Меркел „расположена“ да влијае врз Груевски за името
30 ноември 2010Германската канцеларка Ангела Меркел била расположена да влијае врз македонскиот премиер Никола Груевски за името, доколку тоа би било од помош, оценил нејзиниот советник за национална безбедност Кристоф Хојзген во разговорот со американскиот заменик државен секретар Филип Гордон во ноември, минатата година. Во документ на американската амбасада во Берлин кој го објавува Викиликс, се наведуваат детали од разговорите кои се воделе во ноември 2009-та година за серија меѓународни теми, меѓу нив и за спорот за името меѓу Македонија и Грција.
Гордон го брифирал Хојзген за текот на преговорите меѓу Скопје и Атина, притоа забележувајќи дека двете клучни прашања се географската одредница и меѓународната употреба на името.
„Хојзген рекол дека канцеларката Меркел го познава македонскиот премиер Груевски преку нивното заедничко членство во Европската народна партија и дека е расположена да разговара со него за ова прашање, доколку тоа биде од помош“, се наведува во депешата.
Самитот на Европските народни партии се одржа во декември 2009-та година во Бон, СР Германија, но тогаш немаше информации за официјална средба меѓу германската канцеларка и македонскиот премиер.
Нови документи од Париз
Во досега објавените документи на Викиликс, спорот за името наоѓа место во уште еден разговор на дипломати воден во Париз. Разговорот бил воден на два месеци пред Самитот на НАТО во Букурешт, во јануари 2008-та, меѓу советникот за национална безбедност на американскиот потпретседател, Џозеф Вуд и советниците на францускиот претседател и на шефот на француската дипломатија Франсоа Ришер и Фелипе Ерера. На средбата биле оценувани трите кандидати за членство во НАТО од Јадранската група, Хрватска, Албанија и Македонија.
Ерера оценил дека македонската Влада ја потценува сериозноста на Грција во спорот за името и го предупредил и Вашингтон да не се однесува потценувачки. Франција, рекол Ерера, нема намера да врши притисок врз Атина за овој проблем. Доколку Грција попушти во спорот, тоа би довело до пад на тамошната влада, што според францускиот став, би довело на власт нова влада која би била по непријателски настроена кон ратификација на процесот на проширување на НАТО.
Дојче Веле вчера го објави и разговорот меѓу американскиот заменик државен секретар Филип Гордон и советникот за надворешна политика на францускиот претседател Жан-Давид Левит, кој се одвивал во Париз на 11 септември 2009 година. Левит бил оптимист дека новата грчка влада ќе биде постабилна и ќе овозможи поголема флексибилност за решавање на проблемот. Гордон изразил надеж дека меѓународната заедница ќе го убеди македонското раководство да ја отфрли идејата за организирање референдум за името, а Атина да се откаже од барањето за промена на пасошите. Доколку тоа се случи, можен е напредок, рекол американскиот заменик-државен секретар Филип Гордон.
Според наводите на германскиот магазин „Шпигел“, во документите на Викиликс кои се’ уште не се во целост објавени, има повеќе од 500 документи испратени од амбасадата на САД во Скопје. Се очекува во следните денови до јавноста да стигнат нови информации за анализите на американските дипломати за состојбите во земјата и за спорот за името со Грција.
Автор: Борис Георгиевски/Викиликс
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска