи преоптоварување на здравствениот систем, истакна канцеларката.

Во Германија во моментов е потврдено присуство на Ковид-19 кај преку 1200 луѓе, а три лица починаа како последица на белодробната болест.

Политичката активност мора да се ориентира од препораките на научниците и експертите, потенцираше Меркел на заедничката прес конференција со сојузниот министер за здравство, Јенс Шпан и Лотар Вилер, директорот на Институтот Роберт Кох, германскиот национален центар за контрола на болести.

„Станува збор за добивање во време“, рече Меркел, целта е забавување на распространувањето на вирусот. Мора да се обезбедат услови во кои медицинскиот персонал ќе може да работи. Исто толку важно е да можат да работат вработените на сите државни нивоа, Притоа, дали фудбалските натпревари ќе се играат пред публика, не е централен проблем.

Меркел извести и за самитот на ЕУ посветен на коронавирусот, кој синоќа првпат беше одржан во форма на видео-конференција. Според канцеларката, исклучително важно во оваа ситуација е тесна координација меѓу партнерите во Европа. Европската комисија за оваа цел ќе формира експертска група составена од виролози. Освен тоа, членките на ЕУ ќе поддржат научни испитувања и пронаоѓање вакцина против коронавирусот. Германската влада најави вложување една милијарда евра во борбата против Ковид-19, кон што се надоврзуваат и 145 милиони евра како германски удел во истражувачкиот сојуз ЦЕПИ, интернационална иницијатива за истражување на средства за имунизација.

Повеќе:

Болеста на теориите на заговор: Од чума до коронавирус

Коронавирус: Брзото тестирање е најдобра заштита

Германија: Секој граѓанин да придонесе против ширење на коронавирусот

Коронавирусот и берзите: Ќе биде ли уште полошо?

Коронавирусот нема да помине без траги и за економијата, изјави Меркел. Владата во Берлин уште оваа недела ќе стави на рсполагање средства како помош за ликвидност на претпријатијата, посебно преку државната банка за помош и поддршка, КфВ. Шефовите на држави или влади на ЕУ донесле одлука за флексибилно придржување кон Пактот за стабилност и за развој.

Германската канцеларка апелираше до секој граѓанин да води грижа за себе и за здравјето на своите сограѓани. Посебно во поглед на постарите и изнемоштени лица: „на проба се ставени нашата солидарност, нашиот разум и грижата за ближниот, а јас би сакала да го положиме овој тест," потенцираше канцеларката Меркел. 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми