1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Односот кон бегалците не и‘ служи на чест на Европа

Ж.Ацеска/афп/ртре16 март 2016

Германската канцеларка го брани планираниот договор на ЕУ со Турција за реадмисија на бегалците. „Целта е фер распределба на товарот“, изјави Меркел пред Бундестагот во пресрет на ЕУ-самитот за бегалската криза.

Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Во пресрет на ЕУ-самитот за бегалската криза, германската канцеларка Ангела Меркел пред Бундестагот излезе со владина изјава. На средбата на ЕУ-шефовите на држави или влади треба да биде постигнат договор со Турција за реадмисија на бегалците. Канцеларката повторно инсистираше на заедничко европско решение.

Бегалската криза поставува големи барања пред Европа и бара целосна сила и претпазливост на Европа, истакна Меркел: „Европа, како и Германија, долгорочно ќе бидат зафатени со односот кон бегалското прашање, како на внатрешен, така и на надворешен план. Дотолку повеќе инсистирам ние како богат континент да покажеме дека сме способни да совладаме вакви предизвици“, рече Меркел.

Национално детерминираните решенија за затворање на Балканската рута доведоа до намален број новодојдени бегалци и во Германија, но на сметка на Грција и на таму блокираните луѓе, предупреди канцеларката: „Состојбата која владее таму не смее да остане на подолг рок“, рече Меркел, зашто без оглед на краткорочното олеснување, не е без последици по други ЕУ-држави: „Затоа, клучното прашање останува непроменето - на каков начин да успееме во намалувањето на бројот на бегалците не само во одделни земји, туку во целина, и тоа трајно и одржливо.“

Меркел има разбирање за барањата поставени од владата во Анкара за возврат на прифаќањето на бегалците. Турција од ЕУ бара укинување на влезните визи за турските граѓани од јуни, проширување на пристапните преговори со Унијата, како и удвојување на помошта за сириските бегалци во Турција на шест милијарди евра.

Поместувањето на договорената визна либерализација неколку месеци порано, од есента во летото, не значи спуштање на условите за неа, истакна шефицата на ЦДУ. Исто така и преговорите за пристап на Турција кон ЕУ ќе се водат со отворен резултат. И во областите на човековите права и слободата на печатот исто нема да се вршат никакви попусти, истакна Меркел.

На отпор во Христијанско-социјалната унија, сестринската партија на ЦДУ на Меркел, посебно наидува визната либерализација. Меркел при редуцирање на бројот на бегалците се залага за европско решение во соработка со Турција. ЦСУ, напротив, од шефицата на ЦДУ бара промена на курсот и намалување на пристигнатите баратели на азил во Германија преку национални мерки.

Меркел го истакна досегашниот ангажман на Турција, посебно за сириските воени бегалци. „На Европа не и‘ служи на чест што како Унија од 28 членки со 500 милиони жители, досега и‘ беше толку тешко да го сподели товарот“, критикуваше Меркел.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми