1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел не го израдува Ѓул

20 септември 2011

Германската канцеларка Ангела Меркел и турскиот претседател Абдула Ѓул денеска во Берлин разговараа за односите меѓу двете земји, ситуацијата во арапскиот свет и за желбата на Турција за полноправно членство во ЕУ.

Abdullah Gül und Angela Merkel Besuch in Berlin
Ангела Меркел и Абдула ЃулФотографија: picture-alliance/dpa

Владини извори во Берлин посочија дека на средбата во седиштето на германската влада станало збор за сите поважни теми од взаемен интерес. Тука спаѓа најновата тензија меѓу Турција и Израел поради минатогодишната воена акција на израелските командоси врз хуманитарниот конвој бродови за Појасот Газа, потоа развојот на ситуацијата во арапскиот свет по бранот револуционерни движења, но и состојбата во меѓусебните односи.

Најпроблематична тема во секој случај е членството на Турција во ЕУ, бидејќи претседателот Абдула Ѓул бара полноправно членство, додека канцеларката Меркел останува на позицијата за „стратешко партнерство“, но не и членство. Тоа пак го одбива турската страна.

Абдула Ѓул во БерлинФотографија: dapd

Јазикот е клучен елемент

Меркел и Ѓул разговараа и за ситуацијата на германските граѓани од турско потекло, при што двајцата државници се сложија со фактот дека навременото учење германски е клуч за добрата интеграција во општеството и подобрите перспективи. Ѓул претходно го критикуваше германскиот закон за доселеници, кој предвидува членовите на семејството кои дополнително се доселуваат во Германија, да мора да го научат германскиот.

По средбата во седиштето на владата, турскиот претседател отпатува за Оснабрик, родниот град на неговиот германски колега Кристијан Вулф. Ова е возвратен гест на Вулф за поканата на Абдула Ѓул да го посети неговиот роден град Кајзери во Централна Анатолија. Меѓу другото Ѓул и Вулф го посетија универзитетот во Оснабрик, каде од пред една година се воведени првите студии за имами во цела Германија. Ова се смета за важен чекор за воведување настава по исламска религија во училиштата во Германија и тоа со кадар кој ќе мине низ модерен образовен процес и ќе биде во состојба покрај тајните на исламот на младите да им ги пренесе и демократските вредности на германското општество.

Автор: ГЧ/ЖА /дпа/дв

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми