1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел не прави ништо, Макрон е хиперактивен

Барбара Везел
22 јануари 2020

Макрон се фрустрира поради тоа што неговите идеи не наидуваат на одзив. Меркел е лута поради тоа што тој крши политички порцелан. На Германија и Франција им е потребна „брачна терапија“, смета Барбара Везел.

Berlin Pressekonferenz | Angela Merkel und Emmanuel Macron
Фотографија: Getty Images/AFP/O. Andersen

Ахенскиот договор од пред една година (22 февруари 2019) беше еден вид обновен завет за пријателство помеѓу Германија и Франција - како кога во „уморен“ брак повторно се ветува љубов. И, во тоа тој грандиозно потфрли. Двете страни знаат дека заеднички можат подобро да ги преживеат тешките времиња, но сепак си одат на нерви една на друга. Неподносливостите се чинат посилни од стремежот за заедништво.

Беа тим од соништата, но...

Како ли само Емануел Макрон се трудеше околу Ангела Меркел на почетокот. Се расфрлаше со шарм и во своите говори плетеше пријателски украси. Французинот се додворуваше со „драга Ангела“, дури можеше да се помисли дека крутата Германка поцрвенува од толку многу внимание. По здрвениот Оланд и полусилниот Саркози, младиот претседател изгледаше како поим за духовна брилијантност и елан за реформи - идеален партнер за Германците.

Барбара Везел

Ангела Меркел, од друга страна, се чинеше како карпа во европските разбранувани води - искусна и стабилна, храбра и достоинствена. Само таа можеше со Владимир Путин да го договори Минскиот протокол и да спроведе санкции во ЕУ. Само таа можеше да ја закочи револуционерната жар на Алексис Ципрас и да ја задржи Грција во еврозоната. Канцеларката изгледаше како идеална, мајчински смирувачка личност за амбициозниот француски премиер.

Сепак, фрустрацијата порасна за најкратко можно време. Макрон виде дека Берлин едноставно ги игнорира неговите реформски предлози за Европската унија, како што се продлабочувањето на еврозоната, или дигиталниот данок. Во најдобар случај се основаа работни групи во Канцлерамтот. Француската молба за воена помош во воената интервенција во Мали е одбиена, големите планови околу соработка во областа на одбраната останаа мртво слово на хартија. Емануел Макрон согледа дека политичката ѕвезда на Ангела Меркел бледее прерано и мислеше дека е соочен со вакуум на политичка моќ во Берлин.

Таа, пак, постојаниот наплив од идеи и меѓународните амбиции на Французите ги доживуваше како наметливост и фалбаџиство. Така го доживуваше Макроновиот обичај недипломатски да го каже она што го мисли - НАТО е клинички мртов, не ги сака Македонија и Албанија во ЕУ, Европа треба да се обиде да му се приближи на Путин. Макроновата политичка хиперактивност предизвика отпор од страна на Ангела Меркел. Доста ѝ е од собирање срчи и лепење чаши кои тој ги искршил, му рекла наводно Ангела Меркел на Емануел Макрон на една вечера. Тоа укажува на прилично пореметен однос.

Потребна им е „брачна терапија“

Нема веќе ниту збор за излитената слика на германско-францускиот мотор кој „трокира“, а треба да ја одржи ЕУ во движење. Одамна се работи за нешто повеќе: иднината со оглед на климатската катастрофа, позицијата на Европа во светот, неопходноста од сопствени одбранбени сили, односот кон големите сили Кина и САД.

И во сето тоа Германија и Франција не се на иста линија. Макрон со своите идеи некогаш има повеќе, некогаш помалку право, но честопати дава важни импулси за размислување. Значи, Берлин би морал во најмала рака да сослуша и да ги разгледа француските идеи. Ставање на прстите в уши и игнорирање на партнерот е најлошото што може да се направи во една врска.

Обратно - Париз нема доволно разбирање за комплексниот федерализам во Германија, каде една канцеларка - и тоа во коалиција - не може така едноставно да владее. Недостига и чувство за поинаквата политичка култура, која е повеќе насочена кон спогодбено решавање на судирите на интереси и кон барање компромиси. Париз би морало да биде подготвен наместо со големи скокови во односите со владата во Берлин да се обиде со мали чекори, со помош на некаква „мапа на патот“, да го употребам (не)убавиот политички израз.

Генерално погледнато, работите изгледаат како да е потребна „брачна терапија“. Двете страни мора да се обидат да се разберат меѓусебно, да си ги простат грешките и да ги спознаат заедничките интереси. Од тоа, како во вистинскиот живот, би можела да произлезе нова наклонетост и, во најдобар случај, извонредно пријателство. Зашто, едно е јасно - поради географијата е невозможен развод на двете европски величини. Подобро е конечно да научат како една со друга да излегуваат подобро на крај.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми