1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел под притисок, какофонија во владата

Б. Греслер/З. Јордановски28 јануари 2016

Баварската партија ЦСУ се заканува со тужба против сојузната влада пред уставниот суд на Германија поради бегалската политика и обезбедувањето на границите. И’ се заканува ли распад на коалицијата предводена од Меркел?

Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

По повеќенеделните спорови во редовите на владината коалиција од ЦДУ, ЦСУ и СПД околу заострувањето на регулативата за азил, не само новинарите во Берлин се прашуваат дали сојузната влада се’ уште во состојба да дејствува. Главна цел на промената на законот, која всушност требаше да биде извршена уште пред крајот на минатата година, треба да биде намалување на бројката на бегалци. Оние меѓу нив, кои немаат реални изгледи да добијат азил, во иднина треба да бидат сместени во специјални „приемни центри“ од кои побргу би биле протерани ако нивното барање за азил биде одбиено. Во коалицијата се сгласни дека само тешка или по животот опасна болест би била пречка за протерување.

ЦСУ ќе ја тужи владата во која и самата учествува?!

Уште од ноември партиите од владината коалиција се спорат околу правото на бегалците дополнително да ги донесат и членовите на семејствата. ЦСУ, но и делови од ЦДУ се против, социјалдемократите се за. Наводно, денеска, на средба на партиските лидери, треба да се надмине овој проблем и наредната недела промената на законот да се најде на одобрување во владата.

Но, јазот во коалиција по прашањето за бегалците е многу подлабок. Покраинската влада на Баварија упати писмо до канцеларот Ангела Меркел со ултимативно барање за неодложни построги контроли на границата и целосно регистрирање на бегалците што доаѓаат во Германија преку границата со Австрија. Баварија бара и утврдување горна граница за прием од максимално 200 000 бегалци годишно во Германија, како и протерување на сите бегалци што доаѓаат од таканаречените „безбедни земји“. Во спротивно Баварија се заканува со тужба пред уставниот суд.

Од Минхен ова го објаснуваат како прашање меѓу федерална единка и сојузната држава. Во СПД го толкуваат како тужба на шефот на ЦСУ Хорст Зехофер против шефицата на ЦДУ Ангела Меркел, што било „најава за слом на коалицијата“ и „сигнал од ЦСУ дека оваа влада веќе не е во состојба да дејствува и да ги решава конфликтите“. Тоа им оди во прилог на десните партии, смета СПД. И навистина, деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АфД) во анкетите во меѓувреме надмина 10 проценти.

Критичарите отстапуваат?

Наводната побуна во фракцијата на ЦДУ во Бундестагот против сопствената канцеларка изгледа дека во меѓувреме спласна. За вторникот навестеното гласање за бегалската политика на Меркел отпадна. На страна на критичарите се околу 100 од вкупно преку 300 пратеници на партиите на Унијата. Но, тие сметаат дека побуната имала дејство и укажуваат на планот што го поднесе Јулија Клекнер, заменик-шеф на ЦДУ, во која многумина гледаат и можна наследничка на Меркел. Планот предвидува поастрого обезбедување на геманските граници и востановивање „прифатилишни логори“ во нивна близина.

Смирувачки внатре во ЦДУ во целава ситуација влијае прво што некои од критичарите и самите се најдоа на удар во нивните изборни единици, посебно во Баден-Виртемберг и Рајнланд-Пфалц, во кои на 13 март претстојат покраински избори. Второ, критичарите на Меркел очекуваат дека е само прашање на време кога таа ќе го промени курсот и ќе воведе национални мерки на границите на земјата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми