1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како АфД се етаблираше во Германија

Кај-Александер Шолц
3 ноември 2018

Колку етаблирана е АфД? Одговорот на прашањето води кон корелација со ЦДУ/ЦСУ - десничарските популисти на ЦДУ ѝ оттргнаа делче од политичкиот спектар и успеаја да ја победат Ангела Меркел.

Deutschland Symbolbild Alternative für Deutschland - AfD
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-D. Gabbert

Август 2014, Дрезден, покраински избори во Саксонија

Целата земја е уште понервозна отколку вообичаено во изборна вечер. Резултатот на екраните покажува: Алтернатива за Германија, АфД, со околу десет проценти првпат успеа да влезе во еден германски парламент, во 2013. година на сојузните избори не го достигна цензусот од пет проценти. Покраинската шефица на АфД во Саксонија, Фрауке Петри, фокусот на изборната кампања го стави на семејната и доселеничката политика, што очигледно вроди со плод.

„Го застапуваме истото што и ЦДУ во 1980-те години“, изјави Франк-Кристијан Хансел од раководството на АфД во историската вечер во Дрезден. Можеше да се чуе: ЦДУ го доживува почетокот на раситнувањето на својот политички камп. Само две недели подоцна, АфД славеше влез во покраинските парламенти и во Бранденбург и Тирингија.

Од ЦДУ во АфД: Албрехт ГласерФотографија: picture-alliance/dpa/G. Fischer

Октомври 2018, Берлин, Рајхстаг, редовна седница на Бундестагот

На Алфред Гласер АфД му донесе доцен подем во кариерата. Тој влезе во составот на парламентот на 75- годишна возраст. Цели 42 години бил член на ЦДУ и локален политичар во финансиската метропола Франкфурт, во покраината Хесен. Не е само конзервативец, туку отсекогаш бил и либерал, вели тој за ДВ. Хесенската ЦДУ меѓутоа отсекогаш клонела кон десно, во 1999. година водела изборна битка со слогани против странците.

Кога Ангела Меркел во функција на шеф на ЦДУ во 2003. година најави радикална даночна реформа, а седум години подоцна, веќе канцеларка, мултикултурализмот го прогласи за неуспешен, Гласер уште бил нејзин истомисленик. Но, потоа таа се откажа од корените на партијата - меѓу другото најави напуштање на атомската енергија, крај на општиот воен рок. Во 2012. година Гласер истапил од ЦДУ, а во 2013. пристапил во новата АфД. Неговата партиска членска кништа носи број 30. Примери како Гласер имаше многу, оттаму АфД го доби епитетот „професорска партија“.

Ретроспектива: Дрезден, јануари 2015

Пратеничката група на АфД, раководена од Фрауке Петри, се сретна со претставници на Пегида-демонстрантите. Вицеканцеларот Зигмар Габриел од СПД, десноекстремните насилници во саксонскиот Хајденау ги нарече „џган“. Тие пак ги нарекуваа политичарите „лажговци“. Поларизацијата зеде замав, држејќи ја популистичката АфД постојано во новинарските ударни наслови.

Со децении, грижата за десната маргина беше задача на ЦДУ. Поинаку кажано, повлекување линија до каде може нешто да се смета уште за демократско и да се влијае врз оние кои се надвор од таа линија заради нивно враќање кон партијата. Но, АфД сега го презеде десното крило. Партија во чиј центар се пронајдоа себеси политичарите со ставови надвор од споменатата линија. Кратко потоа АфД успеа да влезе првпат и во парламенти во западните покраини.

Фрауке Петри на крајот ја напушти АфДФотографија: Getty Images/V. Hartmann

Лето 2015, Есен, Северна Рајна Вестфалија

Рекордна горештина во Германија, но и кај АфД. На партискиот конгрес во Есен со илјадници делегати, се водеа вербални војни. Петри конечно го привлече партиското мнозинство на своја страна и стана партиски претседател. На маргините остана Бјерн Хеке, централна фигура на фундаменталното партиско крило, чекајќи само шанса да ја собори Петри. Таа пак ја придвижи АфД во десно, околу себе собираше радикална партиска младеж. Хеке уште исчекуваше.

Во следниот период АфД освои уште три покраински парламенти - Саксонија Анхалт, Рајнланд Пфалц и Баден Виртемберг. Партијата остана верна на стратешката ориентација - граѓанска и истовремено десноориентирана. На сојузните избори АфД влезе во Бундестагот како најсилна опозициска партија. Петри сакаше партијата да ја доведе на поизразен граѓански курс, но ја загуби борбата за превласт и во септември 2017. година истапи од АфД, што истовремено за партијата значеше нареден чекор в десно. Следеше влез на АфД во покраинскиот парламент на Долна Саксонија, „неосвоени“ останаа уште две покраини.

АфД застапена во сите покраински парламенти

Повторно Рајхстаг, Берлин, октомври 2018

Во Саксонија, според анкетите, АфД е на пат да стане најсилна политичка партија. Притоа, по промената во 1989. година, покраината е еден од бастионите на ЦДУ, секој втор граѓанин гласаше за демохристијаните, меѓу нив и Карстен Хилзе. „Јас останав на истата тогашна позиција, но ЦДУ сврте в лево“, истакнува 53-годишникот во разговор за Дојче веле, облечен во класичен темносин костум, бела кошула и вратоврска. Родољубиви и конзервативно ориентирани како него се многумина во Саксонија. Сега, поранешниот полицаец е пратеник од АфД во Бундестагот. Во неговата изборна единица ја претекнал ЦДУ. Поранешниот ЦДУ-бастион сега го владее АфД.

Повеќе:

„Секој политичар би постапил како Хитлер“

Радикалната десница- втора најсилна партија во Германија

Дали АфД треба да се радува?

Една година по влезот на АфД во Бундестагот, нејзините пратеници формално се етаблирани, тие се дел од комисиите и држат говори. Но, нивното секојдневие не е сепак нормално, зашто многумина политичари и експерти ја сметаат АфД, или барем нејзини делови, за десноекстремна. „Јас сум сосема обичен човек и немам ништо против странците“, вели Хилзе за себе. Со колегите од ЦДУ/ЦСУ и ФДП може дури нормално да разговара, останатите се речиси непријателски настроени, додава тој. Иако содржински постојат блискости, кога станува збор за конкретни предлози, тие на АфД наидуваат на одбивање. Иако на персонално ниво е можен дијалог со некои умерени политичари на АфД, границите остануваат. Дали активноста на АфД е во согласност со уставот? Одлуката за тоа треба да ја донесе Службата за заштита на уставниот поредок до крајот на годината.

28. октомври, Висбаден, Хесен

Со 13,1 процент освоени гласови во Хесен, АфД влезе и во 16. покраински парламент. Две недели претходно тоа успеа во Баварија. За АфД веќе нема бела точка на политичката карта на Германија. Претходно на некои ултралеви партии им успеа влез во оделни покраински парламенти, но на ниедна во сите.

29.10.2018, Берлин

Меркел најави повлекување од лидерската позиција во ЦДУ. Главниот непријател на АфД ќе го нема.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми