1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел од Русија очекува натамошни сигнали

Марсел Фирстенау / Е.М.Фиданоска25 јуни 2014

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска (25.06) во Бундестагот зборуваше за состојбата во Европа. Во поглед на кризата во Украина изрази претпазлив оптимизам.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската канцеларка Ангела Меркел, непосредно пред почетокот на самитот на ЕУ во Брисел, во германскиот парламент предупреди од натамошна ескалација на состојбата во Украина и на Блискиот Исток. Таа пледираше за „дипломатски решенија“ на кризата меѓу Украина и Русија, како и на онаа во Ирак. Според Меркел, од страна на украинскиот претседател прогласениот прекин на огнот е „храбар чекор“. Таа истовремено го пофали и рускиот претседател Владимир Путин за неговата осуда на соборувањето на украинскиот хеликоптер вчера. Сепак, канцеларката не исклучува натамошни санкции против Русија во случај состојбата натамошно да се заострува. Меркел бара „суштински напредок“.

Грегор Гизи од опозиционата Партија на левицата упати остра критика на сметка на германската и европската политика во врска со Украина. Неговата пратеничка група смета дека односот кон Русија е во основа погрешен. „Престанете со санкции и со закани со санкции“, побара Гизи. Треба да се побара од владата во Киев од своите редови да ги отстрани „фашистичките министри“, смета Гизи, притоа мислејќи на членовите на кабинетот од партијата Свобода.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Според Партијата на левицата, целата надворешна и безбедносна политика се неуспешни. Како доказ за тоа Гизи ги наведе развојот на ситуацијата во Авганистан, Ирак и Либија по интервенцијата на западните држави во тие земји. Освен тоа, Гизи остро се нафрли и на политиката на вооружување на владата на Меркел. „Ние заработуваме на секоја војна“, рече тој огорчено и побара: „Настрана од извоз на оружје, во насока на мирно решавање на конфликти и ништо поинаку!“

Важни проекти - дигитализација, минимална плата, пензија, образование

Во делот од внатрешната политика, во текот на т.н. генерална дебата во германскиот парламент стана збор за буџетската политика. Според Меркел, се‘ зборува во прилог на тоа дека наредната година ќе биде реализирано „децениско ветување“. Тогаш имено веќе нема да има ново задолжување, а тоа треба да важи и за наредните неколку години.

Грегор Гизи остро ја нападна владата на МеркелФотографија: picture-alliance/dpa

Еден од најважните проекти до 2017 година, како што нагласи Меркел, е енергетскиот пресврт. Тоа е национална „Херкулесова задача“. Освен тоа, приоритет има и техничката и општествена дигитализација. Треба да се зачува конкурентноста на германските фирми, а во процесот на дигитализирање важна е безбедноста од сајбер-напади.

Од воведувањето на минималната плата во Германија, во износ од 8,50 евра бруто за работен час, која треба да почне од 2015 година, канцеларката се надева на натамошни импулси на пазарот на работна сила. Според Меркел, „важен чекор“ се и новите закони за пензионирање, односно можноста, под одредени околности, да се замине во полна пензија и на 63-годишна возраст.

Сосема различни се видувањата на канцеларката и на опозиционерот Гизи и во врска со темата образование и наука. Додека Меркел укажува на инвестициите во висина од повеќе од 14 милијарди евра, Гизи потенцира дека во земјата образовниот успех е поврзан со потеклото. Во националните и меѓународните истражувања со години се покажува дека децата од посиромашните семејста или од семесјтвата на доселениците во просек имаат значително помали шанси и перспективи, вели Гизи и дополнува: „Против тоа Владата не презема ништо“. Меркел на тоа возврати дека луѓето се „најважниот капитал“ на Германија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми