1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе прави Меркел по изборите?

Сабине Кинкарц
11 септември 2021

На 26 септември се избира новиот состав на Бундестагот. Ангела Меркел веќе не се кандидира. Таа заминува во пензија. Што ја очекува?

Die "Raute" von Angela Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Ангела Меркел сака да прави супа од компири и колач од сливи. Типични есенски германски јадења за кои таа сепак нема така брзо да најде време за подготвување. Вечерта на 26-ти септември не значи и последен работен ден за канцеларката. Меркел останува на должноста сѐ до формирањето на новата влада. „Тоа е моја должност. Останувам посветена на обврските до последниот ден“, нагласи таа неодамна.

Во изминатите децении канцеларот и кабинетот најчесто давале заклетва во рок од пет до шест недели по изборите. Но, во 2017 година беа потребни пет и пол месеци додека се формираше новата коалиција. Така што, сѐ уште е можно Ангела Меркел да го замени својот политички ментор Хелмут Кол на местото - канцелар со најдолг стаж во Германија. Кол се повлече во 1998 година по 5870 дена во служба. За да го урне овој рекорд, Меркел би требало да остана на функцијата најмалку до 17 декември 2021.

Хелмут Кол се повлече во 1998 година, по 5870 дена во служба - Меркел му е зад петиФотографија: picture-alliance/Augenklick/B. Kunz

Да чита и малку да поспие

При посетата во Вашингтон во јули годинава Меркел беше запрашана како си го замислува пензионерскиот живот. Иако во други прилики го избегнуваше одговорот, овојпат стави до знаење дека најпрво сака да има мала пауза и дека не планира да прифаќа покани за настани.

Повеќе: Меркел не сака да биде запишана во историјата како мрзлива

Прво мора „да ѝ легне“ дека нејзините досегашни задачи „сега ќе ги извршува некој друг“. Потоа додаде: „Мислам дека тоа многу ќе ми се допадне.“ Во новостекнатата слобода сакала да размислува „што всушност мене ме интересира“. Изминатите 16 години немала многу време за да размислува за тоа. Со скриена насмевка, канцеларката, која во тој момент беше прогласена за почесен доктор на Џон Хопкинс Универзитетот, додаде: „Потоа можеби ќе се обидам нешто да прочитам, па ќе ми се затвораат очите бидејќи сум уморна, па малку ќе дремнам, и ќе видиме кога ќе се разбудам каде ќе се појавам.“

„Мис Меркел“ истражува

Поглед во иднината фрлија еден фотограф и автор на крими-текстови. Андреас Мие фотографираше двојник на канцеларката во пози кои зрачат со осаменост и многу смиреност и од тоа направи изложба. Авторот Давид Зафир пак смета дека Ангела Меркел ќе се досадува кога агендата нема да ѝ биде полна.

Меркел најдобро се опушта во својата куќа во Бранденбург, но ќе си замине ли од Берлин?Фотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Во неговиот хумористичен крими-роман „Мис Меркел“, тој поранешната канцеларка, по преселбата во нејзиното досегашно одморалиште во Брандебург, ја остава да се мачи со предвидливиот селски живот. Само пешачење и печење колачи? Во стилот на британските „Мис Марпл“ крими-романи од Агата Кристи, Зафир остава Меркел да се соочи со случај на убиство кој го истражува со огромен елан.

Пензијата ѝ е обезбедена

Книгата изобилува со хумор, но основното прашање секако е оправдано. Дали човек кој со децении од рано наутро до доцна навечер имал обврски и носел толку голема одговорност може одеднаш да се исклучи. „Што ти недостига најчесто сфаќаш дури кога веќе го немаш“, рече Ангела Меркел неодамна во Берлин.

Фотографија: Rowohlt/Kindler Verlag/dpa/picture alliance

Меркел наполни 67 години на 17 јули годинава. Од финансиски аспект таа нема причина за грижи. Како канцеларка заработува 25.000 евра месечно. Дополнително на тоа има уште 10.000 евра кои ѝ следуваат како пратеник во Бундестагот, во чиј состав е повеќе од 30 години. Кога ќе си замине од функцијата, во првите три месеца и натаму ќе ја добива актуелната плата, а потоа во период од максимум 21 месец половината од неа како апанажа.

Повеќе: Колку заработуваат Германките, а колку Ангела Меркел?

15.000 евра месечно

За нејзината пензија ќе се пресметуваат различните права кои произлегуваат од функцијата канцелар, министерка и пратеник. Меркел ја има таа предност што многу долго била во служба. Пензијата ќе биде петцифрена, а основата за неа е таканаречениот Закон за сојузни министри од 1953 година.

Меркел ја има таа предност што многу долго била во служба (на фотографијата во 1997 година, како министерка за екологија)Фотографија: Reuters

На канцеларите кои поминале минимум 4 години во служба им следуваат 27,74% од нивната дотогашна плата. За секоја наредна година на функцијата цифрата се зголемува за 2,39167% до максимална вредност од 71,75% од вкупната сума.

Кога ова ќе се пресмета, Ангела Меркел може да смета на пензија од околу 15.000 евра месечно. Освен тоа, до крајот на животот има право на обезбедување и службено возило со возач, како и канцеларија во просториите на Бундестагот во Берлин сосе вработени, меѓу кои и двајца референти и една секретарка.

Не е исклучена втора кариера

Поранешни соработници во Владата законски се обврзани да не споделуваат деловни тајни. Но иако не смеат да откриваат податоци, сепак се омилени во бизнис секторот, како советници и заради нивниот обем на политички контакти. Некои нејзини претходници и преминаа во бизнис секторот. На пример, Хелмут Шмит во 1982 стана издавач на неделникот „Ди Цајт“ и беше омилен говорник на многу настани. Во едно интервју во 2012-тата рече:

„Сам си го поставив правилото да не наплатувам помалку од 15.000 долари за едно предавање.“

Своето политичко минато и слава, уште подобро од Шмит, знаеја да го „продадат“ старите канцелари Хелмут Кол и Герхард Шредер. Кол основаше фирма за политичко и стратешко советување преку која многу добро заработуваше како лобист и советник.

Хелмут Шмит беше баран говорник до крајот на својот животФотографија: Getty Images

Каузата Шредер

Многу негодување предизвика Герхард Шредер, кога во 2005 година, само неколку месеци по напуштање на канцеларската функција, се стави во служба на компанијата „Газпром“, во чија сопственост е и гасоводот „Северен тек“. Шредер уште како канцелар се залагаше за гасоводот.

Во меѓувреме се донесе законска обврска, поранешни владини членови, пред преминувањето во бизнис секторот да мора во владиниот кабинет да прашаат дали со нивните планирани активности „се загрозени јавни интереси“. Етичка комисија ја советува Владата, која во случај на дилема може да забрани такви активности во период до 18 месеци.

Двајца кои добро се разбираа: Герхард Шредер и Владимир Путин во 2004 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/H. Hollemann

Јоахим Зауер засега останува во Берлин

Дали Ангела Меркел стреми кон нова работа или некаква почесна функција? Досега нема кажано ниту еден збор на таа тема. Веројатно засега ќе остане во Берлин, бидејќи нејзиниот сопруг, квантниот хемичар Јоахим Зауер, сѐ уште не размислува за прекин на кариерата.

Јоахим Зауер и Ангела Меркел во Бајројт, 2021 годинаФотографија: Daniel Karmann/dpa/picture alliance

Тој веќе е пензиониран од местото професор на Универзитетот Хумболт во Берлин, но 72-годишникот го продолжи неговиот договор како виш истражувач. Засега до 2022 година.

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми