Меркел се залага за социјално партнерство
14 јуни 2011
Предуслов за „Пактот за вработување“ за Африка е постоење шанси за образование, квалификација и работни места. Меркел оваа идеја ја изнесе на годишната конференција на Меѓународната организација за труд ИЛО во Женева, а заднината е очекуваниот бран доселеници од Африка кон Европа. Меркел се залага за принцип на социјално партнерство.
Германија-успешен модел во кризата
Меркел го претстави како успешен модел начинот на кој Германија се справи со последиците од економската криза.
Германија како ниедна друга земја успеа да ја надмине светската економска и финансиска криза. Таа може да биде пример и по тоа што економскиот полет го почувствуваа сите, Германија во меѓувреме има повеќе вработени отколку пред кризата. Канцеларката Меркел е сигурна дека тоа ги интересира и учесниците на конференцијата на меѓународната организација на трудот:
„Пристапот во кризата кај нас беше исправен, така што на пример преку парите на даночните обврзници се финансираше скратената работа на работниците во фирмите кои имаа тешкотии, но на ваков начин не ги отпуштија вработените. Ние со тоа го премостивме периодот додека извозот повторно да повлече и работниците да можат да продолжат со работа со полно работно време. Тоа се примери за надминување на кризата од кои можат да учат и другите држави.
Целта на ИЛО-поголема социјална праведност
На годишната конференција на Меѓународната организација за труд, ИЛО, во Женева веќе две недели траат советувањат на учесници од 183 држави од светот. По двајца испраќа секоја национална влада, а по двајца треба да ги претставуваат интересите на работниците и работодавачите. Тоа е принципот кој организацијата ИЛО функционира уште од 1919 година, кога беше основана со цел да се обезбеди светскиот мир меѓу другото и преку социјалната правда.
Сегашната 100-та конференција на ИЛО се занимава со последиците од светската економска и финансиска криза, од која според некои говорници, не се извлечени вистинските поуки. Финансискиот сектор и натаму ја задушува реалната економија, наместо да се постигне поправедна распределба на благосостојбата. И натаму 80 проценти од населението располагаат со само 30 проценти од општите блага. Или, поинаку кажано: приходите на околу 61 милион најбогати луѓе на Земјата се рамни на приходите на 3,5 милијарди најсиромашни луѓе.
Автор: ЖА/ГЧ/дпа/дв
Редактор: Симе Недевски