Спроти самитот со нејзините колеги лидери на земјите-членки на ЕУ во Брисел, германската канцеларка ја презентираше позицијата на нејзината влада. Брегзит треба да биде аларм за будење на ЕУ, порача Ангела Меркел.
Реклама
Во утринското обраќање во Бундестагот, германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека пролетниот сами во Брисел како и вообичаено ќе биде фокусиран на економијата, но со оглед на Брегзит и на бегалската криза, и други теми ќе бидат на агендата.
Истакнувајќи го економскиот раст во ЕУ, Меркел ја искористи можноста да ги потсети Германците дека на земјата ќе ѝ оди добро само ако на Европа ѝ оди добро.
ЕУ одбрана наместо протекционизам
Осврнувајќи се на трансатлантските односи, Меркел го пофали договорот ЦЕТА за слободна трговија меѓу ЕУ и Канада и ја предупреди Европа од „самоизолација“. Во индиректен напад на протекционистичкиот курс на американскиот претседател Доналд Трамп, Меркел додаде дека ЕУ ќе се брани себе си од „нефер“ протекционизам.
Што се однесува до бегалската криза, канцеларката во Бундестагот истакна дека нема сомнеж дека е направен прогрес, но и оти системот за азил на ЕУ мора да биде реформиран.
Меркел ја искористи традиционалната владина изјава пред Бундестагот спроти самитите на ЕУ да се осврне и на актуелниот дипломатски спор со Анкара околу откажувањето на настапите во Германија на турски политичари во рамките на кампањата за референдумот во Турција на 16 април.
„Нацистичките“ споредби мора да запрат
Таа притоа го бранеше договорот меѓу ЕУ и Турција за бегалците. „Без такви спогодби , ќе моравме да прифатиме илегална миграција, што немаше никому да му помогне“, изјави Меркел додавајќи дека односите меѓу Германија и Турција се „комплицирани, но важни“.
„Не можат да се оправдаат. Тоа мора да запре“, истакна канцеларката.
Таа притоа ги критикуваше рестрикциите на слободата на печатот во Турција, имајќи го предвид уапсениот германски новинар со турско потекло Дениз Јунџел. „Германската влада ќе стори сѐ да осигура Јунџел да биде ослободен“, истакна Меркел.
Ангела Меркел од А до Ш: многуте лица на канцеларката
Која е Ангела Меркел? Новинарот на Ројтерс, Андреас Ринке ја анализира германската канеларка во својот „Лексикон“. Тој го следи нејзиниот живот со цел да прикаже појасна слика за една од најмоќните жени во Европа.
Фотографија: dapd
„Триаголникот на моќта“
Меркел стана препознатлива по користењето на истата гестикулација пред камерите и при нејзините јавни настапи. Начинот на кој канцеларката ги спојува прстите на дланките некои го нарекоа „Меркелин ромб“, а други „триаголник на моќта“. Дали тоа го прави свесно или е само рутинска гестикулација од навика, е прашање што ги збунува современите критичари и новинари. Што таа сака да каже со тоа?
Германската канцеларка на европскиот политички паркет е позната по својот суверен, ангажиран и навидум опуштен изглед. Иако понекогаш знае да се насмее во вистинското време, на последниот европски лидерски самит во Братислава, таа беше повеќе воздржана. Од нејзината лева страна е данскиот премиер Ларс Локе, а од десната страна премиерот на Белгија, Шарл Мишел.
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet
Селфи со канцеларката
Меркел се најде во центарот на вниманието со нејзиниот одговор на бегалската криза. На дилемите околу тоа може да се одговори доколку предвид се земат елементи од нејзиниот личен живот, како што тоа го прави Ринке во својата книга. Таа често посетува училишта и прифатни центри за бегалци, а притоа одвојува време и за селфи, како овде, во 2015 година, со сирискиот барател на азил Анас Модамани.
Фотографија: Getty Images/S. Gallup
Жонглер во коалицијата
Како канцеларка и претседателка на ЦДУ, Меркел понекогаш се соочува со потешкотии да остане обѕирна кон сите нејзини „деловни“ партнери. Таа не реагира чувствително како што тоа го прави нејзиниот коалиционен партнер Зигмар Габриел од СПД. На нападите од лидерот на баварската ЦСУ, Хорст Зехофер кој е „архетипичен баварец“, таа одговара со студена објективност.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. von Jutrczenka
Љубопитност за дигиталната ера
За школуваниот физичар Ангела Меркел се вели дека светот на интернетот и дигиталните медиуми ѝ е релативно непознат, иако нејзиниот тим сега има Инстаграм профил, кој го одржува нејзиниот официјален фотограф. Сепак, тоа не ја сопре да го зграби вниманието на основачот на Фејсбук Марк Закерберг за време на работен ручек во Обединетите нации во 2015 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Ќерка на свештеник
Како ќерка на протестантски свештеник, вредностите на Меркел, според Ринке, биле обликувани согласно нејзиното христијанско воспитување. Во 2016 година, таа имаше приватна средба со папата Франциско во Ватикан. За време на средбата тие разговарале за нивните омилени книги.
Фотографија: Reuters/A. Pizzoli
Здравица за пријателски политички релации
Меркел не е позната по тоа дека често се опушта. Сепак, иако ретко поради нејзините работни обврски, прославите на кои учествува таа се организирани со стил. Во 2013 година, во чест на 50-годишнината од склучувањето на Елисејскиот договор меѓу Германија и Франција, Меркел го покани целиот парламент да наздрават со шампањ за пријателските односи помеѓу двете земји.
Фотографија: AP
Моменти на приватност
Канцеларката добива малку слободни моменти за одмор, а и кога е на одмор, како што е прикажано на сликата (во Полска), таа не може да им избега на љубопитните очи на јавноста. Нејзиниот сопруг Јоахим Зауер (на фотографијата прв од лево) ретко е во центарот на вниманието.