Меркел се држи до своето и ја критикува Европската комисија
23 ноември 2011Она што е неопходно е промена на европските договори и пат кон вистинска фискална унија со натамошна хармонизација на политички сфери на евро-државите, нагласи денеска германската канцеларка Ангела Меркел во Бундестагот, зборувајќи на генералната дебата за буџетот за наредната година. Ваквиот став Германија ќе го брани на самитот на ЕУ на 9 декември, во Брисел.
„Ако сакаме повторно да добиеме доверба, нема веќе да се верува на самоволни тврдења“, опомена Меркел, осврнувајќи се на недовербата на финансиските пазари во способноста за санација на некои земји членки. Основни проблеми на еврозоната се прекумерната задолженост и недоволната конкурентност на погодените држави, вели меркел и бара министрите за финансии на ЕУ наредната недела конечно да ги определат несоките за засилениот „чадор за спас“ и за рекапитализација на банките.
Со тоа, германската канцеларка решително му се спротивставува на притисокот на најважните западни партнери, како Франција, САД и велика Британија, ЕЦБ да стави на располагање пари заради смирување на пазарите. Тоа, според нејзе, е погрешен пат.
Меркел денеска остро ја критикуваше и Европската комисија. „Сметам дека е исклучително несоодветно тоа што ЕК денеска предлага еврообврзници“, рече таа, додавајќи дека тоа ќе се подразбере како проблемот во еврозоната да може да се реши со воопштување на долговите. „Токму тоа нема да успее“, убедена е германската канцеларка.
Што се однесува до предложениот буџет за 2012 година, канцеларката ги бранеше поголемото задолжување, дополнителните инвестиции во изградбата на патната мрежа и умереното намалување даноци. Предлог буџетот предвидува вкупни издатоци од 306,2 милијарди евра и ново задолжување од 26,1 милијарда евра. Тоа во однос на тековнава година е зголемување за 400 милиони евра, или 0,13 проценти.
Автор: ЕМФ/ртр
Редактор: А. Трајковска