1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел загрижена поради омразата и ксенофобијата

З. Јордановски / дпа/афп/ртр31 август 2015

Прес-конференција на германскиот канцелар: Меркел загрижена поради омразата и ксенофобијата во Германија, кои дојдоа до израз во бегалската криза. Таа побара флексибилност од Германија, но и од ЕУ.

Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Германскиот канцелар Ангела Меркел најави остро постапување со средствата на правната држава против расистите и екстремистите при напади врз бегалци. „Нема никаква толеранција спрема оние, кои го ставаат под прашање достоинството на други луѓе“, рече Меркел на денешната прес-конференција во Берлин. Таа, слично како и во новогодишното обраќање, ги предупреди граѓаните да не им се придружуваат на расистички или десно-екстремистички демонстрации. „Светот ја гледа Германија како земја на надеж и шанси. Но, навистина не беше секогаш така“, истакна Меркел.

Таа индиректно предупреди на можна нова поделба во Германија, нагласувајќи дека не сака да оценува дали неприфаќањето на бегалците е поизразено на Истокот. Но, ја истакна и својата загриженост дека во земјата има таква омраза и такво расположение. „Тука мора да има јасно разграничување“, не смее да биде покажано ни трошка разбирање: „Никакво биографско искуство, никакво историско доживување, ништо, ама баш ништо не оправдува такво постапување“, категорично нагласи германскиот канцелар.

Меркел бара поголема флексибилност во Германија

Со оглед на драматично растечкиот број на бегалци кои доаѓаат во Германија, Меркел побара поголема флексибилност при постапувањето на државните органи. Германија ќе излезе на крај со овој предизвик, но „сега мораме да ги забрзаме работите“, истакна таа и побара привремено да не се применуват некои стандарди, за да може да се поедностави изградбата на сместувалишта за бегалците. Владата ќе поведе законска иницијатива во таа насока, навести Меркел. Во тој контекст таа иницира и создавање предуслови за проширување на понудата од курсеви по германски јазик за бегалците.

Канцеларот се заложи и за забрзување на постапката по барањата за азил, како и за зголемување на капацитетите на прифатилиштата, во кои бегалците првпат се пријавуваат откако ќе влезат во земјата. Сојузните власти ќе се заложат за праведна распределба на трошоците со покраините и општините.

Фотографија: Reuters/A. Schmidt

ЕУ-државите мора да ја делат одговорноста за бегалците

Ангела Меркел побара флексибилност и од Европа како целост. Државите мора да ја делат одговорноста за бегалците - баратели на азил. „Универзалните граѓански права досега беа тесно поврзани со Европа и нејзината историја. Тоа беше еден од основачките импулси за ЕУ. Таа тесна врска ќе се загуби, ако Европа потфрли по прашањето за бегалците и тоа нема да биде Европа каква си ја замислуваме“, рече германскиот канцелар Меркел.

Шефот на германската влада нагласи дека Даблинското правило и натаму е во сила и оти земјата на ЕУ во која бегалците првпат се регистрирале и побарале азил е надлежна за обработка на тоа барање. Ова претпоставува дека бегалците би можеле да бидат вратени од друга земја на ЕУ во онаа, во која поднесле такво барање.

За Грција - исти камати, но подолг грејс-период и рок за отплата?

На прес-конференцијата во Берлин Меркел се осврна и на актуелни прашања од меѓународната политика. Таа најави четворен телефонски разговор со францускиот претседател Оланд, претседателот на Украина Порошенко и со рускиот претседател Путин во обид за заживување на мировниот процес и договорот од Минск. Можна е и лична средба на четворката, но според Меркел тоа има смисла само ако претходно биде постигнат некаков напредок. Пред средбата на лидерите, би се одржала средба на министрите за надворешни работи на четирите земји, најверојатно кон средината на септември.

Во однос на грчката криза, канцеларот не гледа простор за натамошно намалување на каматите за кредитите доделени на Грција, оти тие и онака се премногу ниски. Но, според Меркел, има можност да се преразгледа грејс-периодот и роковите за отплата на кредитите.

Канцеларот го искажа и разочарувањето поради непроменетиот антиизраелски став на Иран и по постигнувањето на спогодбата во атомскиот спор.

Меркел го поздрави и поактивното учество на Турција во борбата против Исламската држава и се заложи за продолжување на мировниот процес со забранетата партија на Курдите - ПКК.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми